Пендаровски им додели признание „Инженерски прстен 2023“ на 12 најуспешни дипломирани инженери

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги врачи инженерските прстени на 12 најуспешни дипломирани студенти од македонските факултети што негуваат инженерски дисциплини. 

Манифестацијата „Инженерски прстен“, која традиционално е под покровителство на претседателот на државата, а во организација на Инженерската институција на Македонија и на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, се одржа во претседателскиот Кабинет.

Претседателот Пендаровски во обраќањето на 20. јубилејна церемонија на „Инженерски прстен“ нагласи дека оваа манифестација во континуитет ја симболизира посветеноста на генерации млади луѓе кон инженерската професија и претставува потсетник за обврската да не се отстапува од високите професионални и етички стандарди на струката. Упатувајќи честитки до годинешните добитници, Претседателот истакна дека од нив зависат идниот развој и напредок на македонското општество и посочи на одговорно користење на знаењата и на вештините за општо добро. Тој ги охрабри младите инженери да се вклучат во глобалниот натпревар на идеи и решенија што можат да придонесат за поодржлив раст и развој за Македонија, за регионот и за Европа.

Добитници на признанието „Инженерски прстен 2023“ се:

- Елена Настеска - Архитектонски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,

- Димитар Гошев - Градежен факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,

- Моника Шаревска - Машински факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,

- Вероника Стојановска - Технолошко-металуршки факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,

- Бојан Софрониески - Факултет за електротехника и информациски технологии, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,

- Симона Цветковска - Факултет за земјоделски науки и храна, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,

- Милена Трајаноска - Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,

- Ники Петрески - Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,

- Ева Ристова - Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,

- Антонио Андоновски - Природно математички факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,

- Ана Михаиловска - Факултет за природни и технички науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип,

- Сара Петковска - Технички факултет Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани добитници на признанието „Инженерски прстен“,

Ценети декани и професори,

Драги пријатели,

Пред точно 20 години, на иницијатива на Инженерската институција на Македонија, а под покровителство на претседателот на државата, започнавме да го доделуваме признанието „Инженерски прстен“ за најдобрите дипломирани студенти од областа на инженерските науки. Оттогаш до денес, овој „Инженерски прстен“ во континуитет ја симболизира посветеноста на генерации млади луѓе кон инженерската професија.

Во оваа прилика ќе ми дозволите да споделам со вас неколку аспекти што, според мене, во себе ги содржи ова признание.

Прво, признанието има за цел да ве мотивира да се стремите кон извонредност. Императив во животот е постојано да се надградувате, да ги унапредувате своите технички знаења и дигитални вештини, да ги ширите вашите видици. Трудете се да размислувате интердисциплинарно бидејќи најголемите научни, технички и технолошки пробиви се случуваат кога ќе излезете од комфорната зона на вашата потесна струка и ќе се соочите со идеите и концептите на различните дисциплини.

Второ, за да бидете успешни во новите комплесни, динамични и софистицирани услови креирани од дигиталната револуција, вие не можете да се потпрете само на знаењето и на технологијата. Неопходен е и нов начин на работа и за вас и за компаниите за кои ќе работите или кои можеби самите ќе ги основате. Затоа е нужно, час поскоро да се вклучите во иновациските екосистеми за многу полесно да го најдете вашето место во Индустријата 4.0.

Трето, признанието создава обврска. Инженерскиот прстен е потсетник за вашата обврска да не отстапувате од високите професионални и етички стандарди на струката. Инженерски еквивалент на Хипократовата заклетва е таканаречената Архимедова заклетва, што подразбира одговорно користење на знаењата и на вештините за општото добро, водејќи сметка, меѓу другото и за квалитетот на животот на луѓето и за заштита на животната средина.

