Предизборните карвани си врват – народот (не) им верува на ветувањата

Втор ден од предизборната кампања за парламентарните избори. Носителите на листите за пратеници но и повеќето истакнати кандидати се расфрлаат со ветувања кон граѓаните – што би направиле ако ја добијат довербата од народот на 8 мај. Кампањата ќе трае до 6 мај на полноќ – тогаш граѓаните ќе „одморат“ од ветувањата за да размислат „со ладна глава“ кој број ќе го заокружат на гласачкото ливче.

Гром ќе се залага за изградба на 5 Старечки домови ширум државата и 10 геријатриски центри

Старскиот дом Мајка Тереза кој работи во склоп на Геријатрискиот центар 13 Ноември е единствен државен старски дом во Скопје и згрижува само 75 лица. Во Македонија постојат само 4 државни старски домови од ваков тип: Скопје, Куманово, Битола, Прилеп и Берово со вкупен капацитет од 650 – 700 стари лица.

-Македонија има итна потреба од 15 Старечки домови. Друг  и многу сериозен е проблемот со Геријатриските центри. Во Македонија постои само еден Геријатриски центар во Скопје. Состојбата е алармантна земајќи во предвид дека младите луѓе масовно се иселуваат од државата и популацијата старее. Ќе инсистираме за нови 15 Старечки домови ширум државата и 10 геријатриски центри кои за почеток би биле во склоп на општите болници кои може да ослободат 30 – 40 болнички кревети за оваа намена, со што би имале и медицински третман, изјави Добрила Андоновска носител на листа на Гром во ИЕ1.

ЗНАМ: Нема коалиција без да се дефинираат црвените линии

Претседателот на ЗНАМ Максим Димитриевски воедно и претседателски кандидат, во врска со најавите за коалиции потенцираше дека нема да прават коалиција додека не се потпишат и дефинираат црвените линии за Македонија.

„За нас и едните и другите се подеднакво исти. Во оваа наша држава од 90-та година наваму граѓаните само еднаш гласаа За. На референдумот за независност. И така 30 години се вртиме во круг и гледаме како Македонија ја прават наменска држава, по нивни терк“ – рече тој и додаде дека се против, а за  поголеми права, поголеми плати, поголеми пензии, подобар стандард на граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ ветува дека економијата и животниот стандард ќе бидат во фокусот на Владата предводена од нив, ако ја добијат поддршката од граѓаните

Кандидатот за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во втората изборна единица, Бојан Стојаноски денеска истакна дека ВМРО-ДПМНЕ и наредната Влада многу сериозно ќе ги поддржи стопанските субјекти.

„Предвидуваме во нашата Платформа 1198 креирање на нови 50.000 работни места како и економски раст од пет проценти. Тоа значи дека работниците ќе земаат поголеми плати, а економските субјекти ќе имаат поголеми профити“, посочи Стојаноски, и нагласи дека економскиот стандард и економијата се во сериозен фокус на програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ вели дека само со нив има европска иднина, нема враќање во мрачното минато

„Нашата држава нема друга алтернатива. Нашите работници и пензионери немаат друга опција за подобар живот, за достоинствено вреднување на нивниот труд, за посигурна иднина за своите деца и внуци”, порача потпретседателката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, од предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата во Охрид.

Таа додаде дека како што во изминатите години постојано Владата предводена од СДСМ ги зголемуваше пензиите и водеше посебна грижа за сите, така продолжуваме и после 8 мај.

„Вреди“ од Струга: Овој град е запоставен, но ќе биде фокус на идната влада

Причината за лошата состојба во која моментално се наоѓа Струга,според носителот на листа од коалицијата ВРЕДИ на ИЕ5, Салим Сулејмани, е не ангажманот на институциите. Вети дека Струга ќе биде во фокус на идната влада.

„Јас како следен пратеник во Собранието на Македонија ќе се заложам Струга да биде во центарот на вниманието за инвестиции и развој на туризам, економски и инфраструктурен развој“, вели Салим Сулејмани.
Зборуваше и претставникот на Самоопределувањево Македонија, Беким Ќоку, кој рече дека најубавиот град не може да биде најкорумпиран и додаде дека волјата на стружани не се корумпира лесно.

ДУИ и Европски фронт: Мицкоски формира сојуз со проруски и антиалбански партии

ВМРО и Мицкоски официјално прогласуваат коалиција и со партијата Левица на Апасиев и ЗНАМ на Димитриевски, две партии тесно поврзани со Москва и разни проруски кругови, а познати по своите антиалбански позиции, реагираат со соопштение од коалицијата Европски фронт.

„Мицкоски на митинг во Охрид побара македонско национално единство, без други етникуми во државата, за, како што рече, да се тргне државата од рацете на Албанците. Европскиот фронт го потсетува Мицкоски дека Северна Македонија од поодамна го изоде патот на рамноправност, демократија и членство во големото европско семејство ДУИ и Европскиот фронт, како мултиетнички фронт во Северна Македонија, нема да дозволат земјата да се врати во меѓународна изолација, а тоа ќе биде запечатено на 24 април и 8 мај, кога за претседател ќе биде избран д-р Бујар Османи, а Европскиот фронт ќе биде клучот за формирање на идната Влада. Истовремено, ја повикуваме албанската опозиција да се освести и да се престрои со про-европејците и да не стане орудие на руските кругови во земјава“, се наведува во реакцијата.

Левица: Овој пат, македонскиот народ има свој план

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев споделувајќи го промотивното видео за парламентарните избори на социјалните мрежи напиша:

„Со децении веќе доаѓаат со план за власт, да земаат, да пустошат и да крадат. Татковината која ја сакаме ја претворија во перална за нивните црни пари. И сега ќе пробаат да дојдат со нивниот расипан план за власт, но нека знаат – овој пат, македонскиот народ има свој план.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот