Маја Морачанин повторно избрана за претседател на ДОМ

На петтиот Конгрес на Зелената партија – ДОМ, кој се одржа денеска во „Александар палас“ во Скопје, за претседател на партијата повторно и едногласно е избрана досегашната лидерка, Маја Морачанин.

Од партијата соопштија дека заблагодарувајќи се на довербата, Морачанин нагласи дека ДОМ и во иднина ќе биде активен и конструктивен фактор во политичкиот пристап за решавање на сите општествени проблеми и прашања.

Политиката на Зелената партија – ДОМ не треба да се врзува само со еколошките теми и климата, туку и со почитувањето на човековите права, социјалните права, недискриминацијата, како и со политиките за развој на зелената економија, подвлече, Морачанин.

Делегатите на Конгресот (309), исто така, едногласно го избраа и новиот состав на Централниот и Надзорниот одбор на партијата, а беа усвоени и Извештајот за работата на ДОМ во периодот од 2018 до 2022 година, како и Предлог-програмата за работата на Зелената партија ДОМ во периодот до 2026 година, се вели во соопштението.

Пред делегатите и многубројните гости од другите партии, пратеници и претставници од Владата, на почетокот на петтиот Конгрес на ДОМ, се презентираа и поздравни говори на претставници на Европските зелени од повеќе земји-членки на ЕУ, како и на зелени партии од земјите во регионот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.