До кој месец од бременоста е дозволено да се плива во море, како да се справите со летните горештини, какво однесување треба да се избегнува на море, се само дел од прашањата што ги мачат трудниците во лето.

Гинекологот д-р Ула Мартон вели дека трудниците не треба да го избегнуваат летниот одмор на море.

– Доколку се работи за нормален тек на бременоста, тоа значи дека трудницата нема висок крвен притисок, нерегулиран дијабетес, нерегулирана хормонална функција на тироидната жлезда, бубрежни заболувања и/или срцеви заболувања, доколку не постои сомнеж за ниско плацентарно ниво или можност за предвремено раѓање или каква било опасност за фетусот, на пример, ретардација на феталниот раст, трудниците можат да патуваат. Сепак, на патувањето до дестинацијата, како и на самата дестинација, идната мајка треба да се приспособи на своите физички можности, постојано слушајќи го своето тело. Патувањето со кое било транспортно возило бара одмор на секои 1,5 до 2 часа со лесно истегнување, одење и освежување – препорачува д-р Мартон.

Гинекологот вели дека пливањето во море не е пречка и не може да направи проблеми во бременоста. Напротив, морето благотворно влијае врз телото, а капењето ѝ овозможува на трудницата правилно да вежба. Сепак, треба да обрнете внимание на температурата на морето.

– Во секој случај, пливањето во море е многу поприфатливо од пливањето во базени и бањи. Поради температурните разлики, се препорачува да се избегнуваат турски бањи, влажни и суви сауни. Од хигиенски причини се препорачува избегнување џакузи – советува гинекологот.

Она на што идните мајки дефинитивно треба да обрнат внимание, истакнува д-р Мартон, е да ги менуваат водените костими за капење со цел да го спречат воспалението на мочниот меур, кое е многу почесто во бременоста.

Избегнувајте прекумерно изложување на сонце

Гинекологот генерално препорачува да се избегнува прекумерно изложување на сонце кое може да предизвика изгореници, сончаница со треска и дехидрација со пад на нивото на електролити, што може многу да ја загрози мајката, но и бременоста.

– Затоа, бидете внимателни, не заборавајте да внесувате течности, три до четири литри дневно, со многу овошје и зеленчук на секои два до четири часа. Возењето со моторни чамци и глисери не се препорачува во втората половина од бременоста, ниту скијање на вода и скокање на глава во вода бидејќи приспособувањето на притисокот на мајката може да доведе до несвестица. Пливањето мора да биде избалансирано и соодветно за физичката кондиција на мајката – советува д-р Мартон и додава дека ако бременоста е нормална, стравот и предрасудите се единствените причини зошто некои веруваат дека пливањето во море е опасно за трудниците.

– Уживајте во морето и неговите благодати, како и во бременоста – препорачува гинекологот.

Извор



912

X