Тргнувањето во градинка е голем чекор за детето. Тоа е и многу стресна ситуација бидејќи првпат запознава нова средина, возрасни непознати лица, поголем број врсници и секојдневна рутина.

Секое дете поминува низ процесот на приспособување, без разлика дали е бебе или тригодишно дете, а колку ќе трае тој период, зависи од самото дете, но и од соработката на родителите и воспитувачите.

Што треба да имаат предвид родителите при запишувањето на детето во градинка и како да ја направат градинката омилено место на детето додека мама и тато се на работа?

Искреност

Потешката адаптација најчесто се забележува кај децата чии родители не ја кажуваат вистината. За да го задржат детето во градинка, го залажуваат дека само малку ќе си игра и потоа родителите за брзо време ќе дојдат да го земат или пак му велат дека се во близина и го гледаат. Така, детето постојано ги чека родителите, па не може да ужива во играта. Затоа, повеќе ќе помогне ако во таа ситуација мама му каже дека мора да оди на работа и дека ќе го земе по ручекот или по спиењето. Детето сè уште нема поим за времето, но одењето дома е поврзано со времето од денот по одредени активности во градинката.

Прв ден во градинка:

  • Незадоволството на детето е очекувано и нормално.
  • Погрижете се да го донесете и однесете.
  • Не заминувајте без да се збогувате, но не останувајте премногу долго.
  • Доаѓате да го земете во договореното време.
  • Дајте му на детето доволно време за да ја преболи болката од разделбата.
  • Поминувајте повеќе време со вашето дете дома во активности во кои тоа ужива.
  • Ако не сака, не инсистирајте да разговара со вас за градинката. Можете да дознаете што ве интересира преку играта.
  • Покажете му на детето дека го прифаќате дури и кога не прифаќа да оди во градинка.
  • Ако и покрај сите напори за разбирање и поддршка на детето неговото страдање не се намалува, а трае подолго од еден месец – не двоумете се, побарајте помош од специјалист.

Запознавање со просторот

Важно е децата пред да тргнат во градинка да го запознаат просторот во кој ќе престојуваат. Добредојдени се и приказните на родителите за тоа дека градинката е убаво место, каде што детето ќе најде многу другарчиња, каде што ќе може да ужива во играњето заедно.

Состанок на родителите

Исто така, пожелно е пред тргнувањето на детето во градинка да се одржи родителска средба на која воспитувачките ќе ги запознаат неговите навики, а родителите на тој начин ќе стекнат доверба во луѓето на кои ќе им ја доверат грижата и воспитувањето на своето дете.

Важно е да останете доследни

Експертите сметаат дека најтешката задача на секој родител е да остане доследен во воспитувањето на своето дете. Децата се љубопитни, тие се суштества кои тешко се согласуваат со „не“, лесно манипулираат со постапките на постарите, особено кога постојано им се попушта. Како што возрасните реагираат на промена на средината, така реагираат и децата – кога одат во градинка, тие покажуваат реакција на свој начин: со плачење, лутење, одбивање храна или социјални активности, пад на имунитетот и слично. Сепак, тоа не значи дека родителот треба да престане да го носи детето во градинка. Децата се навикнуваат на градинка само ако редовно одат.

Позитивен став

Кога родителот ќе остави дете во градинка, не смее да биде несигурен или да покажува страв бидејќи детето го препознава тоа и така ќе се однесува. Само со позитивен став, доследност и прикажување на работите онакви какви што се родителите им помагаат на децата полесно да се вклопат во средината.

Треба да постои врска помеѓу градинката и домот

За детето да се чувствува што подобро во новата средина, пожелно е во градинката да донесе омилена играчка, перници, книга. Потребно е да има врска помеѓу домот и градинката. Детето тогаш е побезбедно и полесно се вклопува во тимот.

Како да се подготви детето за градинка?

Важен потсетник за родителите:

  • Заминувањето на детето во градинка е голем чекор во неговата независност, затоа помогнете му да стекне сигурност.
  • Сакајте го вашето дете онакво како што е бидејќи прифаќањето е основа на самопочитта.
  • Бидете доследни на вашите барања, поставете му јасни граници на детето.
  • Имајте разбирање за грешките на детето.
  • Почитувајте ги чувствата на детето, дозволете му да ги изрази и разбере.
  • Поттикнете ја иницијативата кај детето, не правете го за него она што може да го направи само.
  • Дајте му добар пример на вашето дете бидејќи најмногу учи гледајќи ве вас.
  • Реално презентирајте му ја градинката и подгответе го за она што го чека таму.
  • Запознајте го детето со воспитувачите и просторот на градинката.
  • Одговорете искрено на сите детски прашања.
  • Поттикнете ја играта и дружењето со другите деца.

Извор



912

X