Не случајно денешнава 20. јубилејна церемонија се совпаѓа со Светскиот ден на животната средина. Инженерите имаат клучна улога во изнаоѓањето на одржливи технолошки решенија за климатските промени и за заштитата на животната околина. Успесите што многу наши млади луѓе ги постигнуваат на меѓународните натпревари и конкурси сведочат дека македонската инженерска заедница не заостанува зад колегите од странство. Затоа, ве охрабрувам да се вклучите во глобалниот натпревар на идеи и решенија што можат да придонесат за поодржлив раст и развој за Македонија, за регионот и за Европа.

Четврто, признанието сведочи и за должноста на нашата држава да се грижи за вас, да го следи вашиот кариерен напредок и да ги поддржува вашите професионални потфати. Државните институции, заедно со академската заедница и со бизнис-секторот мора да продолжат да вложуваат во вас, бидејќи од вас зависат идниот развој и напредок на македонското општество. Само така ќе станеме подобро место за живеење во кое македонските граѓани ќе имаат шанса да ги реализираат своите потенцијали дома, а не во странство.

На самиот крај, изразувам благодарност на Инженерската институција на Македонија и на професорите кои се посветени на вашиот развој, а вам, на годинешните добитници, ви честитам за признанието и ви посакувам многу успех на секој план.

Терзиќ: Можевме да победиме со поголема разлика

Тренерот на Борусија Дортмунд, Един Терзиќ е задоволен од победата над ПСЖ синоќа со 1:0 во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите, иако смета дека разликата можеше да биде и поголема.

- Ова е заслужена победа, добра тимска игра. Можевме да постигнеме повеќе голови, исто како и тие. Затоа, од моја гледна точка, резултатот не е лош. Многу се движевме, но тоа е неопходно во ваков натпревар. Мора да се стекнеме со право да играме на „Вембли“. За тоа ни треба само реми во реваншот, но секако дека сакаме и да победиме следната недела. Имаме мала предност и добра можност, изјави Терзиќ за сајтот на УЕФА.

Реваншот ќе се игра на 7 мај во Париз.

Другата полуфинална двојка во елитното фудбалско натпреварување е Реал Мадрид – Баерн Минхен (2:2 прв натпревар). /МИА

Синер: Морав да се повлечам од турнирот во Мадрид

Италијанскиот тенисер Јаник Синер објасни зошто решил да се повлече од турнирот во Мадрид.

Во четвртфиналето на Мастерсот требаше да игра со Канаѓанецот Феликс Оже-Алиасим, кој сега автоматски се пласираше во полуфиналето, каде што ќе игра со победникот од двојката Данил Медведев - Јиржи Легечка.

- Многу е тажно да го пропуштам мојот следен натпревар овде во Мадрид. Колкот ме мачи оваа недела и болката постепено се влошува. Следејќи ги советите на лекарите, решивме дека е подобро да не играме понатаму. Во текот на следните неколку дена ќе спроведам други тестови и ќе ги следам советите на специјалистите за закрепнување. Ви благодарам за поддршката, напиша Синер на социјалните мрежи.

Оваа сезона 22-годишниот Италијанец освои три турнири - Австралија опен, како и турнирите во Ротердам и Мајами. /МИА

Блинкен го повика Хамас да се согласи за примирје за да им помогне на луѓето во Газа

Хамас соопшти дека ќе одговори „во многу краток период“ на предлогот.

Највисокиот американски дипломат Антони Блинкен го повика Хамас да го прифати планот за примирје во Газа и покрај израелското предупредување дека армијата ќе продолжи да се бори против палестинската милитантна група по каков било прекин на огнот.

Посредниците предложија договор за примирје со кој би се запреле борбите на 40 дена и би се размениле заложници.

Хамас соопшти дека ќе одговори „во многу краток период“ на предлогот.

„Хамас треба да каже „да“ и треба да го заврши тоа“, рече Блинкен синоќа додека беше во Израел на својата седма турнеја на Блискиот исток од почетокот на конфликтот во октомври.

Тој подоцна додаде: „Ако Хамас всушност тврди дека се грижи за палестинскиот народ и сака да види итно олеснување на неговото страдање, треба да го прифати тој договор“. /МИА

притисни ентер