Рубрика: Омнибус
35 јубилејно издание на саемот на книгата – што да очекуваме
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 03.05.2023 - 16:00

Утре официјално започнува Саемот на книгата, можеби најголемиот настан во Македонија чијашто основна цел е промоција на една од најкорисните навики, читањето – читањето како сублимирана размена на информации, како пренос на мисли низ времето и просторот, како влезница во нов свет, читањето како орудие, што ако правилно се примени, придонесува за развој на синаптичките мозочни врски и способноста за критичко размислување. Што ни носи ова јубилејно 35 издание на Саемот на книгата? Како што е најавено, освен понуда на книги по популарни саемски цени, организаторите ветуваат и моштво промоции на нови дела како од домашни така и од странски автори.

Како што велат организаторите, една од главните цели на годинешното јубилејно 35. издание на Меѓународниот Саем на книгата е “одбележување на важноста за зачувувањето на мајчиниот јазиј, како главен идентитет на народот, а за истото, Саемот ќе се фокусира на активност и на програма која ги слави познатите легенди, кои имаат оставено значителен печат во македонската книжевност”. На 5 мај Македонската асоцијација на издавачи ќе организира и трибина по повод Денот на македонскиот јазик.

Сублимирано во бројки Саемот на книгата се очекува да изгледа вака: најавено е присуството на 60 идавачки куќи, а се очекува бројот на посетители да ја надмине бројката од 30 000, односно да се врати на нивото од пред пандемијата. Според програмата којашто ја добивме, во саемскиот промотивен центар се планирани промоции на дваесетина дела, додека на штандовите од издавачите се предвидуваат преку 30 промоции и настани кои вклучуваат присуство на автор. Вкупно во сите промотивни настани ќе учествуваат 20-тина издавачки куќи.

Во саемската литературна понуда секако акцент е ставен на белетристиката, како најпопуларен книжевен вид. Она што не може да се забележи во промотивните најави се нови дела од областа на научната и стручната литература, со исклучок на изданијата на Државниот архив на Македонија и издавачот Страница. И тука најавените изданија се од областа на историјата, односно покриваат одредени периоди од минатото на Македонија (делата во издание на Државниот архив), етнологијата (Страница.мк) и уметноста (Чудесна Шума). Оттука се наметнува заклучокот дека понудата на стручна и научна литература веројатно ќе биде во вид на постари изданија, реизданија и изданија што не се на македонски јазик. Колку, што, како? Па... ќе прошетаме, ќе видиме и ќе известиме.

Влезницата за Меѓународниот Саем на книгата, што ќе се одржи од 4 до 10 мај во спортската сала “Борис Трајковски” во Скопје, ќe чини 80 денари, додека за организирани групи цената на една влезница ќе биде 50 денари. Работното време на Саемот е од 10 до 20 часот, секој ден освен последиот. На 10 мај саемот ќе биде отворен само до 18 часот.

Клучни зборови: