НАТО Индустриски ден

Преку зголемено учество на НАТО пазарот до конкурентност со компаниите од сојузничките земји.

Рамноправност во нудењето на производи и услуги за потребите на Алијансата, зголемено учество на НАТО пазарот и здружувањето на способностите на индустријата од сите земји се дел од препораките на НАТО – Индустрискиот ден што се одржува во Скопје, а на кој учествуваат високи претставници на двете агенции на Алијансата, НАТО Агенцијата за поддршка и набавки (NSPA) и НАТО Агенцијата за комуникации и информации (NCIA), како и претставници на стопанските комори, бројни македонски компании и претставници на академската заедница.

Според министерката за одбрана, Славјанка Петровска членството во НАТО освен безбедносната, има и друга димензија, а тоа е можноста македонските компании рамноправно да се натпреваруваат со сите останати компании во земјите членки во нудењето на производи и услуги за потребите на алијансата.

- Станува збор за значаен пазар од околу 5 милијарди евра на годишно ниво кој не смееме да го пропуштиме. Мора да бидеме амбициозни, да се натпреваруваме со квалитет и со капацитети и да докажеме дека македонските компании, технолошки и развојно можат да одговорат на барањата и да бидат конкурентни со компаниите во сојузничките земји, рече таа.

Дополни дека ја радува фактот што секоја година сѐ поголем број компании во Република Македонија изразуваат интерес да се впишат во регистарот на економски оператори и да добијат потврда за исполнетост на услови за учество во постапките за потребите на НАТО и земјите членки.

- Следниот наш заеднички предизвик е зголемено учество на НАТО пазарот. Министерството за одбрана е партнер кој е подготвен да им помогне на компаниите пристапот до овој пазар да биде достапен, рече таа.

Генералната менаџерка на НАТО Агенцијата за поддршка и набавки (NSPA), Стејси Камингс, истакна дека тие се врската помеѓу сојузниците на НАТО, самата алијанса и индустриите.

- Минатата година генералниот секретар кажа дека без индустрија нема одвраќање и нема одбрана. Здружувањето на способностите на индустријата од сите земји на алијансата за унапредување на на технологијата, поддршката и напредок на алијансата е од клучно значење, рече таа.

Дополни дека ја разгледуваат следната генерација системи за одбрана, и поддршка преку давање на поддршка во поглед на работите како што се енергија, струја, храна и сето тоа што е потребно на силите за одржување на вежби и ставот на одвраќањето и одбраната.

- Во 2023 доделивме договори во вредност од 10,6 милијарди евра. Ние ја почитуваме конкуренцијата што постои во сите земји членки на НАТО бидејќи сметаме дека таа е најдобриот начин на кој што може да се добијат најдобрите производи и резултати за Алијансата, по најдобра цена, рече таа.

Шефицата за набавки во НАТО Агенцијата за комуникации и информации (NCIA), Џенифер Аптон, сподели дека нашата држава сѐ уште има неистражен потенцијал во однос на индустриските способности за поддршка на Алијансата.

- Иако нашата Агенција сѐ уште нема потпишано договор со индустриите од Македонија, ние сме оптимисти дека тоа наскоро ќе се промени и тоа е една од причините што сум денес тука. Со нетрпение очекувам да се поврзам со различни компании и со вас за да разговараме за бизнис можностите за време на мојот брифинг и на билатералните средби кои се закажани за подоцна во текот на денот, рече таа.

Дополни дека иако НАТО не е најлесното деловно опкружување, но, како што рече, Агенцијата е тука за поддршка.

- НАТО се потпира на иновации и најсовремена технологија од цела Алијанса за да остане пред противници и да му помогне на НАТО да ја заврши својата технолошка предност. За да можеме тоа да го сториме ни треба водство и поддршка од нашите земји и повеќе од кога и да било ни требате вие експертите, иноваторите и претприемачите од индустриската база, рече таа.

Според неа, индустријата игра многу важна улога во нашето кредибилно одвраќање и одбрана и нивната цел е да ја поттикнат нашата индустрија и непрофитните организации да научат и да ги истражат можностите што ги има НАТО за нивната работа и експертиза.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, истакна дека овој настан е со посебно значење, имајќи предвид дека домашните компании денеска ќе имаат можност да стекнат подобро разбирање за процесите, правилата и регулативата за тендерските набавки во овој сојуз.

- Ова ја нагласува нашата посветеност за продлабочување на политичките и безбедносните врски со НАТО, но, сигнализира и подготвеност овие врски да ги прошириме во доменот на економија. НАТО е секако многу повеќе од политички и безбедносен сојуз. Тој во себе содржи и економска мрежа од можности чие искористување во најголем степен зависи од самите нас. Пред домашните компании се отвора простор да учествуваат во тендерски постапки кои се проценуваат во милијарди евра, рече вицепремиерот.

Дополни дека го радува тоа што веќе имаме примери на компании од држави – членки на НАТО, што сакаат да инвестираат во Северна Македонија.

