Отворено писмо до градоначалникот на „Општина Сопиште” по повод неговото гостување на „Вистинска телевизија”

28.02.2024 14:08
Отворено писмо го градоначалникот на „Општина Сопиште” по повод неговото гостување на „Вистинска телевизија”

Во гостувањето на „Вистинска телевизија“ во програмата „Скопје ми е дома – Општина Сопиште“ прикажана на 22.02.2024, градоначалникот на Општина Сопиште, г. Стефче Трпковски даде серија изјави за кои само може да се надевам дека се точни. За жал, искуството три и пол години како жител на Општина Сопиште ми налага изјавите и тврдењата на г. Трпковски да ги сметам за не многу веродостојни.

Противречни изјави на г. Трпковски

Во изјавите на г. Трпковски имаше ред противречности, но јас ќе се фокусирам на случајот во кој самиот сум директно вклучен. Она што особено ми го привлече вниманието се изјавите на г. Трпковски кои директно противречат на неговите професионални заложби и дејности. Ќе илустрирам цитирајќи го г. Трпковски.

• Во настапот г Трпковски вели „внимаваме на просторните планови, внимаваме што се гради, главен акцент ставаме на борбата против бетонизација, изградба на големи објекти. Досега успеавме да избегнеме изградба на станбени згради. Многумина ќе речат тоа носи економски развој ... но покасно носи и проблеми кои со пари тешко се решаваат.“

• Водителот врз основа на ова тврдеше, „Рековте дека ќе пружите отпор ... против бетонот.“

• По прашање на урбанистичкиот развој на општината г. Трпковски вели, „Сѐ уште се соочуваме со проблеми во инфраструктурата, немаме воспоставено секаде канализација, водоснабдувањето пак е со некакво отежнување ... градењето, развојот треба да биде ... секогаш синхронизирано со ресурсите кои ги располагаме. Вода, струја, инфраструктура, патишта, но и животна средина. И тоа е ресурс кој не треба да го заборавиме.

• По прашање на стандардите, г Трпковски вели, „Стандардите ... ги воведуваме е сѐ да биде убаво, никој никому да не му пречи, да имаме сооднос во градбите, ... не многу големи објекти ... Додека сум јас ... се разбира ... би се сконцентрирал на индивидуално домување без станбени згради во овие граници во овие рамки како што Сопиште е денеска“.

Градоначалникот инсистира на огромен станбено-деловен објект

Најфлагрантното дејство на г. Трпковски кое противречи на неговите декларативни заложби е неговото лично инсистирање да се изгради комплекс со три станбени згради со речиси четириесет станови, како и деловен простор (трговски центар) со подрум, приземје прв и втор кат. Одобрението за градење на вакви чудовишни објекти е предвидено за градежна парцела нешто помала од 3000 м2 и без соодветно сообраќајно решение, поточно на пристапен пат кој мора да биде со широчина од најмалку 5,5м, а во случајот е 3,5м.

Ако г. Трпковски беше навистина посветен против големи згради и „бетонизацијата“ тогаш тој немало да дозволи ваков проект да биде одобрен. Симптоматски е и тоа што одобрението е издадено во меѓу-период од февруари 2020 до Јуни 2020 кога во парламентот е изгласан нов закон за градење со кој се забранува да се градат градби за каква било намена, повисоки од она предвиденото за градби од А1 категорија чија најголема висина може да биде приземје плус два ката.

Напротив, наместо „Општина Сопиште“ да дејствува во интерес на жителите во духот на веќе изгласаниот закон, датумите на издавањето на соодветните документи за да се овозможи издавање на одобрение за градење според стариот закон го покажуваат спротивното. Се „брзало“ сѐ да се потпише и на сѐ да се стави печат пред законот да стапи на сила. Овие факти и оние долунаведените одат директно против декларативните тврдења на г. Трпковски.

Мојата прва жалба беше прифатена од второстепената комисија на Министерството за транспорт и врски и ако така останеше нештата ќе беа во согласност со она што г. Трпковски го тврди на Вистинска телевизија. Наместо тоа, по поништувањето на одобрението за градба од страна на Министерството за транспорт и врски, „Општина Сопиште“ во рекорден рок, во периодот меѓу Новогодишните и Божиќните празници во 2021/22 издаде ново одобрени со идентична содржина.

Откако мојата повторена жалба беше одбиена од Второстепената комисија, а потоа жалбата против оваа одлука беше одбиена и од Управниот суд, случајот е во моментов во „Вишиот управен суд“. Токму до оваа институција г. Трпковски, преку ополномоштени адвокати, испратил „Одговор на жалба“ со датум на 29.01.2024. Меѓу другото, во жалбата се наведува дека капацитетите на водоводот и на канализацијата се сосема соодветни за што наводно сведочи потврда од „ЈП Водовод“. Ако е ова точно, како тогаш г. Трпковски во интервјуто на „Вистинска телевизија“ тврди дека „Сѐ уште се соочуваме со проблеми во инфраструктурата, немаме воспоставено секаде канализација, водоснабдувањето пак е со некакво отежнување ... “. Кога на ова ќе се додаде фактот дека населеното место „Сопиште“ воопшто нема атмосферска канализација вџашувачки се обидите на г. Трпковски овие бетонски чудовишта да бидат изградени насреде зона со стриктна намена за градби од А1 категорија чија намена е индивидуално домување.

