Стејт департмент: Сериозна владина корупција и и насилство врз новинари

Во текот на годината немаше значителни промени во состојбата со човековите права во Северна Македонија, пишува во извештајот на Стејт департментот за состојбите со човекови права за 2023 година.

Сериозна владина корупција, сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, насилство и закани за насилство насочени кон ЛГБТ-и заедницата се само дел од забелешките и во овој извештај. Во него меѓудругото, се додава дека Владата презела ограничени чекори за да ги идентификува и казни оние кои можеби извршиле кршење на човековите права.

Извештајот забележува дека Владата не ги спровела ефикасно кривичните казни за корупција, а се осврнува и на измените во Кривичниот законик, кои „значително ги намалиле обвиненијата и казните за кривичните дела поврзани со корупцијата“.

„Законот предвидуваше кривични казни за корупција од страна на функционери, но владата не го спроведе ефективно законот. Имаше бројни извештаи за владина корупција. Во септември, владата усвои измени на кривичниот законик, значително намалувајќи ги обвиненијата и казните за кривични дела поврзани со корупција. Невладините организации (НВО) тврдеа дека како најголем работодавач во земјата, доминантната улога на владата во економијата создава широки можности за корупција“, се наведува во извештајот.