Мицкоски: И Ковачевски и Ахмети знаат дека на следните избори ќе победи ВМРО-ДПМНЕ 

Денеска сѐ помалку е присутна надеж, сѐ повеќе е присутно разочарувањето, мизеријата, болката за неправдата, болката дека нема правда, луѓето се чувствуваат опљачкани, осиромашени, понижени и голем дел од нив одлучуваат засекогаш да ги напуштат своите домови , рече денеска  претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на трибината „Гоце е Македонија“ организирана во рамките на одбележувањето на 120 години од Илинденското востание и 130 години од основањето на ВМРО.

Според Мицкоски во Македонија се случува колективен неуспех, а ВМРО-ДПМНЕ треба сето тоа да го корегира.

– Многу скоро од денеска ќе имаме можност. Ќе имаме можност, ќе дојдат изборите, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Бидете сигурни дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Никој веќе нема дилема, дури и Ковачевски да го прашате и Али Ахмети и тие ќе ви го дадат тој одговор. Барем едно е константна, кога и да се случат изборите ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Прашањето е дали ќе бидат 55, 58, 60, 62 пратеника. Само тоа е дилемата, друго верувајте дека нема да има дилема. Народот е мотивиран и народот сака да го види ВМРО-ДПМНЕ – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека таа шанса нема да  значи уживање, туку многу работа,  откажувања, многу мака, многу труд, храброст и одлучност, за, како што рече,  да се обидеме да ја доведеме Македонија на некое пристојно место.

– Нема да биде лесно. Но, знам едно дека секој кој што ќе биде надвор од оваа рамка, секој оној кој што ќе ја изневери довербата на граѓаните, а е дел од нас, ќе биде веднаш санкциониран и отстранет од структурата од која што ја добила таа шанса. Затоа што образот нема цена, а достоинството на нашите сограѓани, нашиот македонски народ нема цена, не смееме да ги разочараме – рече Мицкоски.

Тој посочи дека сака малку да зборува за иднината бидејќи е сигурен дека тоа што беше главната водилка на Гоце Делчев, дека го разбира светот како поле на културен натпревар, претпоставува дека денеска ќе се преслика како натпревар во многу области.

– И ние како Македонци, како луѓе кои што се носители на суверенитетот на нашата Македонија, заедно со нашите сограѓани Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и останати треба да се натпреваруваме заедно со многу поголеми и многу помоќни држави од нашата Македонија и многу поголеми и многу помоќни народи, не само во нашето опкружување, во Европа, па и во светот. И тоа сме покажале дека сме способни да го правиме, да победуваме, кога победуваме да се радуваме, а кога губиме да тагуваме, но секогаш сме биле достоинствени и во победите, но и во поразите. Нашата Македонија родила многу свои чеда кои што го обелиле образот на истата таа Македонија, и сигурен сум дека Гоце бил горд на тие луѓе – рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека политичкиот противник прави доста грешки. Политичкиот противник денеска ја води владата, но ја води на тој начин што е помал коалиционен партнер на Демократската унија за интеграција.

– Треба да сме свесни дека тоа што ќе го во иднина наследиме и кое што ќе треба да го корегираме е озбилен проблем. Кога велам озбилен проблем мислам на големината на проблемите кои што ќе ги наследиме. И тие проблеми ќе треба да ги решава ВМРО-ДПМНЕ. Тука не мислам само на националните проблеми кои што ќе ги наследиме, тука мислам и на образовните, тука мислам и на социјалните, тука мислам и на економските, на политичките проблеми. Во суштина има многу проблеми кои што ќе треба да ги решаваме. Не очекувајте дека некој друг ќе ги реши. Треба ние да ги решиме. Видовме од овие 68 месеци се веќе Влада дојдоа со ветувањето за живот, пекол донесоа, ја опљачкаа, ја разнебитија, ја понижија Македонија. И затоа денеска бевме сведоци наместо на еден убав свечен чин кој што треба да не обедини ние гледаме чин кој што не разединува, не дели и затоа хеликоптери кружеа над небото над главниот град. И тоа е суштината во која што ние денеска живееме – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот