Македонија
1. May 2024 - 10:20

Првомајска честитка од претседателот на СПМ Љупчо Димовски

Во мое лично име и во име на членовите на Социјалистичката партија на Македонија на македонските работници, трудбеници и сите граѓани на Република Македонија им го честитам 1-ви Мај, Меѓународниот ден на трудот.

Почитувани работници,

Изминативе неколку децении работникот и неговиот трудот постојано и сè повеќе е потценет и згазен. Изминатите седум години со социјалдемократската влада се најтешките и најцрните економски години за Македонија со илјадници нови невработени и огромен број лица кои живеат во сиромаштија. 
Како последица на неодговорната социјалдемократска  влада животот на македонскиот работник станува сè  поскап, а неговата несреќа сè поголемa.
Со безнадежност, очај и чувство дека се оставени сами на цедило македонските работници го одбележуваат и овој 1-ви Мај.
Чувството на горчина кај работникот е уште поголемо поради негрижата и лошите политики на власта, кои не даваат надеж дека наскоро состојбите ќе се подобрат. Сликата за правата на работниците и нивниот стандард никогаш не била потажна и поцрна.

Мерките кои социјалдемократската и антиработничка влада ги превзема се необмислени и задоцнети и наместо конкретна помош претворени се во вулгарен политичко партиски маркетинг на една малограѓанска експлоататорска самонабедена елита која посега да владее со сè и секого, директно штитејќи ги интересите на капиталот, а на штета на работниците.

Почитувани трудбеници,
Долг децениски период заеднички и од темел ја градевме нашата држава. Оттаму, Социјалистичката партија на Македонија постојано ги штитела интересите на работниците и на работничката класа, иницирајќи го и активно учествувајќи во процесот на воведување на самоуправувањето како највисок стадиум на владење на работниците со општествено-економските процеси, имотот и со сопствениот труд.
Затоа и врз основа на ова искуство и идеолошките определби Социјалистичката партија на Македонија има историската одговорност и морална задача да се грижи и да ги штити работничките права и интереси.

Другари работници,
Време е нештата да се променат. 
Време е поразите и неуспесите преку надежта која се раѓа, веќе во мај, заедно да ги замениме со силна експлозија на одлучност и решителност, кршејќи го јаремот на економското поробување и социјалното ништење на македонскиот работник со ново сонце и со повторно ослободување и рушење на експлоататорската, социјалдемократска власт.
Време е за враќање на работничкото достоинство, заедно и обединети со чесна работа, трудољубивост и посветеност да донесеме добробит, подобар стандард и да обезбедиме подобро, вистински вреднуван труд, социјална правда и широки европски права за македонските работници.

Честит 1-ви Мај!
Честит Ден на Трудот!

Љупчо Димовски претседател на Социјалистичката партија на Македонија