Гласањето за претседател непречено се одвива, до ДИК се пристигнати 12 приговори
Гласањето за претседател трае веќе два часа и 30 минути и тоа на сите избирачки места, мирно и без пријавени неправилности, информираше претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.
Во 9 часот до Државната изборна комисија пристигнати се податоци за излезност на гласачите од 832 избирачки места. Вкупен број на избирачи кои гласале во избирачките места од кои пристигнале податоци е 15.487 лица а процент на избирачи кои гласале на избирачките места од кои пристигнале податоци е 3,85 проценти.
До ДИК се доставени 12 приговори за заштита на личното избирачко право кои се обработуваат.
Изборниот ден го набљудуваат 915 домашни и 544 меѓународни набљудувачи, како и 58 странски новинари. Активен е и бесплатниот телефонски број 0800 555 44 на кој граѓаните може да постават прашање до ДИК или да пријават неправилности. Активна е и видео линијата 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат идниот ден да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик. Наредната прес конференција на ДИК е закажана за 13 часот.
Нема пријавено големи неправилности, туку само на неколку места имало технички проблеми со батерија или кабел, кои се решаваат тековно. Сите гласачки места се отворени, рече претседателот на ДИК Даштевски.
Гласачките места ќе бидат отворени од седум до 19 часот. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.
Право на глас има секое лице кое е запишано во изводот од избирачкиот список и поседува важечка лична карта или пасош, односно лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од 24 јули 2023 до 24 април 2024 година.