Продолжуваат предизборните коалицирања, од ПССЕ оценка дека предизборниот период е стабилен и очекуваат избори според демократските стандарди

Во пресрет на претседателските и парламентарните избори, политичките партии продолжуваат со предизборните коалицирања.

Дел од Европскиот фронт на претстојните избори ќе биде и крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села.

Одлуката да се приклучат на Европскиот фронт - коалицијата предводена од ДУИ, како што изјави Села, била донесена едногласно а очекувањата се дека ќе освојат најмалку пет пратенички мандати.

ВМРО-ДПМНЕ синоќа на седници на Извршниот и Централниот комитет ги потврди листите за пратеници за претстојните парламентарни избори закажани на 8 мај.

Достоинство и Демокартски сојуз објавија дека излегуваат од владината коалиција и дека ќе и се приклучат на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Предизборната делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на крајот од неколкудневната посета на Македонија оцени дека периодот пред изборите е стабилен и се очекува изборите да ги исполнат демократските стандарди.