Додека некои мајки се жалат дека нивните деца постојано ги држат за раце, се „лепат“ за нив и дека не можат да направат ниту еден чекор без нив, други се загрижени зошто нивното дете одбива бакнежи, милувања и прегратки.

Што најчесто мислат родителите во таква слична ситуација:

-Веројатно не ме сака.
-Дали има аутизам?
-Веројатно погрешно го воспитувам.

Детскиот и семеен психолог Наталија Бондаренко открива што може да значи тоа што детето избегнува прегратки и галење:

-Всушност, не е лесно да се даде одговор за ова однесување. Може да има неколку причини зошто тоа се случува. За почеток, препорачувам да анализирате како е вообичаениот начин за покажување емоции во вашето семејство. Можеби детето го „чита“ вашето однесување. Размислете како вие и вашиот сопружник комуницирате меѓу себе и покажувате емоции, како комуницирате со вашата мајка. Ако бебето има браќа или сестри, како покажувате чувства кон нив. Колку често детето ја гледа својата мајка како ја гушка мајка си? Доколку ваквата грижа не е прифатена и практикувана во вашето семејство, немојте да се чудите ако детето така се однесува.

Исто така, причина за ваквото однесување може да биде неуспешно избран момент за прегратки. Можеби сте му пришле на детето кога било заинтересирано за игра или за гледање цртан филм. Обрнете внимание на тоа како реагирате ако за време на разговор со пријателка, детето ви пријде и привлекува внимание кон себе. Поставете си го ова прашање: „Дали го игнорирам детето кога бара внимание, а јас го користам телефонот, разговарам со некого или гледам филм…?

Едноставно, можно е вашето дете да е токму такво, да ги изразува своите емоции на различни начини. Ако забележите дека вашето дете не сака да го гушкаат, обидете се да разговарате со него, набљудувајте го неговото однесување, нудете нежни прегратки неколку пати на ден и набљудувајте ја неговата реакција. Ако може да ги изрази своите чувства на други начини, тогаш ова е само карактеристика на неговиот карактер.

Дали ова може некако да се смени? Се разбира, можете и треба да работите со тактилноста на детето. Прво, би било убаво да разговарате со детето и да разберете зошто има такво однесување. Во овој момент, важно е внимателно да го слушате за да сфатите што точно сака да каже.

Второ, покрај прегратките, има уште милиони гестови кои ја покажуваат вашата љубов и наклонетост. Смислете гест кој ќе ви биде пријатен и на двајцата. Тоа ќе биде вашиот таен и посебен начин на изразување на чувствата, ќе биде единствен, за разлика од другите. Има многу детски книги кои зборуваат за развојот на тактилноста на детето. Проучете ја таквата литература и, можеби, ќе најдете одговори за вашите прашања во неа.

Некои вознемирени родители се загрижени дека нивното дете има нарушување од спектарот на аутизам (ASD). Тоа се карактеризира со недостиг на социјален контакт на детето со други луѓе. Но, кај таквото нарушување симптомите не се ограничени само на стравот од прегратки – мора да има и други сигнали. Ако нешто ве загрижува, подобро е да се консултирате со детски психијатар или психолог.

Секој проблем бара време и внимание. Правилно е родителите да ги гледаат своите деца и да се интересираат за нив за да ги решат проблемите што ги мачат. Ако не можете сами да ја разберете ситуацијата, секогаш можете да контактирате со специјалист, вели Бондаренко.

Извор



912

X