Свифт моментално е среде серијата од шест распродадени концерти во Сингапур, единствениот град од Југоисточна Азија вклучен во нејзината распродадена светска турнеја Ерас.
Ваквиот распоред предизвика контроверзии во регионот, при што Сингапур е обвинет дека фрлил пари за да ја спречи Свифт да настапи на други локации. Покрај тоа, соседните земји го прогласија ваквото однесување на Сингапур за „непријателски чин“.
Прашањето неочекувано излезе на виделина на самитот на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН)-Австралија во Мелбурн, собир кој обично е повеќе преокупиран со прашањата за безбедноста и економскиот раст.
„Нашите агенции се договорија со неа да настапи во Сингапур и во договорот е вклучено дека тоа ќе биде нејзината единствена станица во Југоисточна Азија“, рече премиерот Ли Хсиен Лунг на заедничката прес-конференција со неговиот австралиски колега.
„Постигнат е договор. И испадна дека е многу успешен договор. Не го гледам тоа како чин на непријателство кон другите. Дали би настапувала во други азиски градови ако немаше договор? Можеби да, можеби не“, рече Ли.
Сингапур постојано одбива да даде детали за финансиските услови на договорот.
Тајландскиот премиер Сретта Тависин минатиот месец изјави дека Сингапур ѝ плаќал на Тејлор Свифт 3 милиони долари по настап, под услов таа да настапува само таму. Раководството на Тејлор Свифт не ја коментира контроверзноста.
Турнејата Ерас е на пат да стане најпрофитабилната турнеја на сите времиња, што ќе ѝ донесе многу пари на Свифт и Сингапур.
Таа ќе настапи на шест распродадени вечери пред 300.000 обожаватели, а 70 отсто од посетителите на концертите доаѓаат од странство и трошат до 370 милиони долари во градот, според економистите на Мајбанк.
Помеѓу 1 и 9 март, кога Свифт е во градот-држава, бројот на летови до Сингапур се зголеми за 186%, а резервациите за сместување речиси петкратно. По Сингапур, концертната турнеја на Тејлор Свифт доаѓа во Европа.