Германски министер најавува забрана за возење во викенди

Либералниот министер за транспорт стравува дека поради заглавеноста на владеачката коалиција во натегања по многу прашања (во последно време се скараа и за слонови), државата нема да може да ги исполни предвидените цели за намалување на штетните емисии од сообраќајот. Освен ако не се воведе забрана за возење во сабота и недела. На неопределено време.

Германскиот министер за транспорт се заканува дека ќе го забрани возењето за време на викендите за да се исполнат климатските таргети, доколку владејачката коалиција до јули не ги усвои реформите на Законот за заштита на климата.

„Фактот што потребните амандмани сè уште не се во сила доведува до значителни правни и фактички несигурности“, напиша Фолкер Висинг во писмо до лидерите на парламентарните групи на коалицијата. „Ова не служи ниту на климата ниту на угледот на федералната влада“.

Тој тврди дека доколку нема правна рамка, единствениот начин да се постигнат зацртаните цели за редукција на сообраќајот и гасовите од него ќе бидат „сеопфатни забрани за возење во сабота и недела, на неопределено време“.

Актуелната владеачка „семафор“ коалиција, која стои зад веројатно најнепопуларната германска влада после Втората Светска војна е во меѓусебен клинч по многу прашања: забавената економија, долгот на земјата, платежни картички за имигрантите а во последно време се скараа и за слоновите.

17 април 2024 - 11:34