Бранимир Јовановиќ: Работниците не се компири, па да се увезуваат, треба да имаат фер третман

Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии / Фото: „Слободен печат“

Ако пробуваме да извлечеме лекции од ЕУ по ова прашање, првата несомнено би била дека работниците од странство се добри за економскиот раст. Втората, можеби и поважна, е дека не е доволно само да се дозволи влез на работници од странство, туку дека мора да се направи сѐ за тие луѓе да се интегрираат во системот, да им се овозможат сите права и можности, да не се дозволи каква било дискриминација и експлоатација, и да направи сѐ за тие да се чувствуваат прифатени.

За да се пополни недостигот на работна сила, треба да се олеснат условите тие да дојдат во Македонија. Но, тоа не значи да работат во супстандардни услови и за минимални плати, а бизнисмените, домашни или странски, да прават милионски профити, порачува Бранимир Јовановиќ, економист во Виенски институт за интернационални економски студии, со кого разговаравме за пазарот на труд во нашата држава.
Тој вели дека треба да продолжи политиката на зголемување на платите и повеќе да се слушаат синдикатите. Според Јовановиќ, премисата дека државата не треба да се меша во образованието и економијата, дека работите треба да се препуштат сами на себе, дека пазарите знаат најдобро, и дека нивната невидлива рака ќе ги реши сите проблеми, доведе до непочитување на работникот и до бркање многу луѓе од државата.

Дали е неопходен увоз на работна сила?

– Мене воопшто не ми се допаѓа тој термин „увоз на работна сила“. Луѓето не се компири, па да ги увезуваме со камиони. Она за што треба да зборуваме е дали Македонија треба да се отвори за работници што доаѓаат од други земји, и тука одговорот е дефинитивно да.
Но, тоа не треба да биде поради причините што сега се пласираат – нема веќе луѓе да работат во фабриките, па ајде сега да носиме од странство. И работниците да работат во супстандардни услови и за минимални плати, а бизнисмените, домашни или странски, да прават милионски профити. Тоа е нов вид колонијализам и експлоатација каква што нема никаде, на кои сите мора да се спротивставиме.
Но, дефинитивно треба да се дозволи да дојде да работи во Македонија секој што сака, од каде и да доаѓа. Треба да се намалат пречките за тоа, да им се даде поддршка на луѓето што доаѓаат, и да се осигури дека тие ќе имаат фер третман, добра плата и добри работни услови.

Како да се подобри структурата на вработените, според побарувачката на работна сила?

– Проблемите што ги гледаме сега со недостиг на одредени занимања и вештини е одраз на сите наши неуспеси како држава во изминатите 30 и кусур години. Тука мислам и на непочитувањето на работникот и на општото урнисување на државата, кои ги избркаа луѓето од земјата, но и на погрешните економски и образовни политики што беа форсирани сите овие години. Тие беа засновани на премисата дека државата не треба да се меша во образованието и економијата, дека работите треба да се препуштат сами на себе, дека пазарите знаат најдобро, и дека нивната невидлива рака ќе ги реши сите проблеми. Тоа отсуство на стратешко размислување и дејствување нѐ доведе до ситуација да имаме повеќе од сто илјади луѓе во државата што бараат, но не можат да најдат работа, а од друга страна, фирмите да се жалат дека не можат да најдат одредени профили на работници.
Она што треба да се направи за да се ублажат овие проблеми е да се донесе стратегија за економски развој на земјата, која ќе избере кои сектори и индустрии ќе бидат столбот на државата, и во согласност со тоа ќе го постави и образовниот систем. Ако сакаме да бидеме држава што ќе биде заснована на високи технологии, треба да развиваме технички факултети. Ако сакаме да развиваме земјоделство, треба да ги подобруваме земјоделските школи и факултети. Ако сите студираат економија и право, тоа никаде нема да нѐ одведе.

Како да се зголемат платите?

– Некои од мерките што ги презема владата во последниве години по ова прашање, како покачувањето на минималната плата и на платите во јавниот сектор, беа добри. Тие имаа ефект, ги покачија платите, и треба да продолжат, со уште посилен интензитет. Друго што е потребно е да не се привлекуваат какви било странски инвестиции, туку само оние што даваат повисоки плати и нудат добри услови за работа. Исто и за домашните фирми. И најважно од сѐ, треба да се има многу поголем слух и отвореност за она што го бараат синдикатите и сите други што се борат за поголеми права на работниците.

Каква е глобалната слика во ЕУ во однос на вработеноста и каде се вклопуваме ние во таа слика? Дали ќе увеземе работници за да потоа тие отидат во ЕУ?

– ЕУ несомнено се соочува со недостиг на работна сила, веќе со години. Решението што тие го најдоа е да дозволат влез на работници од странство, пред сѐ од Истокот. Според некои процени, речиси целиот економски раст што го има ЕУ доаѓа од имигрантите. Без имигрантите, ЕУ ќе стагнира.
Меѓутоа, ЕУ многу згреши во третманот на работниците од странство. Цело време овие луѓе ги третираше како евтина работна сила, која треба да ги работи валканите работи што Европејците не сакаат да ги работат. Никогаш не им ги даде сите права и можности што ги имаат „домашните“, никогаш не ни проба да ги интегрира овие луѓе во системот. Не сите ЕУ-земји се исти по ова прашање, кај некои тоа е поизразено, кај некои помалку, но секаде се забележува длабока поделеност по оваа линија, на секое ниво. „Странците“ обично одат во послаби школи, живеат во полоши населби и работат во професии што се послабо платени. И тоа креира незадоволство кај нив, гледаат дека не се целосно прифатени од системот, се чувствуваат дискриминирани и експлоатирани, а тоа понатаму продуцира многу социјални проблеми.
Затоа, ако пробуваме да извлечеме лекции од ЕУ по ова прашање, првата несомнено би била дека работниците од странство се добри за економскиот раст. Втората, можеби и поважна, е дека не е доволно само да се дозволи влез на работници од странство, туку дека мора да се направи сѐ тие луѓе да се интегрираат во системот, да им се овозможат сите права и можности, да не се дозволи каква било дискриминација и експлоатација, и да направи сѐ за тие да се чувствуваат прифатени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот