Рубрика: Астрономија и астронаутика
Магнетните полови на Сонцето исчезнуваат?
Објавено на 03.11.2023 - 11:45

Линиите на магнетно поле на Сонцето NSF/AURA/NSO

Од неодамнешните мерења од Сончевата динамичка опсерваторија (Solar Dynamic Observatory) на НАСА, кои откриваат брзо слабеење на магнетното поле во поларните региони на нашата ѕвезда, астрономите предвидуваат најнапред исчезнување на половите а потоа целосна инверзија на магнетното поле на Сонцето до крајот на оваа година. Што ова значи за Земјата?

Како што би рекол Даглас Адамс: “БЕЗ ПАНИКА”! Иако “на прва” работите звучат апокалиптично, всушност се работи за редовен процес низ Сонцето поминува отприлика на секои 11 години, при крајот на сончевиот максимум. За појаснување, сончевиот максимум е периодот на максимална активност на Сонцето во текот на сончевиот циклус. Во овој период сончевите дамки се зголемуваат, а линиите на магнетното поле на нашата ѕвезда се прилично извитоперени како последица на диференцијалната ротација на ѕвездата што го принудува екваторот да ротира побрзо од половите.

Исчезнувањето на половите и инверзијата на магнетното поле досега се забележани околу пикот на секој од сончевите циклуси, од моментот кога астрономите започнаа со мерење на магнетното поле на Сонцето. Но, треба да се имаат предвид и зборовите на Тод Хексема (Todd Hoeksema), директор на Сончевата опсерваторија Вилкокс (Wilcox Solar Observatory – WSO) на Стенфорд: „Од податоците собирани во текот на овие децении дознавме дека нема две исти инверзии на половите од магнетното поле“.

Понекогаш транзицијата е брза, потребни се само неколку месеци за магнетните полови да исчезнат и повторно да се појават на спротивните краеви од Сонцето. Понекогаш процесот трае со години, оставајќи ја ѕвездата без магнетни полови подолг временски период. А понекогаш се случува нешто уште почудно: еден од половите се менува пред другиот, при што одреден период обата сончеви пола имаат со ист магнетен поларитет. И не може да се исклучи одигрувањето на едно вакво сценарио и при оваа поларна инверзија што е во тек. Имено, како што е забележано, јужниот магнетен пол на Сонцето е речиси целосно исчезнат, додека северниот магнетен пол сè уште се “опира”, иако едвај.

Графиконот го прикажува трендот на интензитетот на магнетното поле во последните години, со прогноза за следните неколку месеци.

Но, да се вратиме на Земјата. Дали оваа појава ќе има некакви последици за нас? Еден од начините на кој Земјата ќе ја почувствува промената во сончевото магнетно поле е поврзан со „хелиосферската струја“. Имено, Сонцето е опкружено со брановиден електростатски прстен којштошто магнетното поле на Сонцето го деформира и турка до работ на Сончевиот систем. Оваа структура е дел од магнетосферата на Сонцето. При инверзијата на магнетното поле, овој тековен прстен станува особено брановиден (види графикон). При нејзината ротација околу Сонцето, Земјата поминува низ овие бранови (влегува и излегува), а тие ќе стануваат сè погусто распоредени, односно поблиски еден до друг. Преминот од едната страна на бранувањата кон другата може да предизвикаат геомагнетни бури и појава на аурора која би била видлива и на пониски географски широчини.

Линиите на магнетно поле на Сонцето NSF/AURA/NSO

Линиите на магнетно поле на Сонцето NSF/AURA/NSO 

Графиконот го прикажува трендот на интензитетот на магнетното поле во последните години, со прогноза за следните неколку месеци.

Графиконот го прикажува трендот на интензитетот на магнетното поле во последните години, со прогноза за следните неколку месеци.