Лајчак: Во Приштина согласност за спроведување на сите договори со Белград

Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, по вчерашната ненајавена посета на Приштина, соопшти дека заедно со премиерот на Косово, Аљбин Курти и шефот на преговарачкиот тим во Брисел Бесник Бесљими постигнале договор за спроведување на сите договори постигнати меѓу двете страни.

Лајчак на „Твитер“, заедно со фотографија од вечерата со Курти и Беслими, објави дека се вратил во Косово за да продолжи со „чесните, отворени и интензивни дискусии“ за следните чекори и за патот кон нормализирање на односите со Србија.

Наведувајќи дека разговорите за планот на ЕУ за Косово се водат одделно со сите страни, Лајчак рече дека очекува Косово и Србија да го прифатат и потпишат предлогот.