Симонов: Дуизираното МНР е заштитнички настроено кон Косово и деструктивно кон Македонија

  • Кординаторот на Секторот за Надворешна политика на Левица Александар Симонов во интервју за порталот интервју.мк беше запрашан за неколкуте скандали кои се склучија во рамки на ингеренциите на Македонското МНР. Симонов зборуваше за лобирањето на македонското МНР во Шпанија за признавање на Косово, потсети на лобирањето кај странски делегации од страна на функционерите од ДУИ за признавање на фалсификуваниот попис, но и за причините поради кои оваа државна институција е нефункционална и застапува туѓи национални интереси. Во прилог ви го пренесуваме овој дел од интервјуто:

– Сведочиме дипломатски активности од страна на македонското МНР во насока на тоа Шпанија да го признае Косово, додека остануваме неми на реални настани во кои премолчуваме жестоки нспади врз македонскиот идентитет, јазик, историја…

Од ваков Министер и Ваква власт, навистина би било чудно да видиме нешто да се прави во интерес на Македонија и Македонците. Ако ја погледнете систематизацијата на Министерството, ќе забележите дека откако Османи е поставен на чело на оваа институција, следи нејзина целосна дуизација. Па така, одлуките за кадровски решенија се носат исклучително како по партиски (што исто така е карактеристично за СДСМ и ДПМНЕ) клуч, така и по етнички клуч (карактеристично за ДУИ) по што, раководителите на одделенијата, како и дипломатскиот кор, назначен по партиско-етнички клуч, не чуствува одговорност кон државата, туку кон партијата што ги „назначила“ и етникумот на што му припаѓаат. 

Од тука и самите кадри и политиките со кои раководат, ерозираат од националниот и државниот интерес и евалуираат во интерес на политичката партија и националната држава чиј етникум тие претставуваат во Македонија. Примерот на застапување на косовските интереси во Шпанија верувам дека не е единствен, но е еден од ретките за кои протекоа информации во јавноста! Веројато ќе се сетите дека истата оваа „дипломатска клика“ лобираше за поддршка на фалсификуваниот попис во европските земји, кој беше спроведен надвор од секој статистички и здраворазумен минимум.

Сега доаѓаме до моментот дека тие треба да ја претставуваат државата во која се назначени и интересот на народот од кој тие се платени. Но тоа не се случува. Тие немаат грам емоција и немаат проблем да се пуштат во преговори и го распродаваат македонскиот идентитет, затоа што кон него не чувствуваат политичка одговорност, уште помалку чувство на припадност или емоционална релација. А, ова, ова не е случајно. Ваквата кадровска политика мислам дека е наметната од некои надворешни центри на моќ кои практично управуваат со македонската надворешна политика, па затоа многу е полесно со ваква дипломатија да распродаваш нечиј државни интереси и идентитет, отколку со дипломатски претставници кои имаат вистински патриотски чувства и одговорност кон својата земја и народ. Затоа од нашето МНР и не ретко забележувате многу поостри, поемоцонални и позаштитнички настроени реакции кон Косово, одколку кон Македонија. Ќе потсетам на една народна поговорка „туѓа нива (земја) лесно се продава“.

Македонското МНР само по себе не е државна институција. За да бидете државна институција, основна ваша задача е да го претставувате интересот на својата држава и својот народ. Политиката што ја води МНР е далеку од ваква.

-Колку македонските граѓани можат сериозно да сметаат на услугите на ДКП во странство, секојдневни се поплаките и незадоволството од третманот на нашите во светот?

Што се однесува до ДКП чинам дека граѓаните веќе се свесни дека тие не можат да се потпрат на нив и нивните услуги. Од поплаките за ДКП што стигаат до нас евидентно е непостоење на волја ниту чувствување одговорност кон своите граѓани дури и за најосновните услуги кои ги дава ова Министерство.

Да потсетам, ароганцијата во ДКП е отидена до таков систем, да вооваа пост-рамковна Македонија имаме случаеви каде луѓе со сериозни проблеми и во безизлезни ситуации ќе побараат помош или услуга од државната институција која е платена и должна да ја даде истата, а наместо тоа добиваат неодговарање на повици или најпровокативно им се одговара на албански јазик, и на тој начин луѓето се лишени од било каква помош од сопствената држава. Ова не ни очекувам да се промени, се додека не се направи целосна внатрешна реформа и промени пристапот на ангажирање работници, односно службеници и назначување на дипломатски и конзуларни претставници, чија работа ќе биде под постојана оценка.