Ветувањата за плата од 1.100 евра од СДСМ се лажни затоа што не може да се снајдат во економската криза со инфлацијата. 643 евра е просечната плата исплатена во јануари 2024 година, тоа е номиналната вредност, но колкава е реалната вредност. Немаме реално покачување, затоа што треба да се направи корекција на платата со стапката на инфлација, а кога ќе се направи тоа има реален пораст од 1.400 денари, изјави новинарката и претседателка на МАН, Ивона Талевска во „За или против“ на Алфа телевизија.
Талевска нагласи дека залудно е фалењето со платата кога нејзината реална вредност колку што може да купите на пазар.
Со ваква економија ветувањето од 1.100 евра е невозможно, мора да стигнеме до раст од 5% на економијата со големи странски инвестиции, борба против корупција и криминал и одржување на инфлација помеѓу 1 и 2%, за да имаме стабилна економија па да зборуваме за покачување на платите. Затоа ако не се случат политички промени, со вакво бегање на инвеститорите ни претстои поголема криза. Ние сме имале влади кои одлично се соочувале со такви инфлаторни движење, сетете се само на кризата со недвижностите во светот, а ние таа не ја почувствуваме, рече Талевска.
Талевска посочи дека оваа власт јавниот долг го зголеми на 62%, тоа е над законски дозволениот максимум според Закон за буџет.
- Парите кои се собираат во буџетот и парите кои се земаат од позајмување од меѓународни кредити, очигледно е дека одат во приватни џебови и тоа го покажуваат бројките. Тоа го покажува буџетскиот дефицит, зголеменото ниво на задолжување, ниското ниво на капитални инвестиции и аферите кои излегуваат, илјадници скандали по разни институции вклучително и во Фондот за иновации каде според првичните проценки кои ги правевме во МАН, над 100 милиони се злоупотребите, истакна Талевска.
Талевска потенцираше дека ако сакаме да го задржиме населението во Македонија, треба да се промени власта, да се кренат работите од мртва точка.
Се случуваат еден куп корупциски криминали и историски грабеж. Оној кој ќе биде следна власт треба да спроведе сериозна борба против криминалот е корупцијата, треба да се гради државата од ново, рече Талевска.