Гордана Силјановска Давкова однесе убедлива победа по вчерашните претседателски избори, односно историски најголема победа во прв круг од било кој изборен циклус.

Ако се направи анализа на изборните резултати, во Изборната единица 1, Силјановска победи во скоро сите општини, дел од оваа изборна единица, освен во Студеничани, каде што Пендаровски освои 107 гласа повеќе од неговата противкандидатка.

Според официјалните податоци на ДИК, Силјановска во општина Аеродром освои 21.145 гласови или 12.195 повеќе од Пендаровски кој доби 8.950 гласови. Во т.н. „бастион“ на Левица, Максим Димитриевски однесе 5.292 гласа додека Ванковска доби 3.937 гласови. За Стевче Јакимовски гласале 599 граѓани, за Бујар Османи 206 додека за Таравари 179 гласачи.

Слична победа Силјановска оствари и во Кисела Вода каде за неа гласале 18.183 граѓани додека за Пендаровски само 6.205 или 11.978 разлика односно жаргонски кажано Силјановска победи со 3:1 во оваа скопска општина. Димитриевски и тука е пред Ванковска со добиени 3.615 гласови наспроти 2.831.

На овие избори, СДСМ го загуби нивниот бастион Центар што одамна не се случило. Во оваа скопска општина, Силјановска доби 10.467 гласови, додека Пендаровски освои 8.509 гласови. 3.073 гласови доби Димитриевски, 2.096 Билјана Ванковска, додека Бујар Османи доби повеќе гласови и од Стевче Јакимовски, односно за кандидатот на ДУИ гласале 526 граѓани додека за кандидатот на Гром 429.

Во Скопската општина Карпош пак, од каде што доаѓа и градоначалникот и кандидати за претседател на Македонија Стевче Јакимовски, победата ја однесе Силјановска со 14.482 гласови, додека Пендаровски доби 9.130 гласови. И Димитриевски и Ванковска добија повеќе гласови од Јакимовски кој доби само 2.143 гласа на овие избори а на локалните избори победи во оваа скопска општина со 14.838 но ја доби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ иако после кавгата со нив, тврдеше дека победата ја однел сам благодарение на граѓаните на општина Карпош.

Во помалите скопски општини, дел од ИЕ 1, Силјановска ја однесе победата во сите од нив, освен во Студеничани, односно во Сарај доби 643 гласа наспроти 447 за Пендаровски, во Сопиште оствари победа скоро 4 наспрема 1 односно доби 1.609 наспрема 451 за актуелниот претседател, во Македонски Брод однесе победа со разлика од 731 глас додека во Студеничани Пендаровски забележа „пирова“ победа со 107 гласа разлика.


Администратор
25/04/2024 06:10