Ванковска: И јас и Левица сме ѝ потребни на Македонија, сега кога е најтешко!

Антропол: Вашето претставување како потенцијален претседателски кандидат поддржан од Левица се чини дека предизвика мал „политички земјотрес“. Дали го делите тоа чувство и како ден потоа гледате на вкупните реакции во јавноста?


Ванковска: Бидејќи ова интервју навистина го правиме на неполни 24 часа од вчерашната објава, искрено ќе ви кажам дека сум сè уште зашеметена од интензитетот на реакциите. Знаевме дека моето име ќе предизвика изненадување и лавина реакции, но ова што се случува е неверојатно искуство. Првото изненадување беше пристојното медиусмко присуство на конференцијата за медиумите, потоа неколкуте интересни прашања, а на крајот фактот што веста се прошири за миг. Тоа го напишав на Фејсбук статус, но да кажам и сега: студентите (и тие што биле мои, ама и од други универзитети) беа најентзуијастични. Во еден миг си реков во себе дека ова е најдобро признание за мојата професорска кариера. Но, јас ја имам таа среќа да предавам Политички систем и да ги учам што е демократија, избори, институции и сл. уште во првиот семестар, а мојот учебник е достапен онлајн и бесплатно, па го користат и многу други, сега ме соочува со фактот дека не смеам да ги разочарам. Еден студент тоа најубаво вчера ми го напиша во порака: професорке, сега имате можност да покажете во дело и да водите со сопствениот пример! Да скратам, првата реакција е толку позитивна што мислам дека ми создаде своевиден „штит“ пред сето она што следува – а очекувам да има брутални и недолични атаци од познатите „кујни“. Но, сега се чувствувам „недопирлива“, бидејќи имам јасна цел и мисија, и не сакам да ги разочарам сите оние кои веруваат дека можам да внесам промена.


Антропол: Зошто ја прифативте поканата на Левица? Што е она што ве мотивира во овој момент, особено имајќи предвид дека подолго време бевте повлечена од јавната сцена?


Ванковска: Се повлеков од јавната сцена постепено, откако прво се разочарав од квалитетот на јавната дебата и медиумите, потоа многу депримирачки на мене делуваше фактот дека во некои од најкритичните моменти за нашата држава, огромниот број граѓани остана пасивен. Тука мислам на протестите, бидејќи јас верувам во демократија одозодола, односно во политичка партиципација, учество на т.н. „обични луѓе“, а не во месии. Иако имавме бројни иницијативи, движења, алтернативни дејствувања, по референдумот од 30 септември 2018 година како народ се „издишавме“ пред неправдите. Сега народот се буди кога ги чувствува бруталните последици на Преспанскиот процес, а и сето она што ни се случува во врска со Бугарија и ЕУ и т.н. Во сиот тој период, активистите на Левица ми се чинеа како единствена светла точка во една крајно депресивна ситуација и знаев и да се прекорам себе си дека пречесто паѓам со духот. Ова го забележуваа многу мои драги и ценети пријатели кои ми укажуваа дека колумните ми се премногу песимистични.
На Пленумот (конгресот) на Левица, претседателот на партијата имаше еден „атомски“ говор, од кој во умот особено ми остана една порака: дефетизмот е контрареволуционерен! И во право е! Додека кукаме и плачеме над нашата судбина, пееме патриотски песни и вееме знамиња леејќи солзи, всушност, само си ја смируваме совеста. А не чиниме ништо да ја смениме стварноста. За внатрешната постапка за селекција кандидати и проценување на нивниот рејтинг меѓу членството на Левица, воопшто не бев ни свесна кога во една комуникација со Апасиев ми беше кажано дека јас сум на врвот. Признавам, на тоа реагирав со искрена смеа (јас, во политика!), но потоа ја сфатив сериозноста на овој предизвик.
Моите најблиски ми го кажаа тоа дома на не многу нежен, ама ефикасен начин: ти, којашто себе се дефинираш како левичарка, којашто застапуваш такви вредности во колумните и во своите постапки, не можеш да се „вадиш“ во моментите кога е најтешко! Или ќе се нафатиш, или молчи засекогаш! И кога велам „најтешко“, не мислам на Левица (на која всушност одлично ѝ оди со оглед на сета медиумска блокада и напади од сите страни), туку на Македонија. Јас секогаш сум била во тој симболички македонски блок, но исто така секогаш сум имала радикална, левичарска позиција. Така, одлуката сама се наметна: и јас и Левица сме ѝ потребни на Македонија, сега кога е најтешко!


Антропол: Вие всушност влегувате во предкампања, односно се подготвувате за процесот на собирање 10.000 потписи од граѓаните за да се официјализира вашиот статус на претседателски кандидат. Знаеме дека зад вас имате едно искуство од пред една деценија. Што е различно сега? Зошто сте оптимист дека ќе успеете?


