Сакале или не, сите сме вклучени во трката на животот, сѐ повеќе работиме и имаме сѐ помалку време – дури и за семејството и децата. Меѓутоа, често има сосема различни причини за запоставување на децата.

Секое дете тешко го поднесува недостигот на родителска љубов и грижа. Психо-физичкиот развој на детето кое расте покрај незаинтересирани и „ладни“ родители е сериозно загрозен и оштетен од недостигот на љубов и поддршка. Многу рано, од тригодишна возраст, може да се манифестира пркосно, невоздржано, агресивно однесување и желба за уништување кај детето. Чувството на вина поради ова однесување е безначајно или не постои бидејќи детето ужива во своите постапки. Без љубов и пофалби, без чувство на сигурност, детето нема заради кого да се откаже од своите аспирации и каприци, од своите агресивни нагони. Реагира со револт и агресија и не ги прифаќа родителските стандарди за доброто и злото како свои.

Прекумерната манифестација на агресивни и деструктивни нагони кај детето секогаш укажува дека нешто длабоко го вознемирува. Тоа е исплашено и фрустрирано затоа што чувствува дека не е сакано – така се чувствува поради неповолната средина во која расте. Поради ова, се расправа со другите деца и ги тепа, како да сака да покаже дека е силно и важно, а во суштина зад ова често се крие очајна потреба за љубов.

Детето е подготвено да им го привлече вниманието на родителите – дури и со своите нескротливи испади. Поради тепачка, оштетување или злоупотреба, тоа е казнето на различни начини, вклучително и со тепање. Дури и ваквото внимание му докажува на детето дека сепак им значи на своите родители и дека тие не се целосно рамнодушни кон него.

Агресивно или деструктивно однесување често се забележува кај деца чии родители немаат доволно време за нив, кои се премногу зафатени со работа, кариера, стекнување пари или социјални позиции. Со други зборови, тие не се доволно емотивно заинтересирани за своето дете (а детето тоа така го доживува), па често го надоместуваат тоа со многу подароци и (или) прекумерна грижа за исхраната. Овие родители треба да знаат дека не постои подарок што може да ги замени присуството, блискоста и љубовта на родителите кон детето.

Се лутат што и покрај сите овие подароци и сѐ што прават за детето, тоа сепак се однесува толку недолично и ги нервира, а родителите никогаш не се прашуваат зошто детето се однесува така, дали нешто го мачи, дали е среќно? Наместо тоа, го караат, казнуваат, го тепаат или, што е најлошо, почнуваат да му покажуваат дека не очекуваат ништо подобро од него и дека не веруваат оти ќе се промени:

„Непоправлив е, неблагодарен, ништо нема да биде од него.“ Така, тие му негираат љубов, доверба, разбирање и несвесно го туркаат на погрешен пат.

Несоодветниот однос на родителите може да предизвика различно однесување кај детето, што предизвикува реакција кај родителите од типот на: казни, расправии, незадоволство – што уште повеќе го повредува детето и го влошува неговото однесување, а со тоа влегува во маѓепсан круг на недоразбирање и незадоволство.

Родителите бараат од детето да биде подготвено да ги признае своите грешки и да се промени, но многу ретко се прашуваат дали и тие придонеле за ваквото однесување на нивното дете, а уште поретко покажуваат подготвеност да му покажат на детето дека им е жал што немаат доволно време за него.

Автор: Олга Хаџи Антоновиќ/ извадок од книгата „Мало дете – голема загатка“

Извор



912

X