- Придобивките секако ќе бидат на повеќе страни. Повеќе инвестиции значат повеќе нови работни места, но и македонски компании дел од производствените ланци на добавувачи на НАТО. Апел до сопствениците и менаџерите на домашни компании, да не се воздржувате и да не стравувате, туку цврсто да ја искористите можноста што ја дава НАТО за развој на бизнисите, а секако и ние како Влада сме овде да ви помогнеме, рече тој.

Со членството на Северна Македонија во НАТО, се отвори можност за учество на македонските компании на НАТО пазарот вреден околу 5 милијарди евра годишно. Со цел поддршка на компаниите во процесот на добивање на потребните сертификати за учество на тендерите на НАТО пазарот, Министерството креираше Центар за поддршка на компаниите. Преку овој Центар се врши упис на економски оператори и се добива потврда за исполнетост на услови за учество во постапките за набавки за потребите на НАТО и земјите – членки. Секоја година по членството во НАТО забележано е зголемување на интересот на македонските компании за упис во евиденцијата за економски оператори. Ако во 2021 година, впишани се 8 компании, а во 2022 – 11, минатата 2023 година 21 компанија биле внесени во оваа евиденција, а само во првите два месеци годинава бројот на компании е 4. Вкупно досега во евиденцијата на економски оператори впишани се 44 компании. /МИА

Пендаровски: Сè додека го зборуваме, создаваме и твориме на македонски, нашиот јазик ќе постои

Сè додека го зборуваме, создаваме и твориме на македонски, нашиот јазик ќе постои и сите негови ирационални негации ќе бидат беспредметни.

Сè додека го зборуваме, сè додека создаваме и твориме на македонски, нашиот јазик ќе постои и сите негови ирационални негации ќе бидат беспредметни, стои меѓу другото во пораката од претседателот на Стево Пендаровски по повод 5 Мај - Денот на македонскиот јазик.

-Нека ни е честит 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Пред точно 79 години беше озаконета македонската азбука со што континуираниот развој на македонскиот јазик низ вековите конечно добива своја рамка и се формализира. Од првите црковнословенски ракописи од 10 век, преку јасно пројавената свест за неговата посебност во деветнаесеттиот век, што кулминира со делото на Мисирков, па понатаму преку Рацин до Конески, Кепески, Лапе..., сè до ден-денешен, македонскиот јазик се развива и се збогатува зацврстувајќи ја својата позиција во светското семејство на јазиците, се наведува во порака.

Македонскиот јазик како официјален јазик во нашата татковина, се посочува, го зборуваат нашите граѓани, многубројните Македонци во дијаспората, но и многу вљубеници и почитувачи слависти-македонисти низ целиот свет.

-Сè додека го зборуваме, сè додека создаваме и твориме на македонски, нашиот јазик ќе постои и сите негови ирационални негации ќе бидат беспредметни. Сè додека се живи говорителите ќе биде жив и јазикот, и сè додека е жив македонскиот јазик ќе постои и нашиот македонски идентитет. Затоа да го чуваме и да го негуваме, и секогаш да ги ползуваме најблагите и најубавите зборови изразувајќи си почит, внимание и љубов, стои во пораката од претседателот Стево Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик.

Семејствата на заложниците го повикуваат Нетанјаху да обезбеди договор за примирје

Од Форумот сметаат дека сега е време да се „предводи, покаже храброст и да се обезбеди враќање на сите 132 (луѓе) кои ги држи Хамас, живи, поради рехабилитација и на убиените за да бидат погребани“.

Форумот на семејства на заложници и исчезнати лица денеска на Денот на сеќавањето на Холокаустот, апелираше до премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху „да го игнорира целиот политички притисок“ и да се потсети на ветувањето „никогаш повеќе “ и да обезбеди договор за ослободување на Израелците земени како заложници во Газа.

Од Форумот сметаат дека сега е време да се „предводи, покаже храброст и да се обезбеди враќање на сите 132 (луѓе) кои ги држи Хамас, живи, поради рехабилитација и на убиените за да бидат погребани“.

Соопштението дојде на денот кога се очекува да продолжат разговорите во Каиро за потенцијалниот договор.

Се верува дека договорот за кој се разговара се состои во неколку фази. Во првата фаза би биле ослободени ограничен број таканаречени „хуманитарни“ заложници за неколкунеделно примирје.

Во следните фази, уште повеќе затвореници би биле ослободени во замена за Палестинците во израелските затвори, а постои можност и за воспоставување поцврсто примирје.

Хамас, сепак, инсистира дека нема да се согласи на договор кој не вклучува крај на војната.

Мицкоски: Верувам дека во среда ќе имаме убедлива двојна победа

Верувам дека во среда ќе имаме убедлива двојна победа, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија се блиску до 61 пратеник.

Верувам дека во среда ќе имаме убедлива двојна победа, Гордана Силјановска Давкова ќе биде идниот претседател на Македонија, а коалицијата Твоја Македонија и ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат 61 пратеник, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска пред Соборниот храм во Скопје, одговарајќи на новинарско прашање во врска со изборите во среда.

- На сите им е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ на овие избори е блиску до мнозинство во Парламентот, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски изрази благодарност до граѓаните кои гласаа за Силјановска Давкова во првиот круг и додаде дека се чувствува дека во среда ќе има масовност за глас за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија.

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

притисни ентер