Рубрика: Сеизмологија
Oбилните врнежи може да предизвикаат одредени видови земјотреси?
Објавено на 10.05.2024 - 14:00

Што ги предизвикува земјотресите? Одговорот, без сенка на сомнеж, лежи во движењето на тектонските плочи – ви текнува, оние големите крути делови на кои е поделен површинскиот слој на Земјата, во акумулацијата на исклучително силните тензии помеѓу нив и во ослободување на сета оваа акумулирана енергија во форма на сеизмички бранови. Ова, несомнено, е главното објаснување. Но, постои и втора причина, при што одреден редослед на фактори може да придонесе за некои видови земјотреси...

Една студија од МИТ објавена во Science Advances вели дека исклучително обилните врнежи би можеле да играат улога во генезата на некои помали земјотреси. Имено, научниците сметаат дека обилните врнежи од дожд и снег можеби придонеле за серија мали земјотреси какви што биле забележани во Јапонија. Според истражувачите, кои соработувале со експерти од универзитетите во Виена (Австрија), Тохоку и Токио (Јапонија), снежните врнежи и преобилниот дожд имаат влијание врз состојбата на стрес на подземјето. Поконкретно, тие би можеле да влијаат на притисокот што го вршат течностите во подземните пори, односно количината на притисок што течностите во процепите и во пукнатините од Земјата го нанесуваат врз внатрешноста од карпестата основа.

Врнежите од дожд или снег, додаваат тежина (на почвата), што го зголемува притисокот во порите, а тоа предизвикува сеизмичките бранови да патуваат побавно“, објаснува Вилијам Френк, професор на Катедрата за наука геонаука и атмосферски и планетарни науки при МИТ во Кембриџ, Масачусетс. „Кога сета оваа тежина ќе се отстрани, преку испарување или истекување, наеднаш, притисокот во порите се намалува и сеизмичките бранови се побрзи“.

Според научниците, овој феномен можеби е причина за серија од мали и повторливи земјотреси, т.н. сеизмички рој, што се случуваат на полуостровот Ното во Јапонија. Продолжената активност започнала кон крајот на 2020 година, при што не бил регистриран ниту главен потрес, ниту вистинската причина била во тектониката на плочите. Од 2020 година, годината во која се смета дека започнал овој чуден и долг сеизмички рој, промените во брзината на ширење на сеизмичките бранови во областа се чини дека се синхронизирани со трендот на годишните времиња.

Кога тимот го симулирал, со модел, подземниот притисок што го вршат течностите на полуостровот Ното и како тој се менувал со текот на времето, тие забележале дека еволуцијата на тежината од водата во карпестата подлога оди рака под рака со еволуцијата на сеизмичкиот рој во регионот. Секако, ова е само корелација, иако таа е мошне прецизна па предизвикува сомнеж дека можеби постои физичка поврзаност помеѓу двата феномена.

Истото би можело да се случи и на други места и, доколку се увиди дека постои поврзаност, оваа појава би можела да стане само поизразена во иднина, со зголемувањето на интензитетот на врнежите поради климатските промени (за ова види тука и тука).

Клучни зборови: