Дали нашата душа умира со Палестинците?

09.05.2024 02:30
Дали нашата душа умира со Палестинците?

Израел наскоро ќе мора да донесе историски политички одлуки кои ќе ја одредат судбината на земјата, на целиот регион и на идните генерации. За жал, Бенјамин Нетанјаху и неговите партнери постојано докажуваат дека не се квалификувани да носат такви одлуки. Политиките што ги усвоија последниве години го доведоа Израел до работ. Тие не покажаа ни трошка каење за грешките од минатото, или подготвеност да го сменат правецот. Ако продолжат да одлучуваат, ќе нè доведат и нас и целиот регион во пропаст. Наместо да брзаат во нова војна со Иран, тие треба да учат од поразот на оваа шестмесечна војна.

Војната е воено средство за постигнување политички цели, а единствено мерило за воен успех е одговорот на прашањето дали се постигнати политичките цели. По страшниот масакр на 7 октомври Израел мораше да ги ослободи заложниците и да го разоружа Хамас, но тоа не беа единствените цели. Со оглед на егзистенцијалната закана од Иран и неговите агенти за хаос, Израел мораше да го зајакне сојузот со западните демократии, да ја зајакне соработката со умерените во арапскиот свет и да воспостави стабилен поредок во регионот. Но, владата на Нетанјаху ги игнорираше сите овие цели и наместо тоа бараше одмазда. Не ги ослободи сите киднапирани, ниту го уништи Хамас. Свесно предизвика огромна хуманитарна катастрофа за 2,3 милиони Палестинци во Појасот Газа, поткопувајќи ја моралната и политичката основа на постоењето на Државата Израел. Хуманитарната катастрофа во Газа и влошувањето на ситуацијата на Западниот Брег доведуваат до хаос, го оштетуваат нашиот сојуз со западните демократии и ја отежнуваат соработката со земји како Јордан, Египет и Саудиска Арабија. Очите на повеќето Израелци сега се насочени кон Техеран, но и порано ние навистина не сакавме да видиме што се случува во Газа и на Западниот Брег. Ако не направиме драматична промена во нашето однесување кон Палестинците, нашата ароганција и одмаздољубивост ќе нè доведат до историски пораз.

По шест месеци војна повеќето од киднапираните уште се во заробеништво, а Хамас не е поразен. Појасот Газа е речиси целосно уништен, илјадници палестински граѓани се убиени, додека повеќето од преживеаните се прегладнети бегалци. Покрај Газа, уништен е и политичкиот статус на Израел, кој се претвори во изолирана и омразена држава дури и меѓу своите неодамнешни пријатели. Ако избие сеопфатна и долготрајна војна против Иран и неговите приврзаници, колку Израел може да се потпре на Соединетите Држави, на западните демократии и умерените арапски држави за тие да ризикуваат обезбедувајќи ја воената и дипломатската помош што ќе ни треба? Дури и да не избие таква војна, колку долго Израел ќе може да издржи како изолирана земја? Ние ги немаме ресурсите што ги има Русија. Без трговски, научни и културни врски со остатокот од светот, без американско оружје и пари, најоптимистичкото сценарио на кое можеме да се надеваме е да бидеме Северна Кореја на Блискиот Исток.

Премногу граѓани на Израел ја негираат или ја потиснуваат ситуацијата и причините што нè доведоа овде. Многумина ја негираат и сериозноста на хуманитарната криза во Газа и затоа не можат да ја разберат политичката криза во која се наоѓаме. Кога слушаат извештаи за уништување, убиства и гладување во Газа, тие тврдат дека тоа се лажни вести или наоѓаат морални и воени оправдувања за однесувањето на Израел.

Оние кои брзаат да го најдат виновникот за нашите неволји во антисемитизмот, треба да ги потсетиме на првите недели од војната, кога Израел уживаше невидена меѓународна поддршка. Колку водачи долетаа во Израел. Претседателот на САД, претседателот на Франција, германската канцеларка, британскиот премиер и цела низа други премиери, министри за надворешни работи и други лидери го посетија Израел и дадоа поддршка во борбата против Хамас. Добрите зборови беа проследени со дела. Неверојатни количини воена опрема беа испорачани во Израел. Германскиот извоз на оружје се зголеми за десет пати. Без таа помош не би можеле да водиме војна во Газа и Либан и да се подготвиме да се соочиме со Иран и неговите емисари. Во меѓувреме, во водите на Црвеното Море и Индискиот Океан, меѓународната флота се собра за да се бори против Хутите и да одржи слободен премин на трговскиот пат кој води до Заливот Еилат (Заливот Акаба) и Суецкиот канал.

