Додека уживате во водата со вашето малечко, без разлика за каква вода се работи и каде се наоѓа, сигурно ќе заборавите на сè околу себе и ќе се препуштите на уживањето. Покрај тоа, ќе уживате додека го гледате вашето дете како се смее и се забавува, бидејќи повеќето деца навистина ја сакаат водата. Сепак, фактот дека уживате, никогаш, апсолутно никогаш, не смее да ве направи непретпазливи. Затоа што дури и да мислите дека тоа не може да ви се случи вам и на вашето дете, мора да знаете дека давењето е втора водечка причина за смрт кај децата, прва се сообраќајните незгоди.

Во Америка постои организација наречена „CAST Water Safety Foundation“, непрофитна организација чија мисија е да обезбеди поддршка на семејствата – во форма на зајакнување и едуцирање на децата, со цел што побрзо да станат безбедни пливачи. Тие предупредуваат дека не сите помагала на дување се добра опција за непливачите. Ова се нивните упатства за безбедност на децата во вода:

Избегнувајте помагала за учење пливање во базени

Помагала за оние што не знаат да пливаат, како што се „мускули“ на дување, го одложуваат процесот на учење на пливањето и создаваат лажна доверба кај децата. Премногу деца мислат дека е забавно и лесно да се биде независен во вода, а токму тоа подоцна би можело да ги чини живот. Но, од друга страна, елеците за спасување се многу важни бидејќи можат да ви го спасат животот додека пловите на чамец, ги истражувате карпите покрај морето или пливате во природни води. Па како да го преживеете летото без такви помагала? Ако сте во вода вие со детето, нема потреба од помагала. Покрај тоа, нека биде правило оние што не знаат да пливаат да влегуваат во вода кога влегуваат и возрасните или кога се во непосредна близина.

„Надзорот“ нека стане „ангажирање“

Која е разликата? Надзорот е стоење покрај базен или море и гледање на децата додека „пливаат“. За кратко време ви го одвлекува вниманието друго дете, куче, мобилен или нешто трето. И да имате супермоќ, надзорот за време на пливањето не го решава проблемот за најмалите деца.

Ангажманот вклучува влегување во базен со детето, држење и играње со него – и, се разбира, гледање во детето. Не е секогаш лесно, но други опции не доаѓаат предвид.

Часовите по пливање и познавањето на водата се исклучително важни

Сите деца ги кршат правилата. Кога ќе го направат тоа, можат да дојдат до водата во која им било кажано дека не треба да одат сами. Во тој момент нивото на вештина за пливање на детето станува единственото нешто што е важно. Лекциите што детето може да ги научи на курс соодветен за возраста обезбедуваат вештини што можат да спасат животи. Во идеална варијанта, детето ќе научи како да го најде својот пат до површината во различни позиции и околности.

Пливајте само ако сте добро опремени

Ако се впуштате во летна авантура со деца што не знаат да пливаат и сте опкружени од повеќе деца, во жежок летен ден, подобро е да го прескокнете одењето на базен и наместо тоа, играјте во некоја сигурна средина – со прскалки, на водена подлога, подлога за прскање…

Ако часовите по пливање веќе не се опција, еве неколку совети како да останете безбедни ова лето:

-Ако не можете да го најдете вашето дете, прво проверете во водата. -Запомнете, шансата детето да се удави се зголемува по завршувањето на времето за пливање, додека водата е сè уште во близина.

-Пливајте заедно. Вртете се или приспособете се, но секогаш дружете се во вода со вашите деца кои не знаат да пливаат.

-Ако правилото е дека сите гледаат во водата: речиси е сигурно дека во одреден момент никој нема да погледне во водата. Одредете кој точно ќе гледа.

-Нека вашата рутина за пливање навистина биде рутина, и тоа важна. Внимавајте кому ќе му го доверите вашето дете на курс за пливање.

-Детето нека носи светли бои за подобра видливост. Неонските бои се во совршен контраст со водата.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X