Работниците од југословенските фирми го собираат стажот од поранешните републики, каква е постапката?

Протест на пензионерите / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Многу наши сограѓани работеле по разни претставништва на хрватски, словенечки, српски компании. Од Фондот за ПИОМ велат дека стажот се собира за да се оствари минимумот од 15 години.

Многу компании од поранешните југословенски републики имале претставништва во Македонија, а според своите политики, стажот го уплаќале во македонското или во нивното осигурување. Иван Андреевски, кој работел во некогашната „Белупо“, дел од позната хрватска компанија „Подравка“, иако работел во Скопје, му биле уплатувани продонеси и преку претставништвото во Србија и преку матичната компанија во Хрватска. Андреевски вели дека прима пензија за годините пријавени од Србија и од Хрватска, но дека нашиот пензиски фонд не му ги пресметува годините од овие две земји во вкупниот стаж, поради што има помала пензија.

 

Иван Андреевски: Три држави ми пресметаа раличен збирен стаж меѓу земјите договорнички
Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Андреевски веќе 8 години води судски постапки, а тврди дека неговиот случај не е осамен и засега многумина што работеле во вакви фирми. Сепак, судот го смета неговиот случај за неоснован, а од Фондот за ПИОМ појаснуваат дека случаите со стажовите остварени во поранешни југословенски републики бараат индивидуален пристап.

– Кога се исплаќаат пензии од разни држави, може да се направи сразмерна пресметка на стаж по одделна држава. Сигурно е направено како што е најповолно за пензискиот осигуреник. Секој случај е индивидуален и не може вака напамет да се зборува. Но, важно е дека е можно да се соберат стажовите од сите поранешни републики за да се добие минимумот од 15 години неопходни да се оствари пензија – вели Билјана Стојанова, директорка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Македонија има договор и со Хрватска и со Србија за признавање на стажот.

– Знаете ли колку фирми од некоја друга тогашна република имаа претставништва и продавници во Македонија. Потсетете се на текстилни компании, градежни, фармацевтски… Јас сум разговарал со многу луѓе, кои велат дека не се задоволни од тоа како им е пресметан стажот. Еве ви го мојот пример, во решението за пензија од Македонија пишува „вкупниот стаж навршен во земјите договорнички изнесува 28 години и 15 дена“, во решението од Хрватска вкупниот пресметан стаж е 30 години, 3 месеци и 14 дена, а во решението од Србија, 33 години, 11 месеци и 15 дена – вели Андреевски.

Андреевски вели дека ќе продолжи со жалбениот процес и вели дека поради непризнат стаж коефициентот за пресметка на пензијата му е 67,73 проценти, место 80 проценти.

– Не треба да се бара преку леб погача. Може ли Хрватска за Македонија да исплати пензија. Ние го бараме тој стаж како услов за добивање пензија, а пресметката се прави само врз основа на македонски плати. Ако една држава плаќа за друга, зошто се договорите – објаснува Стојанова.

Ивановски за ова јавување во нашата редакција беше инспириран токму од неодамнешното гостување на Билјана Стојанова, директорка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, во утринската програма „Слободен печат“ каде што потенцираше дека со повеќе европски држави, со поранешните југословенски републики и со прекуокеанските Австралија и Канада имаме склучено договори за социјално осигурување. Директорката Стојанова рече дека тој стаж треба да се пријави.

– Има и стажови од странски држави. Фондот покрај тоа што работи по законот за ПИО работи и по меѓународни договори. Многу е битно секој да биде свесен за постоењето на тој стаж, да дојде во Фондот, да го пријави, затоа што понекогаш од незнаење – немаат доволно стаж во Македонија, не го пријавуваат странскиот стаж и не може да остварат пензија! Ако го пријават навреме, и ако имаме договор за социјално осигурување со таа држава, по меѓународен договор, тие ќе може, просто кажано, да си го соберат стажот до 15 години. Со Америка немаме таков договор, туку само договор за реципроцитет на исплата на пензии – вели Стојанова.

 

Билјана Стојанова, директорка во Фонд за ПИО: Средувајте го стажот навреме, а не пред заминување во пензија

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот