Меѓу првите пресвртници кај вашето бебе, насмевката е веројатно една од најслатките! Додека вие со нетрпение ја чекате таа прва насмевка, бебето може да ве изненади со насмевка додека спие, дури и во првите недели од животот. Зошто бебињата се насмевнуваат во сон? Дали е тоа намерно или се работи за нешто друго?

Бебешка насмевка во сон: рефлексна или вистинска?

Иако е симпатична, поспаната насмевка на новороденчето е веројатно резултат на неволен рефлекс. „Бебињата можат да направат многу експресивни лица во различните фази на спиење. Не е невообичаено да се забележи навидум првата насмевка на бебето додека спие“, објаснува педијатарот Амака Прист. „Интересно е што бебињата може да се намуртат, да се грчат или да си ги цицаат усните додека спијат.

Овие рефлекси на спиење можат да послужат како „пракса“ за бебето, помагајќи му да ги совлада идните социјални вештини. „Студиите сугерираат дека овие движења можат да ги зајакнат мускулите кои бебето намерно ќе ги користи за да се насмее и да направи други изрази на лицето“, вели д-р Прист.

Што се случува кога бебето спие?

Како и возрасните, новороденчињата поминуваат одредено време во РЕМ (брзо движење на очите) сон – само многу повеќе во споредба со возрасните. За време на спиењето, новороденчето нормално поминува низ 2 фази на спиење: активен сон и длабок сон. Се смета дека активната фаза, позната и како РЕМ-фаза, која подразбира брзо движење на очите, се создава со интензивна активност на мозокот. Ова се случува околу 60-90 минути откако бебето ќе заспие, но спиењето функционира во циклуси, така што РЕМ-фазата исто така ќе се замени со длабок сон. Сепак, најверојатно ќе ги видиме нашите бебиња како се насмевнуваат, прават гримаси или ги истегнуваат нозете за време на РЕМ-спиењето.

Насмевката и плачењето како средство за комуникација

Бидејќи не можат да зборуваат, насмевката и плачењето се основно средство за комуникација на бебињата. Ова, барем, е точно во првите моменти по раѓањето. Сепак, имајте на ум дека некои студии успеале да докажат дека бебињата се социјални суштества веќе неколку дена или дури и часови по раѓањето. Затоа нивните насмевки можат да бидат одговор на позитивни чувства или смирувачки чувства, како што е галење по образот. Пријатните дразби, како што се познатите гласови, мириси и вкусови, исто така можат да предизвикаат насмевка кај бебето.

Новороденчињата не сонуваат, но имаат меморија

И додека гледаме бебе кое цврсто спие, често го гледаме и како се насмевнува, тоа не мора да значи дека сонува, дури и ако така изгледа. Всушност, тоа е речиси невозможно бидејќи новороденото бебе сè уште нема доволно искуство за паметење, ниту пак способност за замислување, а неговиот мозок сè уште расте за да ги стекне овие капацитети. Спиењето во првите недели од животот има некои многу специфични и важни функции кои вклучуваат помагање на бебињата да го развијат својот мозок, да обработуваат информации и да ја консолидираат меморијата, која почнува да се формира во утробата. Последново всушност може да се докаже со набљудувањето на процесот – како бебињата можат да го препознаат гласот на мајката или таткото, само неколку часа по раѓањето.

Автор: Ема Јуриќ

Извор



912

X