И возрасните и децата го сакаат овој летен десерт, но како и за повеќето благи работи, родителите се прашуваат кога треба да му го понудат на детето.

– Сладоледот е незаменлив дел од летната исхрана, па често се поставува прашањето кога може да им се даде на најмалите. Имено, не постои точна препорака, но поради високата содржина на шеќер и температурата на производот, не се препорачува да се дава на дете пред да наполни една година, па дури и малку подоцна – објаснува нутриционистот Тена Нисетео.

Во првата година исхраната треба да се заснова на природна храна и да се избегнува индустриска храна, како слатки и грицки.

– Индустриските сладоледи содржат адитиви и шеќери, но за постаро дете ова може да биде поквалитетен избор на десерт. Домашниот сладолед може да се нуди од една година бидејќи комбинацијата од овошје и млеко или јогурт може да биде добра ужина – објаснува нутриционистката.

Постарите деца можат слободно да го консумираат бидејќи може да биде добар млечен оброк. На крајот, тоа е млечен производ, односно високохранлив десерт, а нутритивно е секогаш добро да се збогати со парчиња свежо овошје (боровинки, кајсии, праски, јагоди и сл.).

Важно е да се напомене дека во летниот период храната многу побрзо и полесно се расипува, поради што е добро да се следат едноставни упатства: секогаш внимателно проверувајте ја храната, купувајте помали количества расиплива храна, чувајте ја правилно и подгответе ја веднаш пред јадење.

Рецепт за класичен сладолед од ванила

Состојки:

200 мл млеко
200 мл слатка павлака
50 г шеќер
3 жолчки
Малку ванила

Подготовка:

Изматете ги жолчките со шеќер. Загрејте го млекото со павлака и ванила. Пред да зоврие, извадете ја ванилата, истурете ја во садот со јајцата додека мешате. Ставете ја смесата на пареа и мешајте додека не се згусне, внимавајќи да не зоврие. Оставете ја да се излади, па ставете ја во замрзнувач еден до два часа. Кога кремот ќе се стврдне, извадете го од садот, мешајте на мала брзина неколку минути. Повторно ставете го во замрзнувач и повторете ја постапката два или три пати во интервали од еден час. Послужете го со чоколадо и шлаг.

Рецепт за лесен сладолед од кокос

Состојки:

275 мл полномасно кокосово млеко
350 мл свеж крем
2 јајца
2 жолчки
5 мл/ 1 лажичка екстракт од ванила
100 г шеќер
сол

За украс: 50 г кокосово брашно, пржено до златно-кафеава боја
Гранче нане

Подготовка:

На средна топлина гответе ги кокосово млеко и павлака во период од 5 минути. Изматете ги јајцата, жолчките, ванилата, шеќерот и солта. Во длабок сад претурете ја оваа мешавина. Ставете ја смесата со јајца во поголем сад и полека додавајте ја топлата смеса од кокосово млеко и павлака. Додека мешате, варете на пареа доволно долго за да се згусне смесата. Тргнете го садот од оган. Додека смесата се лади, повремено мешајте. Кога доволно ќе се излади, ставете го во замрзнувач 1 час. Извадете го од замрзнувачот, блендирајте го додека не стане кремаст и вратете го во замрзнувач додека не се стврдне. Посипете ги со пржено кокосово брашно и гранче нане.

Извор



912

X