Линкови за пристапност

Хамас треба брзо да одлучи за понудата за примирје на Израел, рече Блинкен


Се надевам дека ќе донесат правилна одлука, изјави државниот секретар на САД
Се надевам дека ќе донесат правилна одлука, изјави државниот секретар на САД

Американскиот државен секретар Eнтони Блинкен во понеделникот изјави дека се надева оти Хамас ќе ја прифати, како што ја опиша, израелската „исклучително дарежлива“ понуда за прекин на огнот во Газа во замена за ослободување на заложниците.

„Во овој момент, единственото нешто што стои меѓу луѓето во Газа и прекинот на огнот е Хамас“, рече Блинкен во Ријад, на патувањето на Блискиот Исток за повеќе разговори за прекин на речиси седуммесечната војна Израел-Хамас.

„Тие треба да одлучат - и тие треба брзо да одлучат“, рече Блинкен за милитантите на кои Израел им објави војна по нивниот напад на Израел на 7 октомври кога загинаа 1.200 луѓе и доведе до апсење на околу 250 заложници.

„Се надевам дека ќе донесат правилна одлука“.

Можеме да имаме фундаментална промена во динамиката“, рече Блинкен.

Делегација на Хамас денес во Египет, со Катар се обидуваше да постигне договор со кој ќе се запре израелската офанзива и ќе се ослободат заложниците.

Во израелската контраофанзива во Газа загинаа повеќе од 34.000 луѓе, според Министерството за здравство управувано од Хамас, бројка за која Израел вели дека вклучува неколку илјади борци на Хамас што ги уби.

Во меѓувреме, Блинкен изјави во Ријад дека САД се блиску до завршување на безбедносниот договор со Саудиска Арабија што ќе биде понуден доколку земјата склучи мир со Израел.

„Работата што Саудиска Арабија и САД ја вршат заедно во однос на нашите сопствени договори, мислам дека е потенцијално многу блиску до завршување“, рече Блинкен пред публиката на Светскиот економски форум.

Тој додаде дека двете нации направиле интензивна работа заедно во текот на минатиот месец на израелско-саудиска нормализација.

Блинкен откри дека требаше да биде во Саудиска Арабија и Израел на 10 октомври минатата година за да се фокусира конкретно на палестинскиот дел од договорот за нормализација бидејќи тоа е суштинска компонента.

Но, тоа не се случи поради терористичкиот напад на Хамас врз Израел.

„За да се продолжи со нормализацијата, ќе бидат потребни две работи: спокојство во Газа и веродостоен пат до палестинска држава“, рече Блинкен.

Американските власти рекоа дека создавањето пат кон палестинска држава со безбедносни гаранции за Израел е клучно за траен мир и безбедност на Блискиот Исток и за интеграција на Израел во регионот.

Блинкен денес се состана со саудискиот престолонаследник и премиер Мохамед бин Салман речиси еден час за да разговара за конфликтот во Газа и тековните тензии на Блискиот Исток.

Тој потоа се упати кон Јордан пред да оди во Израел, каде се очекува да се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и други високи претставници.

Администрацијата на Бајден продолжува да работи на потенцијален безбедносен договор со Саудиска Арабија што може да доведе до нормализирање на саудиските односи со Израел, иако некои официјални лица и аналитичари сметаат дека тоа е далечна можност.

Минатата недела, советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан, рече дека планира наскоро да се врати во Саудиска Арабија.

Саливан претходно го одложи своето патување на Блискиот Исток поради напукнатото ребро.

Премиерот Нетанјаху го отфрли решението за две држави и враќањето на палестинската управа да ја контролира Газа, барања кои се широко поддржани од меѓународната заедница.

Саудијците побараа, како предуслов, да се види израелската посветеност на решението за две држави.

Нимрод Горен, виш соработник за израелски прашања во Институтот за Блискиот Исток, изјави за Гласот на Америка преку имејл.

„Саудиска Арабија постепено се отвора кон Израел веќе една деценија. Постигнат е значителен напредок во месеците пред нападот на Хамас на 7 октомври, со надеж за поврзување на израелско-саудискиот договор за нормализација со претпретседателските избори, пакт за одбрана на САД и Саудиска Арабија. Војната го закочи процесот, но разговорите продолжуваат и се во одлучувачка фаза“.

Зборувајќи во Ријад претходно денес, Блинкен рече дека најдобриот начин за олеснување на хуманитарната криза во Газа е да има прекин на огнот.

XS
SM
MD
LG