Не помалку важно, во повеќето претходни војни Израел дејствуваше под строги временски ограничувања, при што неговите сојузници го принудија да ги прекине непријателствата во рок од неколку дена или недели. Но во оваа војна, со убиства од страна на Хамас, на Израел од неговите сојузници му беше дадено продолжување од неколку месеци за да ја освои Газа, да ја промени ситуацијата таму како што мисли дека е соодветно, да ги ослободи киднапираните и да создаде алтернативен поредок во регионот.

Владата на Нетанјаху целосно ги потроши политичкиот кредит, духот и посветеноста на израелските војници. Наместо да ја искористи победата на воено поле за да постигне договор за ослободување на киднапираните и да промовира алтернативен политички поредок, владата свесно одлучи непотребно да предизвика хуманитарна катастрофа во Појасот Газа и на тој начин да го доведе Израел во непотребна политичка катастрофа.

Еден по еден, згрозени од она што се случува во Газа, нашите сојузници почнаа да бараат итен прекин на огнот, па дури и ембарго за оружје. Умерените арапски држави чии интереси се слични на нашите и кои се плашат од Иран, Хезболах и Хамас, имаат проблем да соработуваат со нас поради сцените во Газа.

Владата на Нетанјаху успеа да ги уништи односите и со САД, како да имаме резервен извор на оружје и дипломатска помош. Новите генерации во САД и ширум светот гледаат во Израел расистичка и насилна држава која протерува милиони луѓе од нивните домови, намерно изгладнува и убива илјадници граѓани патот на немилосрдната одмазда. Последиците ќе ги чувствуваме не само наредните денови, туку со децении. Дури и во најмрачните моменти на 7 октомври Хамас не беше ни блиску да го порази Израел. Но, однесувањето на владата на Нетанјаху по 7 октомври ја стави земјата во егзистенцијална опасност.

Поразот на владата на Нетанјаху во војната не е случаен. Резултат е на повеќегодишни трендови. Одлуката за создавање хуманитарна криза во Газа се заснова на комбинација од три фактори: недостаток на емпатија за животите на Палестинците, недостаток на чувство за меѓународната положба на Израел и приоритизацијата што ги игнорира реалните безбедносни потреби на земјата.

Долги години Нетанјаху и неговите партнери негуваа расистички светоглед, при што премногу Израелци се навикнаа да ја потценуваат вредноста на палестинските животи. Постои директна врска меѓу дивеењето во Хавара во февруари 2023 година и хуманитарната катастрофа во Газа. Оние кои се навикнаа на тоа дека е дозволено да се запали гратче на Западниот Брег како одмазда за убиството на двајца Израелци, ја видоа можноста да го уништат целиот Појас Газа како одмазда за 7 октомври.

Нема сомнеж дека Хамас е убиствена терористичка организација која изврши низа ужасни злосторства на 7 октомври. Но, Израел треба да биде демократска држава која, дури и во случајот на Хамас, ги почитува законите, основните човекови права и моралните стандарди. Затоа САД, Германија и Британија беа на наша страна на 7 октомври. Се подразбира дека демократските земји имаат право и обврска да се бранат, а во војните за опстанок понекогаш е неопходно да се преземат насилни чекори за да се постигнат важни политички цели. Сепак, многу од чекорите што Израел ги презеде по 7 октомври се чини дека се водени од слепа одмазда или, уште полошо, од надежта дека стотици илјади Палестинци засекогаш ќе го напуштат Појасот.

Долги години Нетанјаху и неговите партнери ја негуваат ароганцијата што многу Израелци ја прифатија потценувајќи ја важноста на нашите односи со западните демократии. „Лидери на Посебната лига“ - пишува на пропагандните плакати на кои насмеаните Нетанјаху и Владимир Путин и се ракуваат. Кому му требаат Вашингтон и Берлин кога израелската сила има нови пријатели во Москва и Будимпешта? А ако Путин ни е нов пријател, зошто Нетанјаху да не се однесува како него и на пример да им ги отсече ушите на терористите? Многумина мислат дека Израел треба да учи од него. Непотребно е да се каже дека по 7 октомври Путин му заби нож во грб на Нетанјаху, а Виктор Орбан не се ни потруди да дојде. Ни помогнаа либералите од Вашингтон и Берлин. Можеби од навика, Нетанјаху продолжи да ја гризе раката што не храни. Изолацијата на Израел во светот и омразата на академската заедница, особено на младите, не е резултат на пропагандата на Хамас. Таа е резултат на погрешните приоритети на Нетанјаху изминативе 15 години.

