ЕУ ќе продолжи со целосен ангажман во процесот на проширување, порача белгискиот крал Филип

Европската интеграција навистина е одлучно патување кое го спроведуваме етапа по етапа и пред нас сега претстојат преговорите со некои од нашите партнери од Источното партнерство и Западниот Балкан, порача денеска белгискиот крал Филип во обраќање пред Европскиот парламент во Брисел. 

- Во претстојните месеци треба да спроведеме суштинска анализа за иднината на нашата Унија, а пред нас исто така се и бројни предизвици поврзани со прашањето на проширувањето и ќе продолжиме со нашиот целосен ангажман во работата на тоа подрачје, изјави кралот Филип. 

Тој нагласи дека во такви услови ЕУ мора да има долгорочна визија и да ја земе судбината во свои раце.  

- Проширувањето на ЕУ подразбира и нејзино зајакнување. Дваесет и седумте земји членки ќе мора да дејствуваат порешително, посебно ако добиеме нови земји членки, истакна белгискиот крал.  

Според него, богатото наследство на предците на денешните Европејци, придонесе за изградбата на сегашниот идентитет на жителите на ЕУ.