Зеленилото го забавува стареењето на клетките

16.01.2024 12:18
Зеленилото го забавува стареењето на клетките

Сите знаеме колку позитивно природата влијае на нашето здравје и квалитетот на животот. Сепак, овде се и научните пресметки да ни го потврдат тоа внатрешно чувство: биолошката возраст на личноста која живее во позелена средина е од 2,2 до 2,6 години помала, велат истражувачите.

Придобивките од живеењето меѓу зеленилото за нашето физичко и ментално здравје се општо познати, а во некои земји на природата се гледа (и се препишува) како лек. Неодамна објавеното истражување носи свежи перспективи и поцелосна слика за позитивните здравствени ефекти од парковите, дрвјата и зелените површини.

Имено, како што откри тимот истражувачи од Обединетото Кралство, Канада и Соединетите Американски Држави, жителите на позелените населби имаат подолги теломери, односно делови од хромозоми кои се поврзани со долговечноста. Со самото тоа нивните клетки побавно стареат и тие се биолошки се помлади.

Теломерите се всушност повторувачки парчиња ДНК кои се наоѓаат на краевите на хромозомите. Тие изгледаат како јазли кои, како пластични заштитни навлаки на врвките за чевли, ги спречуваат молекулите да се „разлистаат”. Колку подолги се теломерите, толку повеќе пати клетката може да се реплицира. Со секоја клеточна поделба, теломерните краеви се скратуваат. Кога ќе станат толку кратки што клетката повеќе не може да се дели, таа умира.

„Ова значи дека теломерите се важен показател за нашата биолошка старост и за истрошеноста на нашите клетки”, вели Скот Оглетри, еден од авторите на студијата и предавач на Универзитетот во Единбург.

Заедно со неговите колеги, Оглетри пресметал дека зелените површини можат да ја намалат биолошката возраст на една личност, во просек, помеѓу 2,2 и 2,6 години.

Научниците проучувале податоци за 7.827 лица од американската национална база на податоци во периодот од 1999 до 2002 година. Тие биле заинтересирани до кој степен е зелено нивното соседство и како тоа е поврзано со должината на теломерите.

„Откривме дека колку повеќе зелени површини имаат луѓето во своето соседство, толку подолги се нивните теломери”, вели Арон Хеп од Универзитетот во Северна Каролина. „Тоа беше точно без разлика на нивната раса, економски статус, дали пиеле или пушеле и слично.

Многу фактори можат да придонесат за губење на теломерите, а стресот е еден од нив. Постојат голем број начини на кои растенијата го ублажуваат нивото на стрес, на пр. со тоа што ја „ладат” својата околина за време на топлотните бранови и ги прават температурите попријатни. Вегетацијата исто така го намалува и загадувањето на воздухот и бучавата.

Зеленилото исто така го поттикнува населението на физичка активност и меѓусебна социјална интеракција. Покрај тоа, иницијативата „Сите во парк”, благодарение на која 93% од жителите на колумбискиот град Баранкила живеат на најмногу осум минути пешачење до најблиските зелени површини, покажа дека зелените простори можат да доведат до намален ризик од криминал.

За жал, ни природата не е семоќна, па според тоа нејзините моќни својства се со ограничен капацитет.
Кога истражувачите ги земаа предвид другите негативни влијанија како што е загадувањето на воздухот, позитивните ефекти од вегетацијата исчезнаа.

Извор:https://news.ncsu.edu

ОкоБоли главаВицФото