Токсиколошката лабораторија е пред затворање, директорката Иљази не му го продолжи договорот на биологот

Бесија Иљази / Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Токсиколошката лабораторија на Клиниката за токсикологија е на чекор до затворање и ставање клуч на врата, бидејќи во моментов работи незаконски. Економската директорка на Токсикологија Бесија Иљази ја оставила токсиколошката лабораторија на оваа клиника да функционира без биолог. Со тоа во моментот лабораторијата работи незаконски, без носител на дејност, дознава „Слободен печат“ од свои доброупатени извори на Клиниката. Поради ова во најскор можен рок ќе има состанок на Управниот одбор на којшто ќе се решава за иднината на оваа круцијална лабораторија која пропаѓа.

Биологот што 9 години работел со договор на дело во токсиколошката лабораторија, не добил негово продолжување и не смее да доаѓа на работа. Директорката Иљази не го потпишала продолжувањето на неговиот договор, а медицинскиот директор Данил Петровски го потпишал, но попусто, бидејќи за секоја одлука потребни се врзани потписи на двајцата. Другиот биолог користи породилно отсуство. Да биде ситуацијата уште поскандалозна, во моментот на Клиниката за токсикологија во токсиколошката лабораторија има само еден лаборант кој работи со решение, иако тој не смее да биде самостоен вршител на дејност, бидејќи нема кој да ги верификува резултатите.

Токсикологија – табла/ Фото: ”Слободен печат” / Драган Митрески

 

Поради ова се јавува огромен проблем со токсиколошката лабораторија и не е јасно како Клиниката планира да ја организира нејзината понатамошна работа. Инаку, ова е единствената лабораторија во државата која е достапна за пациентите 24 часа. Доколку некој пациент е во кома на пример, во оваа лабораторија се детектира која супстанца го предизвикала тоа, и квантитативно во колкава доза истата е присутна во организмот.  Има лабораторија и на Институтот за судска медицина, но таа е со поинаква дејност од онаа на Клиниката за токсикологија.

Лабораторијата досега одредуваше опијати, метадон, канабис, амфетамини, кокаин, бензодиазепини, бупренорфин, трамадол, алкохол и екстази. И други институции во државата имаат тестови со кои може да се докаже присуство на овие супстанци, ама квалитативно, а токсиколошката лабораторија на Клиниката за токсикологија има единствен апарат на кој сега нема биолог што би работел, а со кој се одредува семиквантитативна концентрација на сите овие психоактивни супстанци.

Тест може да се направи и дома, ама она по кое што токсиколошката лабораторија на Клиниката за токсикологија е издвоена и единствена е тоа што во неа се прави сложена интерпретација на токсиколошките анализи.

– Ако имате позитивен тест на опијати, тоа не значи дека сте зеле хероин.  Тука треба да се направи детерминација која хемиска компонента предизвикува тестот за опијати да е позитивен. Ако испиете еден кафетин кој содржи кодеин можеби тестот на опијат ќе би биде позитивен, ама тоа не значи дека имате хероин во организмот. Замислете што ќе значи за работните организации, некој работник да добие таков резултат на квалитативен тест. Тоа би значело губиток на работно место. Квалитативните тестови се работат секаде. Семиквантитативната концентрација е нешто пософистицирано што  го работиме само ние, односно гледаме зошто тој резултат е позитивен, од која хемиска компонента, дали од хероин или од нешто сосема друго, вели за „Слободен печат“ доктор од Клиниката кој инсистираше на анонимност.

Тој додава дека гранката наместо да се развива, таа умира. На апаратот за одредување семиквантитативна концентрација се одредувале резултати за пациенти од бројни клиники во Клинички центар „Мајка Тереза“, за ГОБ „8 Септември“ и за други болници. Наместо да се развива и да се акредитира, оваа лабораторија пропаѓа. Таа не е акредитирана, нема вработен кадар, нема пософистицирана апаратура.

Во оваа лабораторија се тестираат пациентите што се лекуваат на одделението за лекување зависности и каде се администрира бупренорфин, синтетички лек за лекување на зависност од опијати. Сега нема начин како да се контролираат тие пациенти.

Стручниот колегиум повеќе пати има алармирано дека токсиколошката лабораторија не смее да остане без биолог, бидејќи се работи за кадар кој е потребен за функционирањето на Клиниката. Сите интоксикации од цела држава се слеваат на Клиниката за токсикологија.

Откако стручниот колегиум едногласно зазел став дека мора да има договор за биологот, Управниот одбор тоа го потврдил. Медицинскиот директор го потпишал договорот за биологот, а организациската директорка не го потпишала.

„Слободен печат“ се обрати до Државниот здравствен и санитарен инспекторат со прашање дали констатирале дека токсиколошката лабораторија во моментов функционира незаконски, без носител на дејност, но до објавувањето на овој текст одговор не добивме.

Инспекторатот на 30 април направи контрола во ЈЗУ УК за Токсикологија Скопје и констатираше дека 11 здравствени работници и соработници одат на работа без договор, затоа што тој им истекол на крајот на минатата година.

Инспекторатот наложил на овие лица да им се оневозможи пристап во Клиниката, да им се укинат токените за евиденција на работното време, ама економската директорка Бесија Иљази не го потпишала. Како што веќе алармираа докторите од Клиниката, таа поставила услов – за да го продолжи договорот на биологот неопходен за функционирањето на здравствената институција, со него во пакет да влезат уште 17 други лица, од кои клиниката нема потреба.

ВИДЕО | Болничарот од Токсикологија пред камера призна дека барал урина со наркотици да се замени со чиста, ама „услугата“ не му била завршена

Пукнато парно ја поплави Токсикологија, водата пробила на три ката, а болницата не е осигурана

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот