Нема да има средба Блинкен - Лавров

Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан вчера потврди дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе ги претставува САД на  состанокот на ОБСЕ во Скопје.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи уште минатата недела најави дека Блинкен ќе присуствува на неформалната вечера на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, која на 29-ти ноември ќе биде приредена во скопски хотел. Но, со оглед на тогашните неизвесности, не можеше да каже дали на истата ќе присуствуваат и рускиот и украинскиот министер, односно дали ќе им се поклопат термините на престој, што зависи од нивните агенди.

Лавров, кој пред неколку дена во контекст на можно доаѓање во Скопје изјави дека „имале неколку барања за состаноци, вклучително и од западни претставници“, без да прецизира од кои, најверојатно нема да се сретне со Блинкен во Скопје. Ова, според регионални медиуми кои се повикуваат на руската новинска агенција Тас, го изјавил рускиот заменик министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, кој нагласил дека Вашингтон не побарал состанок, „нема да го побара и нема да има состанок“.

Поради противење на Русија и Белорусија, неуспешни беа неколкуте обиди да се постигне консензус кандидатот Естонија да претседава со ОБСЕ во 2024 година, а во последен миг е постигната согласност Малта да биде следен претседавач со Организацијата. Во декември истекнува мандатот и на четворицата извршни лидери во Организацијата, а едно од најважните прашања што треба да се реши е буџетот кој не е одобрен од 2021 година, како и повеќе актуелни теренски операции на организацијата.