Рубрика: Астрономија и астронаутика
Најмоќниот сончев блесок во овој циклус... досега
Објавено на 19.12.2023 - 14:30

Во четвртокот, од Сонцето еруптираше огромен сончев блесок. Појавата предизвика умерено радио помрачување во Јужна Америка и креираше спектакуларни појави на поларна светлина во следните неколку дена. Иако ова беше најмоќниот сончев блесок регистриран последниве шест години, експертите велат дека нема да биде последен, а ниту најголем во овој сончев циклус. Имено, активноста на Сонцето се зголемува и, според добар дел од прогнозите, сончевиот максимум треба да го очекуваме некаде во средина на летото 2025 година.

Блесокот потекнуваше од активната сончева дамка AR 3514. Беше снимен како сончев изблик од класа X2.8. Имајте предвид дека „Х“ е ознака за најинтензивната од петте категории, при што бројот го бележи интензитет на блесокот. Исто така целиот настан беше класифициран како R3. R-скалата е мерка за сончевите блесоци и нивната моќ да предизвикаат радио помрачување. Таа се движи во распон од R1, за мало попречување на радиосигналите, до R5, кое означува екстремно попречување/помрачување на радиосигналите. Овие попречувања што имаат силно влијание врз одвивањето на радиокомуникациите, како и функционирањето на GPS навигацијата и на радарската технологија. Влијанието притоа е ограничено на дневната страна од нашата планета, која во тој момент е свртена кон Сонцето.

Иако сончевиот блесок е спектакуларен, тој не е единствен сончев настан. Сончевите блесоци претставуваат изблици на електромагнетно зрачење и тие бргу стигнуваат до Земјата. Короналните исфрлања на маса се побавни, но тие ослободуваат и магнетно поле и плазма. Ако материјалот е насочен кон Земјата, може да се појават геомагнетни и јоносферски бури кои можат значително да ја нарушат технологијата во вселенската средина во близина на Земјата. Ако е за каква таква утеха, патот на исфрлениот материјал до Земјата може да трае повеќе денови, па тогаш има малку време да се подготвиме за последиците.

Сончевите блесоци не предизвикуваат исфрлање на короналната маса, но исфрлањето на короналната маса може (иако не мора) да биде поврзано со сончев блесок.

За среќа, минатонеделниот сончев блесок не бил насочен кон Земјата, но имал одредено влијание. Блесоците и короналните исфрлања на маса што ја погодуваат Земјата може да предизвикаат значително повеќе проблеми.

Ерупцијата на блесокот мошне веројатно ќе придонесе за поинтензивна појава на аурори – поларна светлина, вклучително и на географски широчини подалеку од половите.

Активноста на Сонцето се зголемува како дел од неговиот 11-годишен циклус. Моментално се приближуваме кон врвот на овој циклус, наречен сончев максимум, но во зависност од тоа кого прашувате, максимумот би можел да се случи во периодот од 2024 до 2025 година. Точниот момент ќе го знаеме дури откако тој ќе помине.

Постојат бројни сателити (и копнени телескопи) насочени кон Сонцето, што ни овозможуваат да ги видиме и анализираме сончевите настани. Врз основа на овие набљудувања се издаат релевантни прогнози и предупредувања за сопствениците и операторите на критичната инфраструктура и технологија што може да бидат погодени од временските услови во вселената.

 

Извор Cosmos

Клучни зборови: