Завршената скијачка сезона беше успешна за Пампорово, без оглед на сериозните климатски предизвици во текот на топлата зима, коментира за БТА Маријан Бељаков, извршен директор на „Пампорово“ АД. Околу четири отсто е порастот на бројот на посетителите во одморалиштето за зимската сезона, имајќи го предвид зголемувањето на туристичкиот проток во однос на романскиот, турскиот и српскиот пазар.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Зимската сезона беше повеќе од добра, цело време скијачката област беше отворена повеќе од 90 проценти и покрај тешките временски услови поради многуте дождови, објасни Белјаков. Тешкотиите за туристичката индустрија произлегуваат од сложената надворешнополитичка ситуација во Европа, коментираат од Пампорово АД.

Следната скијачка сезона се очекува да биде многу посилна, предвидува извршниот директор на АД „Пампорово“. Компанијата ги обновува поранешните програми со британски тур-оператори кои отсуствуваа од планинското одморалиште во последните години. Трендот забележан за време на пандемијата со Ковид за зголемување на релативниот удел на неорганизирани туристи кои резервираат одмор без посредство на тур-операторите веќе се надминува. Околу 30 отсто сега се неорганизирани туристи, додека за време на пандемијата беа значително повеќе, рече Маријан Бељаков.

Според него, туроператорите веќе се на стабилна основа. Се прилагодуваат слоевите и сведоци сме на посериозна контрола на пазарите од туроператорите, додаде тој. Стабилизирање на туристичкиот пазар се забележува и во однос на враќањето на раните резервации, велат хотелиерите. Тоа е нов пресврт во филозофијата за резервации, откако во пост Ковид периодот доминираше начин на размислување за резервации за одмор во последен момент.


Администратор
16/04/2024 19:25