ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Аркан Керим: Од туризмот може да заработиме една милијарда евра, треба да ја продадеме нашата приказна

Аркан Керим/Фото: „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ

Имаме најубаво вино, имаме најубави ќебапчиња. Ни дојдоа гости од Сплит, многу познати пејачи. Ги прашав дали сте јаделе симит-погача. Ми одговорија дека не знаат што е тоа. Кога ги однесов на симит-погача, се фрапираа. Мораме со интересни работи да ги анимираме гостите, да бидат задоволни, да го прераскажуваат своето патување и повторно да дојдат

Македонија има прекрасни градови со богата историја, убави, планини, езера, најубави вина, врвна гастрономија, но треба да знаеме како тоа да го продадеме и да го развиеме туризмот. Од него би можеле да заработиме една милијарда евра, а потоа и повеќе. На туристичкиот сектор му треба државна помош, добро е да имаме Министерство за туризам, туристичка инспекција и да ставиме ред во оваа стопанска гранка, порачува во интервјуто во програмата на „Слободен печат“ Аркан Керим, претседател на Угостителско-туристичката комора.

Керим вели дека поради предизборниот период, туристичката сезона доцни. Пролет е период кога обично се развива бизнис-туризмот, но очекувањата за интензивирање се дека тоа ќе се случи по мај.

– Туристичката сезона ја спасуваат средношколци. Ако пред 4 години увезовме едно 10.000 работници, сега немаше да имаме проблем со работна сила. Ќе ги мотивиравме нашите луѓе да не одат во странство, затоа што тогаш немаше да бидат комотни дека ако одат во странство три месеци за сезона, потоа, пак, ќе можат да се вратат и овде да работат – вели Керим.

Тој забележува дека, за жал, имаме голем проблем со хигиената и дека сето тоа го гледаат гостите и негативно влијае врз туризмот и нуди интересна идеја за партиите што се во политичката кампања – еден ден од таа кампања да издвојат за чистење на градовите и на патиштата.

– Скопје во 2028 година ќе биде град на култура. По некои најави, Скопје треба да го посетат 2 милиони туристи. Дали сме спремни за тие туристи? Дали имаме каде да ги сместиме? Дали имаме авиолинии според тој интерес? Дали културолошки можеме да го поддржиме тој настан? – прашува Керим.

Но, како што вели Керим, ние имаме многу што да понудиме.

– Имаме најубаво вино, имаме најубави ќебапчиња. Ни дојдоа гости од Сплит, многу познати пејачи. Ги прашав дали јаделе симит-погача. Ми одговорија дека не знаат што е тоа. Кога ги однесов на симит-погача, се фрапираа. Такво нешто има само во Скопје. Значи, мораме со интересни работи да ги анимираме гостите, да бидат задоволни, да го прераскажуваат своето патување во Скопје и повторно да дојдат. Еве, на пример, во Сплит сега хит е симит-погача. Дури и размислуваат во бурекџилниците да прават симит-погача – раскажува Керим.

Целото ВИДЕОИНТЕРВЈУ погледајте го во продолжение:

 

Керим  забележува дека за да се рекламира нашата земја, државата треба да оддели повеќе пари и нагласува дека буџетот за реклама во рамките на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот е само 40.000 евра.

– Замислете, од вкупен буџет на државата од 5 милијарди евра, за реклама на туризмот има само 40.000 евра! Ние како стопанство сами бараме пазари. Имаме неколку иницијативи да ја промовираме Македонија. Јас, конкретно со Комората, и партнери компании од Комората направиме план за промоција во Њујорк, Чикаго и во Торонто во Канада. Сакаме заедно со винарниците, со хотелите, со авиокомпаниите да направиме македонска вечер. Го поканивме и нашето Министерство за надворешни работи да нè следи. Средивме сали, покани… Спроти зградата на Обединетите нации во Њујорк има една многу убава зграда каде што во сала за 400 луѓе ќе ја направиме промоцијата. Ги очекуваме сите дипломати и амбасадори во Обединетите нации. Ќе поканиме новинари, важни туроператори… – објасни Керим.

Иако Америка е далеку, тој вели дека очекува гости од таму, затоа што Американците одат во Грција, па можеме да се вклучиме во некоја тура.

– Целта е да се направи ваква промоција и во сите европски градови – вели Керим.

За тоа колку е важна промоцијата, претседателот на Комората потсетува на развојот на туризмот во Албанија, која отишла многу чекори пред нас.

– Албанците многу инвестираа во документарни програми, на француски, на шпански медиуми… Сега имаат редовни линии од Париз, од Мадрид, а тиранскиот стана водечки аеродром во регионот – вели Керим.

Тој порачува дека туризмот е нешто кон кое треба да се насочат сите – од самите стопанственици, преку општините до државата, затоа што придобивките за економијата може да бидат огромни. Притоа сите треба да продаваат позитивна приказна.

– Деновиве ни дојдоа гости од Етнолошки универзитет од Копенхаген. Тие прават истражување како влијае Скопје 2014 врз туризмот. За тоа се пишуваше и во некои туристички списанија. Ние треба да го одбраниме тој проект. Каков е таков е, тој е наш, и тој проект треба да го продадеме – вели Керим.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот