Кога сте бремени со машко бебе, многу мајки брзо споделуваат со вас дека им е полесно да воспитуваат момчиња. Некои од причините за тоа се должат на индивидуалните фактори на личноста, а некои се должат на подлабоки психолошки, социјални и културни варијабли.

Ако ви е полесно да сте родител на вашите синови отколку на ќерките, прочитајте за да ги истражите неколкуте можни причини зошто тоа е така.

Момчињата се помалку емотивни од девојчињата

Ова, всушност, не е точно. Сепак, жените обично повеќе вербално ги изразуваат своите чувства, што како процес може да започне многу рано. За жените кои се пораснати во домови без многу емоции и на кои можеби не им е удобно да ги изразат емоциите, девојчињата им се потешки за воспитување.

Момчињата се помалку чувствителни

Повторно, ова не е вистина. Во мојот случај, мојот син е моето најчувствително дете. Високо чувствителни деца има и од двата пола. Ако сте имале многу чувствителен родител или брат или сестра, за кои сте сметале дека секогаш го отежнувале животот, тогаш тоа може да ве поттикне да помислите на дете кое е чувствително. И бидејќи многу луѓе погрешно претпоставуваат дека девојчињата се почувствителни, а момчињата се вродено некако „покрути“, токму тие ја внесуваат оваа заблуда во родовите преференци.

Никогаш не ви било удобно со жени

Некои жени никогаш немале многу другарки, ниту се стереотипни жени како премногу женствени, зборливи или заинтересирани за површни работи. Ова се поставува како прва причина бидејќи ако се чувствувате вака, тоа треба да се истражи и понатаму, и веројатно се однесува на една од причините на подлабоко ниво, за која ќе прочитате во продолжение.

Вашиот однос со мајка ви е небалансиран, активно конфликтен или отуѓен

За жените чии односи со сопствените мајки се тешки може да биде многу стресно да имаат ќерка. Можеби ќе влезете во овој нов однос мајка-ќерка, со потсвесни надежи дека ќе биде доволно близок и хармоничен за да компензирате за разочарувачкиот однос што го имате со вашата мајка. Меѓутоа, ако вашата ќерка не е како вас, или уште полошо, ве потсетува на вашата мајка, тогаш може да се чувствувате многу вознемирено поголем дел од времето.

Дополнително, можеби не сте развиле интерперсонални вештини што би го олесниле односот мајка-ќерка бидејќи не сте ги научиле од интеракциите на вашата мајка со вас.

Премногу се идентификувате со ќерките

Ако сте жена со ниска самодоверба, може да биде многу тешко да се согледува дека вашата ќерка ги има истите „недостатоци“ што вие самите ги чувствувате кај вас.

Тоа може да ве тера да сакате да ја „поправате“ вашата ќерка за да не страда како што сте страдале вие. Понекогаш оваа корекција доаѓа во форма на упатени забелешки кон вашата ќерка да се стави на диета, на пример, или да вежба, да учи повеќе, или дури и да не се однесува „слободно“ со момчињата.

Има толку многу жени што чувствуваат дека нивните мајки биле премногу груби или злобни во однос на нивниот изглед, а при психолошка терапија всушност се утврдува дека мајката на жената најверојатно чувствувала оти нејзината ќерка личи на неа и ја проектирала својата лоша самоевалуација врз ќерка си.

Други може да чувствуваат дека ги фрлиле своите животи со тоа што се омажиле и/или забремениле премногу млади, а потоа се однесуваат многу грубо кон таквите односи – бракот и/или бременоста на нивната ќерка. Примери како овој има многу.

Момчињата можат да обезбедат потврда дека жената е сакана или вредна на начин на кој ќерките не можат

Многу жени се пораснати во култура и/или семејство кое им дава приоритет на мислењата на мажите пред оние на жените. Може да биде тешко да се смени идејата дека ставовите на мажите се некако повалидни од оние на жените.

Затоа, кога синот ќе ви каже дека сте најдобрата мајка, може да се чувствувате „вистински“ како најдобра, за разлика од моментот кога ќе ги слушнете истите зборови кажани од страна на ќерката. Ова е жално за ќерката, која често може да мисли дека нејзината мајка смета оти љубовта на нејзиниот брат е поисполнувачка за мајката, од нејзината.

За жените што имаат само синови, внатрешните очекувања или неиспитаните мисли како овие можеби нема да влијаат врз нивниот секојдневен живот. Меѓутоа, за жените со синови и ќерки, нивното неистражено и потсвесно, или свесно претпочитање на нивните синови може да има штетно влијание врз сите нивни деца.

Ако во овој текст целосно се пронајдовте, или барем допрел до вашата свест на непријатен начин, навистина препорачувам да размислите за сето тоа, малку подлабоко, особено во однос на вашето сопствено воспитување и како тоа влијаело врз вашите претпоставки и очекувања за мажите и жените.

Автор: Саманта Родман Вајтен

Извор



912

X