ДИК со очекувања изборите да поминат во фер и демократски дух

Изборите да поминат во духот на демократијата, да бидат фер и кредибилни, очекува претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски. ДИК треба да излезе со првични неофицијални резултати до полноќ.

Во интервју за Македонската радио телевизија, Даштевски рече дека од утре почнува доставата на доверливиот и недоверливиот материјал до општинските избирачки комисии (ОИК) и дека останува ОИК да ги примат материјалите и да ги достават до избирачките одбори, пренесе МИА.

Рече дека вчера имале состанок со претставници на Министерството за образование и наука и дека е договорено ден пред изборите, во оние училишта каде ќе се спроведуваат изборите, наставата да трае до 11 часот, по што ќе поче да се носат изборните материјали.

Во однос на објавувањето на првичните резултати, Даштевски рече дека се допрецизираат деталите со цел до ДИК побрзо да се испраќаат поважните податоци и првичните резултати веќе да бидат објавени до полноќ.

– Партиите се многу побрзи во објавувањето на резултатите затоа што нивните членови се на лице место. Имаме план кој треба да го доразработиме со компанијата која ќе биде задолжена за објавување на податоците со цел некои податоци кои се најважни да ги испраќаат побрзо за да ги објавиме првичните неофицијални резултати до полноќ. Сметам дека ќе успееме во тоа, рече Даштевски.

Досегашната кампања оценува дека е во рамки на правилата на игра и дека досега не се забележани посериозни инциденти и напади.

– Досега немаме добиено никаква пријава дека некој постапува спротивно на правилата. Доколку има, би имало пријави. Мислам дека не се пречекоруваат правилата кои се задолжителни со Изборниот законик, вели Даштевски.

Во поглед на тоа што веќе е започната кампањата за парламентарни избори, а во вторник е изборен молк за претседателските избори, Даштевски појасни дека тој ден може да продолжи кампањата за парламентарните избори, но дека не смее да се промовираат претседателските кандидати во медиумите.

Во однос на цензусот за претседателските избори и дали би можело да се случи тој да не се постигне во вториот круг, Даштевски очекува дека цензусот ќе се постигне.

Двојните избори, според проценките на ДИК, ќе чинат околу 17 милиони евра. Досега акредитирани се 942 набљудувачи од ОБСЕ, 568 се меѓународни набљудувачи, а домашни 342 и 32 акредитирани новинари

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот