Дали Македонија ќе го пропушти првиот воз европски пари од планот за раст на регионот?

Македонија има рок од две недели да го стартува процесот за Планот за раст, ако сака оваа есен да добие од колачот европски пари, наменети за Западен Балкан.

До 15 ти мај, земјава треба да испрати конечна верзија на реформска агенда на која се обврзува, а која претходно треба да биде усогласена со Европската Комисија и усвоена на владина седница.

Откако тоа ќе се случи, ЕК треба да испрати два документи, првиот е политички - за раст и развој, а вториот се однесува на заем . И двата европски документи ќе мора да поминат низ собранискиот филтер, поточно, да се изгласат во македонското собрание.

Доколку тоа не се случи, Македонија ќе го пропушти првиот воз за европски пари.

- До крајот на овој месец ќе ја доставиме конечната верзија. Ќе стигнеме со тој рок од 2024-2027год. Затоа што, ако се чека во постизборните математики, нова влада, ќе задоцниме многу и сите други држави ќе го имаат усвоено. На оваа тема имавме и консултации со претставници на опозицијата во Собранието и има разбирање да се продолжи со овој процес, без оглед на тоа што е техничка влада во прашање. Ако се оди по планот, веќе во септември треба да стигнат првите 7 проценти од онаа сума од 850 милиони евра, предвидени за Северна Македонија, велат од Секретаријатот за европски прашања. - велат од Секретаријатот за европски прашања.

И додека македонскиот календар одбројува денови до изборите на 8 мај, Европскиот Парламент со 517 гласови „за“, 56 „против“ и 30 „воздржани“ го поддржа усвојувањето на регулативата за создавање на Механизам за реформи и раст на Западниот Балкан, преку која ќе бидат овозможени европските пари до регионот. Гласањето се одржа на само еден ден пред распуштањето на Европскиот парламент, поради изборите во ЕУ.

- Благодарност од Европскиот парламент за многу добрата соработка што доведе до усвојување на средствата за реформи и раст од шест милијарди евра. Веднаш го ставивме во функција. - изјави Оливер Вархеји еврокомесар за проширување.

Регулативата сега треба да помине и на Европски Совет. Инаку според текстот, земјите од регионот на Западен Балкан ќе треба да исполнат голем број критериуми за да го искористат пакетот финансиска помош во периодот од 2024 до 2027 година.