Биљали во СТУДИО 10: Пендаровски излезе жртва за неснаоѓањето на СДСМ во презентацијата на своите политики

Јас ја почитувам женската желба да постигне тоа ниво на репресентативна структура, да биде претседателка, но не ја гледам Сијановска Давкова како претседател. Реално, имаше повеќе кандидати и затоа резултатите беа такви во првиот круг. Во вториот круг не е сигурна победата на Давкова затоа што никој не може да предвиди каде ќе се прелеат гласовите од другите кандидати. Максим Димитриевски оствари солиден број гласови и не верувам дека некој можел да предвиди таков исход. Верувам дека тоа се гласови на револт од луѓе кои се гневни на СДСМ но не би гласале за ВМРО-ДПМНЕ. Ќе видиме како ќе се движи оваа бројка, а јас не верувам дека ќе биде во полза на Давкова. Со оваа позиција на Пендаровски е колатерална штета за владеењето на владата. Политиката е вештина да прикажете што сте направиле па дури и да го преувеличате. Пендаровски не заслужи толку мал број гласови и колатерална штета на неумеењето на СДСМ да ги презентира своите политики. А ВМРО-ДПМНЕ одеше на национална карта со изјавата дека Македонците се кираџии во сопствена куќа, што е фашизоидно. Јас лично да имам мандат, никогаш не би го навредувал македонскиот народ ниту кој било друг народ, вели универзитетскиот професор и аналитичар Мерсел Биљали во СТУДИО 10 на ТВ 24.

- Моментот кога ВМРО-ДПМНЕ велат да ја вратиме државата тоа значи дека таа е во рацете на туѓ народ. Ова е нешто што не го очекував по 30 години. А факт е дека СДСМ не покажа снаоѓање, додава Биљали.

Биљали во СТУДИО 10 коментира дека овие гласови што ги имаа претседателските кандидати се гласови на партиите, но главно се незаслужени оти се гласови на револт, а не глас по заслуга.

- Победникот го одлучија оние гласови кои беа изманипулирани со нарактивнот на колективитети. Кога се игра на национална карта се запоставуваат другите проблеми. Првично е да се спаси државата и народот, а ред други сегменти кои се витални за нас како граѓани и држава се запоставуваат. Наместо да се занимаваме со нив, преку конкретни политички понуди, се нудат приказни. На крајот и да се добие власт на национални чувства фрижидерот повторно ќе остане празен. Јас очекувам конкретни понуди од сите партии, да видиме што е тоа конкретно што ќе го понудат на граѓаните, вели Биљали.

Биљали вели дека на митинзите постојано се зборува за криминал и корупција, но ние не создаваме систем за борба против тоа. 

- Нема дилема дека имаме корупција и криминал и тоа децениски. Но, во други земји со тоа не се занимаваат партии туку обвинителството и правосудниот систем. Странците трошат многу пари за зајакнување на капацитетите за гонење на корупција и висок криминал. Со сто пати помалку пари можеле да постигнат поголем резултат, требало да направат група што ќе дојде и што ќе покаже како да се направи мерит систем во судство, во образование итн. и ќе се донесе група експерти што ќе се грижат за спроведување на тие планови, вели Биљали.

Биљали вели дека едноставно треба да се види како функционира нормалниот свет и да го пресликаме тоа, а клучок е мерит систем и за спасување на државата и на луѓето кои бегаат оттука.

- Нашето население е остарено. Сега има околу милион што живеат тука, а за педесет години кој ќе живее тука?, прашува Биљали.

Во врска со уставните измени и предлогот за граѓански Устав Биљали вели дека и најграѓанскиот устав мора да има етничка и верска заштита во одредени сегменти. Но, вели Биљали, Силјановска Давкова не е таа што ќе одлучи иако е експерт по тие прашања, туку за тоа ќе одлучува ВМРО-ДПМНЕ.

- Европска Унија е најмалата цена што треба да се плати. Ги спасува луѓето. Каде што има голема сиромаштија има голема депресија. Очекувам од опозицијата наместо со тоа дека ни е грабната државата да се занимава со овој проблем, вели Биљали.

Биљали вели дека за коалицирање на влада ниедна од албанските партии нема да прифати коалицирање без договор за уставни измени. Не мора да се формира влада на победник со победник, но тогаш, вели Биљали, се нарушува волјата на мнозинството граѓани кои гласале за некоја партија. Тој очекува дека мора, како и досега, како и секаде, да се седне и да се разговара за доброто на државата.

- Ако постапувате само според своите интереси, не само што ги игнорирате туѓите интереси туку и ги загрозувате. Добра политика не се води така. Не можеме вечно да си играме со нервите на луѓето, вели Биљали.