„Жешко“ во ИЕ 4: Филипче обвинува за лажен патриотизам, Николоски дека го уништил здравството

фото: колаж/принтскрин/социјални мрежи

Во четвртата изборна единица како носители на листи од двете најголеми партии се соочени поранешниот министер за здравство Венко Филипче и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски. Николоски и денеска продолжи со обвинувањата кон Филипче дека го уништил здравството и дека ќе биде запишан на најцрните страници, а Филипче пак стои на ставот дека државата не може да оди напред со, како што рече, лажниот патриотизам.

Николоски нагласи дека од друга страна е неговиот против кандидат, „човекот кој го уништи здравството“.

„Човекот кој ќе остане запишан на најцрните страници на македонското здравство, влече десетици афери позади себе, дали е тоа случајот со приватизација на стерилизацијата, дали е тоа провизијата за вакцини кои не стигнаа, дали е тоа сомнителната набавка на апарати или неговата улога во случајот Онкологија каде што терапија не беше давана на болни од канцер на кои им беше најпотребна“, рече Николоски.

Венко Филипче,  денес беше во посета на Валандово каде оствари средби со граѓани. Се осврна на актуелната политичка состојба и пораките од партиите.

„СДСМ нема да трпи уцени. Оние кои му мислат добро на СДСМ секогаш остануваат и се борат од внатре да ги менуваат работите на подобро. Вистинските социјалдемократи не бегаат и не се обидуваат да ја поделат СДСМ. Граѓаните и гласачите на СДСМ веќе ја препознаваат измамата која им е сервирана од страна на ЗНАМ. Паднаа маските, се открија скриените коалиции кои имале за цел ослабување на СДСМ. Но, за нивна несреќа тоа нема да се случи. Ја верувам дека има доволно време до 8 мај, оние кои сега ја видоа скриената агенда на ЗНАМ, да ја преиспитаат одлуката и да ја поддржат СДСМ на изборите“, рече Филипче

Во врска со противкандидатот, Филипче претходно рече граѓаните „да не наседнуваат на лажниот патриотизам промовиран од луѓето во Белата палата, симболот на криминалот и корупцијата“.

„Не наседнувајте на приказните за правда од оние кои пробаа да извршат убиства во Собранието, за да не дојде до промена на власта. Не наседнувајте на лажните патриотски приказни на оние кои имаат резервна татковина, за кои патриотизмот е единствено чукање во гради додека државата пропаѓа во изолација. Тоа не е патриотизам, тоа е алатка за замајување на граѓаните“, истакна Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот