Последниот бран на поскапувања и инфлација особено го погоди пазарот на автомобили, па некогаш релативно достапните семејни автомобили станаа луксузен производ. Разликите се уште поголеми кога се гледа во период од 30 години

Според официјалните податоци на германскиот автомобилски клуб ADAC, автомобилите поскапеле и до 44 отсто во периодот од 2017 до 2022 година, што значително влијае на продажните резултати и на автомобилскиот пазар во целина. Покрај пандемијата и прекините во испораките и недостигот на нови автомобили, причина секако е и инфлацијата, но една од главните причини се неоправданите поскапувања како и таргетираното отстранување на подостапни модели и понуди.

Затоа, особено е интересно истражувањето на германскиот магазин Т-Online, кој ги споредил денешните цени на автомобилите со оние од 90-тите години на минатиот век.

Се разбира, за споредба е избран германскиот бестселер – Volkswagen Golf. Така, во 1991 година за третата генерација на Golf во основната верзија и со најслабиот мотор во Германија требало да се избројат 10.200 евра, кога цената се конвертира од тогашната валута – Deutsche Mark.

Како што одминуваше времето, цената стануваше повисока, па така во 2012 година основниот Golf чинел 17.000 евра, додека во 2020 година цената достигна речиси 20.000 евра. Секако, голем скок на цените се случи во последните три години, па од почетокот на оваа година најприфатливиот Volkswagen Golf во Германија чини дури 29.560 евра!

Секако, треба да се биде искрен и да се признае дека од техничка страна, Golf 3 и Golf 8 се слични само по име, и дека количината на опрема за удобност и безбедност, како и пасивната безбедност на модерниот компакт, е на многу повисоко ниво отколку кај автомобилите од пред 30 години. Ако е за утеха, основниот модел на Golf сега доаѓа со моќен 1.5 TSI мотор од 130 КС, додека во 1991 година третата генерација на Golf имала 1.4 атмосферски бензински мотор од само 55 КС.