Долги години Нетанјаху и неговите партнери обликуваа приоритети кои ја игнорираа не само важноста на нашиот сојуз со западните демократии, туку и подлабоките безбедносни потреби на Израел. За тоа што доведе до дебаклот на 7 октомври се пишуваше многу, а ќе се пишува уште многу. Се разбира, нема дилема дека не може за сè да одговара премиерот. Но тој е одговорен за најважното, дефинирање на државните приоритети. Нетанјаху постави приоритети кои го уништуваат Израел. Тој и неговите партнери повеќе сакаа голема територија и проширување на окупацијата отколку сигурна државна и заштита на границите, што доведе до тоа „господинот безбедност“, кој со години не успеа да евакуира ниту една илегална населба од окупираните територии, за еден ден да ги расели израелските градови Сдерот и Кирјат Шмону.

И повеќе од тоа. Кога ја формираше последната влада, Нетанјаху мораше да избере проблем на кој ќе се фокусира. Да се бориме против Хамас, Хезболах или Иран? Или уште подобро, за прашањето за животниот стандард? По длабоко размислување, „господинот безбедност“ реши да војува со Врховниот суд. Доколку владата на Нетанјаху во периодот од јануари до октомври 2023 година наместо на Врховниот суд внимаваше на Хамас, можеше да се избегне октомвриската катастрофа.

Кога, по 7 октомври, Нетанјаху мораше да избере воени цели, не е чудно што безбедноста повторно доби ниско место во редот на приоритетите. Разбирливо е дека Израел мораше да влезе во Газа за да ги уништи воените капацитети на Хамас. Но, долгорочната цел на војната мораше да биде создавање нов стабилен поредок во регионот што ќе ги чува граѓаните на Израел безбедни уште многу години. Таков поредок може да се воспостави само преку сојуз меѓу Израел и западните демократии и преку зајакнување на соработката со умерените сили во арапскиот свет. Наместо да се грижи за тоа, избраната воена цел на Нетанјаху беше слепата одмазда против Палестинците. Како и слепиот Самсон во приказната од Танах, Нетанјаху избра да се освети и да ги сруши храмовите на Газа врз нашите глави.

Народот на Израел ги знае и сака приказните од Танах. Како се случи по 7 октомври да ја заборавиме приказната за Самсон? Тоа е приказна за еден еврејски херој кој бил одведен во Газа и заробен и мачен од Филистејците. Зошто не стана симбол на 7 октомври? Зошто не ја гледаме неговата слика на налепници, мемиња и графити? Зашто пораката на Самсон е застрашувачка. „Ќе се одмаздам и душата ќе ми умре со Филистејците“, рекол Самсон. Од 7 октомври сме толку слични на Самсон по ароганцијата, слепилото, самоубиствената желба за одмазда, што едноставно би било премногу страшно да се потсетиме на арогантниот херој кој го сруши храмот врз себе и ја жртвуваше својата душа за да ги убие напаѓачите.

По 7 октомври беше неопходно да се бориме против Хамас и да го поразиме, но тоа можеше да се направи без да се убијат толку многу невини цивили и без да се изгладни населението во Газа. Армијата постигна низа импресивни победи на бојното поле, кои ѝ донесоа контрола врз големи делови од Појасот Газа и врз патиштата. Дури и ако беше тешко да се направи разлика меѓу цивили и вооружени војници за време на борбите, што го спречи Израел да обезбеди помош за Појасот Газа? Има и такви кои тврдат дека проблемот е во дистрибуцијата на помош во Појасот, дека членовите на Хамас крадат храна и дека тоа е причината да гледаме сцени на изгладнети деца и илјадници очајни луѓе кои бркаат камиони со хуманитарна помош. Дури и ако тоа било вистина, Израел можеше да обезбеди помош, носејќи толку многу храна, лекови и друга опрема во Појасот Газа што ниту една кражба да не може да предизвика глад. На крајот на краиштата, каква врска имаат крадците со вишокот храна, освен со тоа што ја продаваат на населението?

Како алтернатива, ако Египет веќе имаше тешкотии да донесе помош за Појасот Газа, а другите земји одбиваа да примат палестински бегалци, Израел мораше да создаде засолништа на својата територија, во пустината на границата со Египет. Во оваа област е можно да се сместат стотици илјади жени, деца, стари и болни од Појасот Газа и да се обезбедат основни потреби и заштита од напади сè додека трае војната. Оваа идеја во првите денови од војната ја изнесоа Бени Морис, Бенџамин Зев Кедар и некои други високи членови на израелската академија, кои навреме ја увидоа опасноста. Таквата политика би ја исполнила моралната должност на Израел, би стекнала многу симпатии на меѓународната сцена и истовремено би ѝ овозможила на армијата непречено да дејствува во Појасот Газа. Не е доцна таа идеја да се спроведе во пракса.