Ванковска: Пред една деценија, кога се втурнав во (неподготвена) кампања, поддржана само од група млади волонтери и по некој повозрасен пријател, имав намера да разбранувам. Свесна бев дека шансите ми се мали, но посакував да седнам на оние претседателски дебати и да внесам свежина и поинаков дискурс. Мнозина ми се потсмеваа – од ВМРО-ДПМНЕ (на власт) ме нарекуваа „амбициозни поединци“, од некои кругови блиски на СДСМ бев елиминирана како „случаен минувач во политиката“, па дури и женските организации (со ретки исклучоци) ми порачаа „не е доволно што си жена“. Но, и без организирана поддршка и логистика јас стасав до речиси половина од потребниот број.
До ден денешен ќе слушнете потсмевања од типот на „фејсбук претседателка“, од луѓе кои не сфатија што значи сам, поединец, да тргне во нешто вакво. Иако предавам политички систем, на споствена кожа сфатив две работи: системот е поставен така за да оневозможни независен кандидат да успее, и второ – граѓаните имаат страв да појдат до канцелариите на ДИК за да остават потпис, од страв дека ќе бидат видени и казнети. Сфатив дека политичките слободи се навистина непостоечки. За политичка борба се потребни политички инструменти. Затоа, сега сум оптимист: организација и логистика имам, и таа доаѓа од една неверојатно енергична и мотивирана партиска структура. Од друга страна, за десет години минавме од низ пеколот по сите основи (едноставно, НИШТО не функционира), па и на граѓаните им треба промена. Ние им ја нудиме, не само преку нов лик во политиката, туку и нов пристап, без ракавици, без високоучени мудрувања, со конкретни потези. Мислам дека тоа ќе допре до гласачите и дека ќе бидам учесник во претседателската трка. Врската со Левица е евидентна: патриотизмот и левата идеологија, кои заедно ги споделуваме.


Антропол: Првичниот впечаток е дека веста беше примена многу позитивно во пошироката јавност. Дали е тоа доволно? Дали нешто ќе се смени во наредниот период? Какви се вашите очекувања?


Ванковска: Доволно сум искусна да знам дека по правиот бран на изненадување и еуфорија, противничките табори (тука не мислам на политичките противници кои ќе се најдат во трката) веќе работат на негативниот бран. Подготвена сум на највалкани и најгнасни атаци, „копање“ по мојот личен и јавен живот од изминатите 30 години, пропаганда, спинувања, ad hominem напади – и сè што е на репертоарот. Но, реков, сега имам „штит“ а и зрелост да ги игнорирам кучињата што ќе лаат додека карванот минува. Свесна сум дека сега ќе почнат и странските служби да ми ја „чешлаат“ биографијата, особено затоа што знаеме кои и какви се нивните фаворити. Но, ве уверувам, јас расчистив прво со себе: јас не им се плашам, ниту ќе дозволам да ме демотивираат. И да ми се закануваат, јас не се повлекувам.


Антропол: Во оваа фаза, се разбира, не можеме да зборуваме за темелните принципи и решенија што ќе ги нудите во Вашата изборна програма, но можете ли да ни откриете нешто? Како ќе ги мотивирате граѓаните да излезат од дома и да појдат до канцелариите на ДИК?


Ванковска: Мислам дека низ мојата колумнистичка гласност, потоа учеството на социјалните мрежи, па и медиумите (кои ми ги преземаат ФБ статусите и без прашање) јас сум како „отворена книга“ – сите мои базични левичарски, морални и лични позиции се јасни како ден. Јас од нив не отстапувам, ниту пак партијата Левица на каков било начин ми врши притисок или контрола. Напротив, меѓу нас постои таква спонтана синергија што се разбираме лесно и без да се договараме.
Мислам дека граѓаните најпрво ќе ја препознаат храброста а потоа и чесноста/отвореноста со која ќе настапувам и застапувам нивните проблеми и барањето решенија. Ним им е преку глава од „избори без избор“ од црно-бел свет, од застрашувања и партиски дисциплинирања – верувам дека поривот за слобода е тука некаде, во секој од нас. За почеток јас навистина само малку барам: желба и подготвеност да се појде до канцеларијата на ДИК да се даде потпис.


Антропол: Вие сте долго време активна и гласна и на социјалните мрежи, поточно на Фејсбук. Ја гледаме вашата профилна слика и таа на профилот. Има ли тука некаква порака?


