Опашот (поглавје 86 од „Моби Дик или Китот“)

29.01.2024 11:02
Опашот  (поглавје 86 од „Моби Дик или Китот“)

Други стихотворци многуфално чуруликале за кроткото антилопино око, или за прелестните перја на птицата што никогаш не слетува; не толку небесен, јас воспевам опаш.

Сметајќи дека опашот на најголемиот спермокит почнува онаму каде што трупот се стеснува до обем на човечки појас, нему само горната страна му се простира на површина од барем педесет четворни стапки. Краткото дебло од валчестиот корен му се разгранува во две широки, цврсти, плоснати лопати, или пала, чија дебелина постепено се тенчи и на крајот се сведува на нецел палец. Кај чаталот, или расклонот, лопативе малку прават преклоп, а оттаму странично се развиваат како крилја и меѓу себе оставаат широка празнина. Кај ниеден жив створ убавината не се оцртала полепокројно отколку во српестите рабови на тие пала. На сосема израснат кит, распонот на опашот значително му надминува дваесет стапки во пречник.

Целиот тој дел изгледа како густо ткаено мрежесто легло од заварени жили; но засечете навнатре и ќе видите дека го градат три посебни слоеви: горен, среден и долен. Влакната од горниот и од најдолниот слој се долги и водорамни; во средниот влакната му се многу куси и накрсно се движат меѓу надворешните слоеви. Ова троединство му ја дава на опашот силата како и сè друго. Оној што проучува древни римски бедеми, ќе си види во средниот слој свидна сличност со танкиот ред тули што секогаш во красните древни урнатини се изменуваат со каменот, а бездруго многу имале удел во силната крепкост на ѕидаријата.

Но, како да не била доволна силата уложена во жилавиов опаш, па морало целата телесија на левијатанот вдолж-попреку да му се ткае и снова со преѓа и со јаток од мускулни конци и нишки што, оптегнати по обете страни на бедрата, влегле во палата, за таму мазно да се состават со нив и толку да им ја умножат моќта, што да личи дека сиот слив од сета безмерна сила на целиот кит таму во опашот се восредиштил во една точка. Кога би можело да се сништи материјата, ете го орудието.

A оваа неимоверна сила не ја сквернави дражестната виткост на неговите движења, во кои детинска леснина се лелее низ титанска моќ. Напротив, тие движења од неа си ја црпат пречудесната прелест. Вистинската сила никогаш не ги крни убавоста и складноста, туку често токму таа ги дава; а во сите велелепности, голем удел во волшепството има и силата. Извадете ги врзаните тетиви што чиниш отсекаде пукаат во мермерот на вајаниот Херкул и отиде чарта. Кога верни Екерман го кренал ленениот покров од голото тело на покојни Гете, го восхитиле тие грамадни гради, онакви слични на огромна римска победославна капија. Кога Анџело го слика дури и Бог Отецот во човечки образ, глејте што снага е тоа. А колку и да откриваат од божеската љубов на Синот, оние нежни, кадрави, хермафродитски италијански слики, во кои најуспешно се втелесило неговото поимање – тие слики, онакви лишени од секаква кршност, не се признак на никаква друга освен на само спротивната, женска сила за покорност и трпение, кои, признаваат сите, се токму најнасушните доблести на кои подучувал.

Толку витко растеглив е тој орган, што секое движење му го краси кибарна дражест, без разлика дали замавнат во игра, за погон, или од срдост, во какво расположение и да бил. А во тоа не може да го надвисочи ни самовилска рака.

Својствени му се пет основни движења. Прво, кога служи како погонска перка; второ, кога служи како боздоган в борба; трето, за пипкање; четврто, за метење; петто, за вишење пала.

Прво: Бидејќи е водорамно положен, опашот на левијатанот работи различно од опашите на сите други морски створови. Никогаш не го врголи. Кај риба или кај човек, врголењето е знак на нискост. На китот само опашот му е погонско средство. Штом како свиток ќе го навие нанапред под телото, брзо го зафрла наназад, а токму тоа на чудовиштево му го дава оној посебен полет, скоковитиот двиг кога жестоко плива. Бочните перки му служат само како крми.

Второ: Прилично е значајно што додека спермокитот користи глава или челуст в бој со друг спермокит, во расправија со човек тој главно презриво се служи со опашот. Кога замавнува кон чамец, брзо ги навива кон себе двене пала, а ударот го задава повратната спрега. Ако непречено се низложи од воздух, особено ако се свали врз својата цел, ударот е начисто неистрплив. Ни во човек ни во чамец нема ребро што ќе му устои. Единствен спас ви е да му се држите скраја; но ако дојде отстрана, низ водата што му пружа отпор, тогаш, делумно поради лекопловноста на китарскиот кајк и неговата свитлива граѓа, обично најтежок исход е некое поткршено ребро или распукани штица-две, некој расцеп на бокот. Во велриболовот вакви бочни подводни удари се примаат толку често, што важат за обична играчка. Само некој да слече капутче и ете во дупката затка.

