Дефиниција на лудилото, според Ајнштајн, е “кога упорно правиш една иста работа а очекуваш друг резултат“.
Немам друг избор освен дефиницијата да ја прифатам. И тоа откако неброено пати сум ја видел во пракса, и потврдена ми е. Особено овде, кај нас, во Македонија.
Пак според Ајнштајн, две работи се безгранични: “Универзумот и човечката глупост, иако за Универзумот не сум сигурен“.
Па, според ова, јас пред Бугарија, ЕУ и домашната јавност имам доказ дека Македонците постоеле и пред АСНОМ. Алберт Ајнштајн е роден на 14 март, во знакот на Риби, во 1879 година, многу пред 1945-та. Значи, за да дојде до претходно цитираните заклучоци мора да имал пример за проучување на лудилото и глупоста од пошироки размери, а такви примери и докази, во политиката, од нас нема подобри.
Накусо, очигледно Ајнштајн ги набљудувал политичките односи и мисли на Македонците и од тој експеримент создал такви заклучоци за лудилото и глупоста во политиката. Од Ајнштајн, па наваму, Македонија е постојано предмет на европски експерименти. Им се погодил урнекот.
Дека е политичко лудило постојано да правиш иста работа, а да очекуваш друг резултат е постојаното гласање на дел од Македонците, додуша и за утеха помал дел од нив, за СДСМ. Тоа го утврдил уште Ајнштајн, јас само го констатирам.
Гласаа за нив во деведестите, па останаа без работни места, без фабрики, без имоти, фамилиите им се растурија откако родителите станаа стечајци без авторитет пред децата кои им ги преземаа улицата, “невладините“, дилерите и преварантите. СДСМ, како и сега, тоа го нарекуваше европеизација и влез на демократијата меѓу нас.
Таа генерација на деца без родители, потоа, заедно со своите родители стечајци во 2002 гласаше пак за СДСМ откако Црвенковски како менаџер, а Бучковски и Илинка Митрева како клучни министри во владата и Фрчкоски како “правен креатор на Охридскиот договор“ ја изгубија војната во 2001. И сменија устав.
Гласаа и им подарија власт за кое време СДСМ ја албанизираше Македонија со законот за нова распределба на општините па Скопје, Куманово, Кичево, Струга... загубија доминантен македонски карактер, турија подлога за двојазичноста и го фалсификуваа пописот во 2002 за што постои и документ кога претседателот на пописната комисија Зоран Крстевски поради тоа до владата поднесе оставка.
Тоа беше второ сопнување на ист камен. Ама, пошто сме Македонци врз кои Ајнштајн вршел увид при дефиниција на лудилото и глупоста во политиката, за доказ на теоријата се потрудивме да се сопнеме и трет пат. Со Зоран Заев, и СДСМ.
На трета мајка, верувам дај Боже и последна, со СДСМ загубивме речиси се што преостана. А преостана малку од кое, сепак, би можеле да се вратиме во нормала.
Како што е ред и традиција со СДСМ, со Заев и падобранецов Димитар Ковачевски, загубивме државно име, се откажавме од идентитетот и стануваме Курди и Палестинци со кои секој може да се изживува. Пак сменивме Устав и го избришавме АСНОМ како основен државотворен акт на современа Македонија, имавме неуспешен референдум за промена на уставното име па претходно уапсените пратеници од ВМРО беа пуштени на слобода присилени да гласаат за промена на уставното име... Државата остана без институции и без јавен сервис – буквално.
Не е само до СДСМ, тие се што се, отсекогаш биле и ќе бидат тоа: корупција, корупција, корупција... Пушење кај амбасадори да им се замижи корупцијата со испорачување се што ќе им се нарача. И потоа, пак корупција, корупција, корупција. Не, не е само до нив, и до нас е. Прецизно, до тие што ги гласале, и гласаат за нив.
Порано гласаа за СДСМ затоа што се налепија дека ВМРО биле “бугараши“ а нивните партизани, државотворци и ослободители од фашизмот. Падна таа мантра. Видовме кој е бугараш и кој работи, и тоа за кеш, со и за Бугарија, а кој се бори против тоа. И кој го избриша АСНОМ од уставот по што, и де факто и де јуре, СДСМ и најтврдоглавите свои гласачи ги убеди дека нема никаква врска со партизаните.
Па, како збори Ајнштајн: Лудилото е тоа кога упорно правиш една иста работа а очекуваш друг резултат. Нема друг резултат со СДСМ. Има само лудило кај нас кои упорно гласаме за нив и очекуваме дека ќе бидат поинакви. А не биваат.