Нетанјаху продолжува да ветува апсолутна победа, додека ние сме на чекор од апсолутен пораз. Веќе ги постигнавме главните цели што беа остварливи во борбите - враќање на довербата во воената способност на армијата, обновување на стратегијата за одвраќање на Израел и елиминирање на поголемиот дел од воените способности на Хамас. Нема што друго да се добие со војна. Опасна е претпоставката дека е потребна само уште една победа во Рафија и Кан Јунис, а Хамас ќе биде поразен, киднапираните ќе бидат ослободени и Израел ќе може да им диктира услови за предавање на сите свои непријатели. Секој дополнителен ден на војна им служи на целите на Хамас и Иран и ја продлабочува меѓународната изолација на Израел.

Голем дел од израелската јавност е слепа за тоа што се случува. За премногу Израелци времето запре пред шест месеци. Сонцето застана во Сдерот.1 Нашите медиуми сè уште се полни со извештаи за 7 октомври 2023 година секој ден, како да не забележуваат дека веќе е април 2024 година. Важно е, секако, да се потсетиме и да разјасниме што се случило во Отеф Аза таа страшна сабота, но важно е да се знае што се случува во Газа во моментов. Целиот свет ги гледа ужасните слики од Газа, додека премногу израелски граѓани не се осмелуваат да ги погледнат или да видат лажна пропаганда во нив. Слепилото на јавноста и дава одврзани раце на владата да ја продолжи својата кампања на уништување, која ги уништува не само Палестинците, туку и она што останало од положбата на Израел во светот и нашиот морален компас. Како да ја раскинеме ехо комората во која сме заробени и да видиме што ќе се случи?

Низ историјата се случувало целата јавност да го изгуби контактот со реалноста. Ова е особено случај во време на војна. На почетокот на 1945 година, кога изолираната Јапонија беше на работ на целосен пораз, нејзините граѓани продолжија да се борат за апсолутната победа што им ја ветија владата и медиумите. Јапонците кои се осмелија да размислуваат поинаку беа означувани како дефетисти, и беа строго казнети, а понекогаш и убиени.

За многу Јапонци императорот Хирохито бил божествено суштество. Никогаш не им се обратил директно, а освен семејните и државните раководители, никој не можел да го слушне неговиот глас. Една недела по фрлањето на атомската бомба јапонската влада сфати дека мора да се предаде. Бидејќи до тој момент власта ветуваше апсолутна победа, се плашеше како граѓаните ќе го сфатат наглиот пресврт. Ниту атомските бомби нема да можат да го објаснат тоа. Затоа богот на Јапонците се занимава со пропагандна работа. „И покрај големите напори на сите нас“, се слушнал гласот на божествениот цар во етерот, „воената ситуација не се развива во наша полза и општите трендови во светот се насочени против нашите интереси... Затоа решивме да тргнеме по новиот пат на мирот... поднесувајќи го она што не може да се поднесе и да го истрпиме дури и она што е неможно да се истрпи“.

Израел во 2024 година не е Јапонија во 1945 година. Не тргна да го освои целиот свет и да убие милиони луѓе. Израел сè уште има домашна воена надмоќ, а неговата меѓународна изолација сè уште не е целосна. Најважно од сè, во нашиот регион, атомското оружје сè уште е во магацините. Сè уште има време да се спречи Блискиот Исток да стане Хирошима. И покрај нашите огромни разлики, постои една работа во која сме слични. Како Јапонците, многумина од нас се заробени во ехо-комора каде што слушаме ветувања за апсолутна победа, а всушност стоиме на работ на пропаст. Како да излеземе од таа соба? Не треба да чекаме атомска бомба, ниту Господ да зборува на радио.

Владата на Нетанјаху, која толку пати беше поразена, конечно мора да преземе одговорност. Таа го обликуваше деструктивниот редослед на приоритети што нè доведоа овде, таа ја водеше војната на начинот на Самсон, решена да се одмазди по цена на самоуништување. На истите луѓе веќе не треба да им се дозволи да ги носат најважните политички одлуки во историјата на Израел.

Владата на Нетанјаху дојде до точка кога мора да го поднесе она што е тешко да се поднесе, да го признае поразот и да направи простор за некој кој ќе може да сврти нов лист. Главната задача е да се формира влада која ќе ја запре хуманитарната катастрофа во Појасот Газа, ќе го започне процесот на рехабилитација на нашиот политички статус и нашиот морален компас. Ако не ја промениме нашата политика кон Палестинците ќе останеме сами во војната против Иран и ќе го доживееме истиот крај како Самсон, кој во немоќен бес го сруши храмот врз себе.

Слики: Omar Abdallat

Извор за текстот: YUVAL NOAH HARARI, Haarec, 18.04.24.

Превод: Н. Г.

1 Парафраза на изреката „Сонцето застана во Гаваон“, од библиската приказна за чудото што се случило кога Џошуа Бен Нун за време на војната на кралевите во Гаваон побарал од Бога да го запре движењето на сонцето и месечината; заб. прев.