Трето: За ова немам докази, но чинам дека на китот сетилото за допир му е најсосредоточено во опашот; зашто со таму насобраниот усет може да се рамни само истанчената сетилност на слоновската сурла. Оваа сетилност најмногу му се гледа кога мете, кога со моминска дражест китот лекичко и бавно од една на другата страна си ги ниша огромните пала по морето горе; а ако напипа од морјанска брада макар и влакно, тешко на тој морјан и на неговата брада. О, нежност голема во тој најпрв допир! Да имаше тој опаш моќ да фаќа, веднаш ќе си го замислев Дармонодовион слон што си шетал онаму по цветниот пазар и со поздравен наклон им дарувал китки на моми, та потоа им галел разни места. Многу причини има да се жали што китот во опашот си нема таква фаќалска моќ, зашто сум чул за друг слон што ранет во битка ја свиткал сурлата и со неа си извадил стрела.

Четврто: кога крадешкум од притај го гледаш китот сред привидната сигурност на навидум пустите морја, ќе го видиш без стегите од грамадната огромност на својот углед, заигран таму по океанот како маче, небаре пред некое огниште дома. Но и во таа игра му се гледа нему големата сила. Ги зафрла широките пала вишно во воздух, па ја треснува површината, а громниот потрес ечи со милји. Ќе си речеш дека тоа припукал огромен топ, а ако му го видиш и бледиот венец пареа над ноздрата кај другиот крај, ќе си речеш дека тоа таму од фитилот се крева чад.

Петто: кога левијатанот плута во оној нему обичен став, палата му лежат многу пониско од грбот, па затоа и се сосема невидливи под површината; но кога тргнува да нурне во длабоката пропаст, целите пала и барем триесетина стапки од телесијата ги зафрла високо во воздухот, му стојат некој миг така, за потоа надолу устрмени да ги снема. Освен возвишениот пролом – што допрва ќе го опишувам на друго место – вишењево на китските пала е можеби највеличествена глетка во целата жива природа. Надвисочен над бескрајните длабочини, џиновскиот опаш изгледа како в грч да посега кон вишни небеса. Така на сон сум го видел велелепни Сатана да си ја пружа напатената огромна канџа од огните на Балтикот што пламти в Пекол. Но кога си загледан во вакви глетки, сè зависи од расположението; те обзел ли Данте, ќе гледаш ѓаволи; те понел ли Исаија, архангели. Застанат еднаш броду на јарболна вигла, кога залез порфирно озари небо и море, видов на исток големо стадо китови, сите управени кон сонцето таму, и наеднаш, кратко, сите складно стреперија со кренатите пала. И си помислив тогаш дека никогаш никаде не се видело толку прелестно поклонение на бозите, дури ни во Персија – земјата на огнољупците. Како што засведочил Птоломеј Филопатор кога го гледал африканскиот слон, така јас тогаш го гледав китот и го прозвав најнабожно од сите створенија. Зашто во древнини, според крал Јуба, војничките слонови често на утрото му правеле поздрав со кренати сурли и во штамна тишина.

Случајнава споредба во ова поглавје помеѓу китот и слонот, во поглед на некои својства на опашот на првиот и сурлата на вториот, не е тука за да направи равенство меѓу тие два спротивни органа, а уште помалку меѓу створовите на кои им припаѓаат. Зашто, како што најголемиот слон за лавијатанот е само обичен териер, така, во споредба со левијатанскиот опаш, и сурлата му е само стебленце од крин. И најстравотниот удар со слоновска сурла е како игралит лепет со лепеза спроти безмерниот разгром и слом од тучните спермокитови пала, кои многупати еден по друг џиткале цели кајци сосе сите весла и посади, што да летаат во воздух, како што Индиски жонглер си фрла топчиња.

Колку повеќе мислам на пресилниов опаш, толку повеќе ме жалости немоќта да му изречам опис. Понекогаш има во него движења, кои, иако би разубавеле и човечка дланка, останале крајно необјасниви. Во големо стадо овие таинствени движења понекогаш се толку видливи, што сум слушнал ловци како ги прогласуваат за масонски знаци и симболи; како велат дека китот, вистина, на тој начин умно разговарал со светот. А и не му недостигаат на китот други движења во целото тело, полни чудесии, неразбирливи дури и за најпрекалениот негов душман. Затоа, како и да го сецирам, пак сум само во поткожјето; не сум го познал, и никогаш нема да го знам. Но ако не го познавам ни опашот на китов, како да му ја запознаам главата? А како ли да му познаам лице, кога лице си нема? „Ќе ја видиш задницата моја, на опашот мој нагледај му се”, изгледа вели, „но лицето мое ќе остане невидено”. Но ни задницата не можам да му ја распознаам; и што сака нека кажува за своето лице, пак велам дека го нема.

Слики: Felicia Chiao

Превод: Огнен Чемерски

Извор за текстот: Моби Дик или Китот (Полица, 2018)