Повеќето постојни дијагностички тестови се фокусираат на откривање патоген и може да поминат 72 или повеќе часа за да се добијат резултати. Тим предводен од истражувачи од „Кралскиот колеџ“ во Лондон истражувал како гените во крвта реагираат на одредени инфекции и болести, со цел побрзо да се дијагностицираат болестите и да се намали прекумерната употреба на антибиотици.

Истражувачите анализирале податоци од 1.212 пациенти со 18 болести, вклучувајќи респираторен синцицијален вирус (RSV) и туберкулоза. Тие имаа можност да откријат кои клучни гени се вклучени или исклучени како одговор на телото на болести и да го идентификуваат молекуларниот потпис на болеста. Машинското учење потоа било применето за да се идентификуваат моделите поврзани со специфични услови, фокусирајќи се на 161 ген.

Формулата била тестирана на 411 деца кои биле примени во болница со сепса, или тешки инфекции предизвикани од 13 од 18 болести.

Истражувачите истакнале дека резултатите, објавени во медицинското списание „Cell Press Medu“, даваат „доказ дека иновативниот метод функционира“ и дека тестот заснован на генската експресија, „може драстично да ја подобри дијагнозата на детските болести, да ги намали одложувањата и лажните дијагнози и значително да влијае врз здравствената заштита, особено во земјите во развој“.

Тие се надеваат дека новиот тест може да се справи со прекумерната употреба на антибиотици кај децата, кои обично се препишуваат додека не се исклучи бактериска инфекција. Професорот Мајкл Левин, лекар на одделот за заразни болести во „Кралскиот колеџ“ во Лондон, вели: „И покрај големиот напредок во медицинската технологија, кога детето се носи во болница со температура, нашиот првичен пристап е лекување врз основа на лекарскиот впечаток за можните причини за заболување на детето. Како лекари, ние мора да донесуваме брзи одлуки за лекување, често базирани само на симптомите, информациите од родителите и нашата медицинска обука и искуство, но можеби не знаеме дали болеста е бактериска, вирусна или нешто друго, па дури и со часови или денови откако ќе се прими детето, додека не дојдат резултатите од тестот.“

„Ваквите одложувања може да доведат до тоа пациентот да не добие навремен третман, па затоа постои јасна и итна потреба да се подобри дијагностиката. Употребата на овој нов пристап, откако ќе се дизајнираат соодветните уреди, може да биде голем напредок во здравствената заштита“, заклучува професорот.

Извор



912

X