Куклата Барби се враќа во мода! И сигурни сме дека има многу мајки кои со задоволство се сеќаваат на своето детство и нема да им треба многу убедување за да им купат на своите девојчиња (и на момчињата, се разбира, ако сакаат!) уште една од познатите кукли.

Иако компанијата „Мател“ посвети многу внимание на инклузијата, односно работеше на тоа нивните кукли да имаат различни карактеристики за да ги покажат разликите меѓу нив, сепак некои карактеристики на куклата Барби останаа исти од нејзиното основање. Една од тие карактеристики е совршената, беспрекорна кожа.

Но, Кејт Клакстон, сакала да ѝ ја покаже на својата ќерка вистинската состојба на човечките тела и да ѝ покаже дека не сите имаат совршена кожа. Така, таа решила да ѝ покаже на ќерка си дека Барби може да има стрии, исто како и милиони жени во светот, па решила да ги нацрта на куклата.

Инаку, Кејт не е „обична мајка“ или инфлуенсер, туку наградувана авторка на инклузивни сликовници кои зборуваат за позитивниот поглед на телото, а сакала и да ѝ укаже на тригодишната ќерка дека има различни тела. На една од куклите мајката користела лак за да нацрта стрии на стомакот, градите и нозете.

„Многу сум возбудена за новиот филм за Барби и имаме неколку прекрасни кукли дома кои покажуваат различни тела и поттикнуваат инклузивност, но ниту една од нив нема стрии… досега“, напишала таа во описот на своето видео на „Инстаграм“, во кое се прикажува изработката на оваа нова Барбика со стрии. Додала дека нејзината ќерка е толку заљубена во тие кукли, што ѝ било важно да направи некои промени и да им додаде „линии кои ги имаат многумина од нас“.

Сигурни сме дека знаете оти стриите се исклучително чести, особено кај жените чии тела се променети поради бременост. Се проценува дека од 50% до 90% од сите трудници добиваат стрии. Но, стриите се исто така вообичаени и кај девојчињата и момчињата во развој.

Следбениците на Кејт со ентузијазам ја прифатиле оваа трансформација на куклата Барби. Сепак, имало и такви кои овој потег не го оцениле позитивно.

„Зошто да ги терате девојките постојано да се грижат повеќе“, напишала една личност во коментар што го истакнала Кејт. „Родив три деца. Немам стрии. Натерајте ги да размислуваат позитивно“, се вели во коментарот.

На прашањето како нејзината ќерка реагирала на додадените стрии, Кејт рекла дека нејзиното тригодишно дете е повеќе заинтересирано за докторска облека на барбиката. Слатката реакција на нејзината ќерка дополнително докажува дека децата не се грижат за изгледот и ја ценат различноста, доколку таа им се прикаже во позитивно светло уште од мали нозе.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X