Мицкоски: Мораториум на сите напади кон Левица и ЗНАМ, да создадеме македонско национално единство

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од вчерашниот митинг во Охрид ја промовираше идејата за создавање на македонско национално единство.

„Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум и запирање на сите напади кон партите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ, но и како моја обврска да пробам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога тоа и е најпотребно на државата, во моменти кога државата е одземена од народот и во рацете на неколкумина корумпирани политичари од ДУИ со неколкумина корумпирани политичари од СДСМ кои се седнати во скут кај овие од ДУИ“, рече Мицкоскит.

Истакна дека Македонија мора да се обединува по сите основи, за тоа да се случи мора да се почне од некаде, и нема подобар период од тоа, тој процес да започне токму сега.

„Ќе има во иднина моменти кога националното единство ќе е неопходно, исто како што ќе има моменти кога ќе се прејде на едно граѓанско единство без разлика на етничката припадност, затоа што ова, е земја на сите граѓани кои живеат во нејзе и сите ние граѓаните од различни етнички заедници сме нераскинлив дел и столб на оваа држава и на нејзината иднина“, заклучи тој.

Неговата порака е дека нема откажување од граѓаните, нема откажување од единството помеѓу сите, затоа што само така заедно сложни со силата и капацитетот на сите, сме иднината на ова земја, порача Мицкоски.