„Сообраќајното решение“ е противзаконско

Во „Одговорот на жалба“ од страна „Општина Сопиште“ против мојата жалба се наведува дека сообраќајното решение е во рамките на проектот и дека за него нема потреба од соодветна пристапна улица со најмалку 5,5 метри широчина. Законот наводно се однесувал на „Придружно услужни објекти на државни, односно општински патишта и истото не се однесува на изградба на индивидуални или колективни семејни домувања.“ Неверојатно е да се напише оваа ставка зашто општината си противречи сама на себе. Не само што се работи и за „придружно услужни објекти“, туку се работи за огромен деловен објект (трговски центар) со подрум, приземје и два ката. Површината на ова планирано здание е 1401м2 за подрумот, 872м2 за приземјето, 818м2 за првиот кат и 870м2 за вториот кат, а вкупно бруто површината е 3961м2. Објектот е ослободен од комунални такси зашто наводно е „проект од јавен интерес.“

Како тогаш овој објект е изземен од задолжително сообраќајно решение со пристапна улица со најмалку 5,5м широчина? На „Геодетскиот елаборат за геодетски работи за посебни намени“ сообраќајното решение е токму низ улицата со триметарска широчина. Влезот и излезот за возила е од истата улица при што за влез е предвиден од северната страна на плацот, а за излез од јужната. Пристапот од државниот пат од западната страна е предвиден само за пешаци. Покрај деловниот објект предвидени се и три станбени објекти. Бруто квадратурата за приземје за трите „влеза“ (згради) е 594м2, за прв кат е 680м2, за втор кат е 576м2, за трет кат 576м2, за четврти кат 475м2, за петти кат 52м2 – вкупно бруто површина е 2953м2. Имајќи го предвид сето ова очигледно е дека во случај овој проект да се оствари тоа ќе значи терор за сите жители, а посебно за оние во непосредна близина. Речиси четириесет индивидуални станови и десетици и десетици разни продавници еден голем супермаркет би значело непрестајно пристигнување и заминување на леки и товарни возила. Ќе се создава огромен неред, а голема е веројатноста и од несносна бучава од предвидените ресторани. Од примерот на постојните деловни центри и супермаркети јасно е дека просторот ќе биде затрупан во разен отпад и распакувана амбалажа.

Предвидениот објект е против човековите права и квалитетот на животот

Ова се само ударните примери за крајната штетност на овој бетонски проект, а има и други. Одговорно тврдам дека речиси од секое законско правило има отстапување. Ова одобрение за градење врши повреди на законот за градба, а уште пострашно и на законите за човекови права. Затоа што за живот во средина која наема соодветни услови за водовод и канализација, катастрофалното и противзаконски собраќајно решение ги влошува веќе лошите инфраструктурни услови за живот во населеното место Сопиште.

Веројатен заклучок е дека проектот е за лична полза и на општа штета

Ваквиот планиран објект може да биде од полза само на оние кои веројатно од него сакаат да лично да профитираат (други објаснувања се неиздржани). Се работело ли за сопственикот на парцелата, за инвеститорот, за градежните фирми или за општинските служби на чело со градоначалникот Трпковски ова е најверојатното објаснување. Ако овој план се оствари, жителите на населеното место Сопиште ќе се соочат со алармантно влошување на квалитетот на живеење.

Од горенаведеното е јасно дека градоначалникот на „Општина Сопиште“ не е искрен во изјавите дека се залага или дека ќе се залага за „Индивидуално домување без станбени згради“ во сегашните рамки на општината. Исто така не може да се земе како точна изјавата на г. Трпковски дека е против „Згради и бетонизација“.

Доколку тоа е така, тој најпрвин немало воопшто да се противи на иницијалното поништување на одобрението за градење од страна на Второстепената комисија и „Општина Сопиште“ немаше да учествува во судскиот процес против истото како „заинтересирана странка“.

Градоначалникот да го докаже спротивното

Ако г. Трпковски смета дека не сум во право со овие тврдења тоа може лесно да го докаже. Општината нека го поништи или повлече одобрението за градење на овој проект. Во спротивно, неговите јавни изјави за наводна борба против узурпацијата на градежното земјиште во „Општина Сопиште“ не може да се земат за вистинити и за искрени.

Уште еден судски спор во Стразбур?

Верувам во конечна судска правда во рамките на македонското правосудство. Но со случајот, ако се покаже за потребно, ќе се жалам и до „Европскиот суд за човекови права“ во Стразбур. Според последните статистички истражувања македонските граѓани кои се обратиле до оваа институција ги добиваат случаите со огромно мнозинство. Не би сакал г. Трпковски да биде одговорен за уште една праведна пресуда против општината и државата, а чии интереси е платен да ги застапува.

ОкоБоли главаВицФото