Гледам постoви на Фејсбук и Инстаграм, некои и со слика со свеќа за покој на СДСМ со напомена - упокоен од Заев, од Ќуран, од бароницата од Дебар Маало Шеќеринска... и набројување на суријата лоповска околу нив.
А под постовите вулкан од коментари на социјалдемократите со поддршка и со свои заклучоци дека “партијата ја покопаа корумпирани и сељачана што ја презедоа...“
Еден од “освестените“ со реакција е и братучедот на Шеќеринска, Никола Наумовски, дека сељачаната и корупцијата ја сотреле неговата партија СДСМ!
Ќе го земам него како пример и доказ за иљадници од СДСМ, секако и ДУИ, кои учествуваа во таа корупција и сељачана која ја уништила партијата. А партијата, како таква, ја уништи државата. И тоа со еден умерен, скромен пример кој објаснува цела епидемија од корупција во нивната власт и лицемерието после поразот.
Тој Никола Наумовски, братучед на “бароницата од Дебар Маало“ Радмила Шеќеринска, беше дел од кабинетот на Петре Шилегов, речеиси заборавениот градоначалник на Град Скопје. Е, тој кабинет исплати 75.000 евра за изработка на интернет сајт за Град Скопје. Сајт кој, никако, не кошта повеќе од 2-3.000 евра.
Поднесена е кривична пријава за сериозно дело “злоупотреба на службена положба“ против поранешниот генерален секретар на Град Скопје Викторија Аврамовска Мадиќ, потоа против Ваљон Салиху, раководителот на одделението за ИКТ инфраструктура Никола Трајковски, како и вишиот соработник Влатко Васиљ.
Да, имате право. Нема ништо од истрагата, со години. Нема ништо и од парите, како што никогаш никој од СДСМ не кажа ни збор за оваа “скромна“ корупција и кражба од нивните. Само една од иљади кражби. Устите им беа полни со кеш, не можеа да зборат. Сега, како им снемува кеш и се празни устата, добија напад од говорење за “корупција и сељачана“ која го закопала СДСМ.
Патем, “сељачаната корумпирана“ која го закопала СДСМ живее во нови куќи кои ги немала пред да дојде на власт, од Рамила Шекеринска до Мила Царовска, од Петре Шилегов и Венко Филипче до последниот дилер и перач на пари од Свирпичино што им вршел работа.
Па, ќе се сопнеме ли пак на истиот камен? За Ајнштајн прашувам, гледа човекот и сака да знае дали уште му е во сила теоријата за лудилото и глупоста на Македонците?
А ако уште сте импресионирани од Заеви, не се грижете. Трајче Заев, Радиша Бојовиќ Заев, Бобан Заев, Вице Заев... имаат десет бугарски фирми од Фарма БГ, Медикал БГ, Ориент Груп, Радиша Треид, Медикал 420 БГ, Фарма ЕУ БГ... Сите бугарски и сите лиценцирани за трговија со Русија. Поштено, и согласно ЕУ. Ќе преживеат некако, ќе се снајдат. Нивниот Зоки е задолжен за кеш, Азија и Африка.
Ако пак на срце ви е Димитар Ковачевски, па заради него ќе гласате за СДСМ иако тој, многу скоро, ќе биде бивши на многу места а не само во партијата, и он мислел на црни денови. Фабрики за струја, тендери во реализација, огромен плац со директорот на катастар за поставување колектори во Преспа... Затоа ние ќе продаваме во странство струја од РЕК Битола за 80 евра, а ќе увезуваме за 250 евра. Се снаоѓаат луѓето, знаат дека вас, што гласате за нив, ве имаат за заштита.
И, кога сме кај Димитар Ковачевски, кој онака потресено држеше час по егзекуција за мој говор на омраза сред собрание и продаваше етика и морал да му кажам: можеби имам некои податоци од неговата службена картичка со која, да речеме во Австрија, купувани се за приватни потреби работи кои не ги носат мажи...
А ни во ЛДП нема да го примат, заедно ќе бидат бивши. По многу основи.
Кога со Заев ја отваравте вратата да влезе мечката во комшискиот двор, требаше да знаете дека оградата помеѓу нас е мала, па мечката ќе рипне и во вашиот двор.
Како почнав, така да завршам, со Ајнштајн: Мерката за интелигенција е способноста за адаптација на промена. Па, да му веруваме на Ајнштајн – да создадеме промени!
Д.П. Латас (27.04.24)