Работење

Александар Матески: Внимателно означување на пакувањата

03 апр 2024

Дел од ознаките се задолжителни, а дел се факултативни. Во секој случај, проверката не треба да се фокусира исклучиво на задолжителните податоци, туку и на факултативните.

Пишува: Д-р Александар Матески, директор на секторот за правни и корпоративни работи во „Прилепска пиварница“       

Секоја промена на етикета или пакување е долг и сложен процес, често поврзан со високи трошоци, но и проследен со реален ризик од грешки. Оттука, еден од највисоките приоритети на секој производител е правилно да ги означи производите. Информациите што треба да ги содржи секое пакување зависат од видот на производот, составот, територијата каде што се планира негова продажба и слично. Дел од ознаките се задолжителни, а дел се факултативни. Во секој случај, проверката не треба да се фокусира исклучиво на задолжителните податоци, туку и на факултативните од причина што т.н. доброволни ознаки најчесто треба да се потврдени од независно тело и да исполнуваат строги услови, па секое погрешно означување може да значи доведување во заблуда на потрошувачите, обврски за повлекување на производот и евентуално надомест на штета.

Ознаката мора да биде издржлива и трајна, дури и тогаш кога пакувањето е отворено. Ознаката треба да биде поставена на самото пакување или на неговата етикета.

Целта на означувањето на пакувањето е обезбедување наједноставен пристап до информации за природата на материјалот од кој е произведено пакувањето, што на крај ќе ги олесни собирањето, повторната употреба и преработката на пакувањето. Ознаката на пакувањето мора да биде јасно видлива и лесно читлива при продажба и при враќање на пакувањето.

Ознаката мора да биде издржлива и трајна, дури и тогаш кога пакувањето е отворено. Ознаката треба да биде поставена на самото пакување или на неговата етикета.

Пример на ознаки:

Начинот на нумерирање и означување детално е наведен во Правилникот за начинот на нумерирање и кратенките на кои се заснова системот за идентификација и означување на материјалите од кои е произведено пакувањето, како и формата и содржината на ознаката за постапување со пакувањето[1].

Доколку производителот не го идентификува и не го означи пакувањето со соодветна ознака во согласност со Законот, може да се соочи со висока глоба[2].

Во прилог IV од Директивата 2008/98 од Европскиот парламент и од Советот за отпад и за ставање надвор од сила одредени директиви[3], насловен како „Примери мерки што спречуваат настанување отпад“, едни од предложените мерки што може да влијаат врз фазата на потрошувачка и на употреба се: економски инструменти, како што се иницијативи за одговорно однесување на потрошувачите кон околината во смисла на купување производи со што помала амбалажа, организирање кампањи за подигнување на свеста, како и промовирање проверени (контролирани) екоознаки (Ecolabelling)[4]. Екоознаките се доброволни ознаки што укажуваат на влијанието на производите и на услугите врз животната средина. Процената на влијанието се темели на анализа на животниот циклус на производите, а за користењето на ознаките е неопходна претходна проверка на исполнетоста на зададените критериуми од независна трета страна.

Целта на означувањето на пакувањето е обезбедување наједноставен пристап до информации за природата на материјалот од кој е произведено пакувањето, што на крај ќе ги олесни собирањето, повторната употреба и преработката на пакувањето.

Едни од најпознатите екоознаки се: Organic (потврдува дека компанијата исполнува строги услови за органско производство), Forest Stewardship Council (FSC) (потврдува дека компанијата одржливо управува со шумите), Fair Trade Certified (најчесто се користи за кафе, чоколада, ориз, чај, шеќер и потврдува дека фармерите имаат добиено фер надоместок и имаат можност за добра здравствена заштита), Leaping Bunny (потврдува дека компанијата не го тестира производот на животни), NON-GMO Project Verified (потврдува дека во производот нема генетски модификации) итн.  

Oзнаката „Green Dot“ на пакувањето, која многу често може да се сретне на македонскиот пазар, значи дека за пакувањето е платен соодветен надомест кон овластениот колективен постапувач и се постапува во согласност со начелата дефинирани во Директивата на Европскиот парламент и на Советот за амбалажа и за отпад од амбалажа 94/62 и соодветниот национален закон.

Меѓународната организација Pro Europe во 1995 година доби генерална лиценца за користење на трговската марка „Green Dot на територијата на Европа[5].

Во РС Македонија ознаката на пакувањето „GREEN DOT“ може да ја користи само компанија која е клиент на „Пакомак“ д.о.о. Скопје, членка на Pro Europe од 20 мај 2011 година[6]

Доколку сте клиент на „Пакомак“ д.о.о., употребата на ознаката на територијата на државата е бесплатна[7]. За сите други субјекти истакнувањето на ознаката на амбалажата не е дозволено.

Пионерските чекори во насока на примена на примерите од Директивата „Пакомак“ д.о.о. ги направи преку означувањето на хотелите, рестораните и на кафулињата со сертификатни трговски марки „екокафе“, „екоресторан“ и „екозона. Услов за добивање на правото за користење на овие сертификатни трговски марки е субјектот да се занимава со угостителска дејност (ресторан, кафетерија и слично), од работењето да генерира отпад од пакување и тоа од неповратна стаклена амбалажа и/или пластична (PET) амбалажа, како и да има склучено договор за соработка со „Пакомак“ д.о.о. Скопје како колективен постапувач со отпад од пакување и во целост да се придржува кон договорените услови за соработка и кон законските и подзаконските акти што се однесуваат на постапувањето со отпад од пакување.

Сертификатните трговски марки на Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Пакомак“ д.о.о. Скопје, „Пакомак екоресторан“ (Pakomak Еco restaurant), „Пакомак екозона“ (Pakomak Еco zone) и „Пакомак екокафе“ (Pakomak Еco cafe) се доказ дека за сертификатните трговски марки може да има голем интерес од синџирот на хотелската и на угостителската дејност во нашата држава. Така, во 2018 година корисници биле 607 ресторани, хотели и кафетерии, додека, пак, заклучно со крајот на 2023 година нивниот број изнесува 1.162 корисници.

--------------------------------------------------------------------------------------------------------

[1] „Службен весник“ бр.62/2010 од 6.5.2010 година.

Другите информации што треба да се истакнат на пакувањето за храна, а во интерес на обезбедување висока заштита на правата на потрошувачите, детално се наведени во Правилникот за информации поврзани со храната, „Службен весник“ 150/2015 и 241/2020

[2] Глоба во износ од 13.000 до 14.000 евра во денарска противвредност за микротрговци, од 25.000 до 28.000 евра во денарска противвредност за мали трговци, од 76.000 до 84.000 евра во денарска противвредност за средни трговци и од 126.000 до 140.000 евра во денарска противвредност за големи трговци.

[3] https://eur-lex.europa.eu/legal-content/EN/TXT/?uri=celex%3A32008L0098

[4] Според Меѓународната организација за стандардизација (ISO) и комуникација преку верификувани и точни информации што не предизвикуваат забуна за односот на производите и на услугите кон животната средина, може да се поттикне побарувачката за набавка на производи и на услуги што предизвикуваат помало оптоварување на околината и на тој начин да се стимулираат пазарни односи што водат кон подобра заштита на животната средина.

[5] Трговската марка е регистрирана од страна на носителот “Der Grüne Punkt – Duales System Deutschland GmbH” (DSD) во 1990 година.

[6] https://www.pro-e.org/proe-members

[7] Повеќе за начинот и за условите на користење на ознаката погледнете на https://www.pro-e.org/files/Guidelines-for-on-pack-usage-of-the-trademark.pdf



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...