Ванковска: Да, тие фотографии ги менувам зависно од расположението, преокупацијата, пораката што сакам да ја пратам. Тие што ме следат знаат дека од почетокот на октомври јас сум гласна и вознемирена до корен од сето она што се случува во Газа, т.е. со геноцидот врз еден мал и храбар народ. Палестинската шамија е, како што знаете, дури и забранета во некои земји како наводен знак на антисемитизам, па затоа јас ја користам и како знак на отпор и солидарност со Палестинците. Секој оној кој е нем посматрач или јавен поддржувач на геноцидот се ставил на погрешната страна на историјата, ама и на моралот и меѓународното право. Ние, како народ, сме имале безброј ситуации кога на наш грб се кршело меѓународното право, но ми се чини како никогаш досега не сме имале власти кои тоа го прифаќале со две раце и се поклонувале пред „камшикот“. Нашата борба е секако различна, но палестинската храброст е нешто што може само да инспирира – ако тие можат да го издржат сето она, зошто ние не би се бореле со мирни средства за нашата слобода, идентитет, прогрес?


Антропол: Знаеме дека централниот фокус на претседателската функција е сопствената држава, нејзиниот прогрес, демократски развој и меѓународна положба. Но, вие секогаш покажувате не само интерес, туку и грижа и солидарност со народи и земји кои страдаат и се изложени на воени закани. Како би ги балансирале овие ваши преокупации?


Ванковска: Ниту една земја, па ни Македонија, не е изолиран остров. Тоа што сме мала земја, не нè ослободува од обврската да му припаѓаме на човештвото, да застанема зад најдобрите традиции на меѓународното право и моралот. Ако сакаме некој со нас да покаже солидарност, и ние мораме да го сториме тоа кога други страдаат. Тоа е мојата принципиелна позиција. Јас во империјални чадори не верувам, тие можат да те направат територија и колонија, но никогаш и достоинствен и слободен народ или член на меѓународната заедница во нејзината целина.


Антропол: Сиот изминат период на т.н. транзиција, а особено откако земјата ги дефинираше своите приоритети и амбиции да се зачлени во НАТО и ЕУ, постојано минуваме низ некакви реформски процеси. Што мислите за зборот „реформи“? Можно ли е државата и нејзините институции да се реформираат?


Ванковска: Тоа е таа постепена трансформација наводно во име на демократска транзиција, ние моравме да минеме низ економско преструктурирање соодветно на интересот на западот (Вашингтонскиот консензус, а потоа и сè друго), а посебна приказна е криминалниот начин на кој се изведе трансформацијата на општествениот капитал. Потоа следуваа политичките реформи, најнапред во божем либерална насока, за да во 2001 година ни биде наметнат систем на биетничка држава која нема ништо заедничко со првото. Празна флоскула на хартија останаа уставните принципи за народниот суверенитет, хуманизмот, меѓународното право, здравата животна средина – и социјалната држава. Всушност, сè што имаме сега е обратното, а притоа ја изгубивме и Македонија. Јас не гледам како ова може да се поправи со реформи! Затоа верувам во коренити промени, одоздола, со сосема нив граѓански устав.


Антропол: Дали и како е можно да се подобри меѓународната позиција на Македонија во меѓународните односи, притоа не губејќи ја од вид заштитата на националните интереси во еден динамичен глобален контекст?

Ванковска: Да се разбереме, ние треба да тргнеме од болната вистина дека сега сме сведени на територија, дека демократскиот процес е само фасада зад која странците ни кројат устав, име и презиме, историја, економија, јавно мислење и т.н. Македонија е колонија и тоа го зема како европеизација. Јас се сложувам со неореалистите (во теоријата на меѓународни односи): во денешни услови најважен е националниот интерес, а дури потоа некои „виши“ (геополитички) цели. Кога САД бранат „американски национални интереси“ во Азија или во Латинска Америка или Африка, тоа е империјалната логика на „Америка на прво место“. Кога ние ќе се обидеме да заустиме такво нешто, ни велат дека сме назадни, балканци и националисти. Мораме да ја научиме азбуката на меѓународниет односи и прво да го гледаме сопствениот интерес. И да избегнуваме конфронтации и заземање страна во новата Студена војна.


Антропол: На кој начин може да се обезбеди принципот на социјална правда, особено на најранливите, изложени на постојани предизвици и неправди?


Ванковска: Како што веќе реков, таквите фундаментални принципи прво мора да станат жива уставна норма, а потоа и јавна политика и практика. За целосно остварување на тие цели ни треба нова политичка елита со доволна храброст и визија да ги презеде тие чекори. Претседателот има само помал удел во овие области, но може да биде vox populi, народен трибун и промотор на вредносната вертикала која ќе ги опфати сите граѓани без оглед на национална, етничка, родова или каква и да е друга припадност.


Антропол: Како планирате да ги користите вашите односи со други земји и меѓународни организации во насока на стимулирање на економскиот раст и развој на земјата?


Ванковска: Таа политика ќе биде во духот на неконфронтација, широка соработка и водење сметка за сопствениот интерес и народ. Светот се промени, сега е мултиполарен, и срамота е тоа да го знаат многу африкански нации (без намера да ги омаловажам, туку да ја нагласам нивната тешка колонијална судбина) – а ние да веруваме во бајати бајки во кои ние сме колатерална жртва на туѓи интереси и туѓи национализми.